Кон „Случајот Чернобог“ од Катерина Шошко

Дали знаете што е тоа телекинеза? Буквалното значење е движење на предмети со помош на умот. Веќе ви текнува на некои ситуации во врска со ова, нели? Можеби сте прочитале некаде во некоја книга или сте виделе вест на интернет, а поверојатно е дека сте гледале филм со вакви сцени. Сигурна сум дека малку постарите сѐ уште се сеќаваат на виљушката во филмот TIME OF THE GYPSIES (Дом за бесење) на Емир Костурица. Некои од вас можеби дури и ги искусиле во животот овие појави категоризирани како паранормални активности, хм?

Не зборувам за нешто невозможно, во секој случај, барем според моите верувања. Умот како синоним за мисла претставува лична сфера до која никој освен сопственикот нема пристап, затоа велиме дека никој друг не може да знае што имаме на ум. Еден млад физичар, почитуван светски поддржувач на квантната физика, штитеник на Анштајн, телекинезата ни ја објаснува просто како можност да го користите умот во улога на психички апарат за да влијаете врз физичкиот свет. Нели многу често имаме чувство дека некои работи што се случуваат сега ни се случиле и порано или сме ги виделе и претходно? Нема човек што не верува дека постои некоја енергија во соништата што ги сонуваме, а кои неретко знаат да нè поврзат со некого од нашето минато или да ни претскажат нешто за нашата иднина. Тоа е заслуга само на нашиот ум.

Уште кога ќе ви кажам дека оваа тема е псевдоука во книгата „Случајот Чернобог“, дело напишано од наш домашен автор, Катерина Шошко, час поскоро ќе посакате да ја прочитате, а јас ви ветувам дека нема да добиете уплав.

Дејството во овој психолошки трилер се случува во 1980 година, кога еден млад психијатар по име Јан Леви заедно и неговата помошничка Татјана треба да напишат теза за пациентката Елеонора Чернобог, заборавен случај без конкретна дијагноза, долго провлекуван низ психијатриските ходници. Денес, триесет години подоцна, младата надежна режисерка Мона сака да сними документарен филм за феноменот Нора, а преку интервјуирање на д-р Леви сите ние како читатели стануваме директни сведоци на неговите лични искуства со оваа фасцинантна девојка, и како психијатар, но и само како маж.

Да се биде Нора не е лесно. Замислете си како е да не можеш да правиш разлика меѓу сон и сеќавање. Доволно е да си на некое место или да гледаш некого подолго во очи за да почне, за да знаеш. Да видиш во очите на сестра ти како таа ќе се удави во када полна со вода и да не можеш да го спречиш тоа иако го знаеш месеци претходно. Да се потсетуваш на тешки и болни сцени од животот со крвави полумесечинки на внатрешноста од дланките поради постојаното стегање тупаници. Комплетно лишена од родителска љубов, нарекувана изрод, бајачка, вештерка, заземена од нечестивиот, никогаш ни малку прифатена од општеството и само предмет за експеримент на владата. Вечно во затворот сама со себе и своите демони, знаејќи дека и најлудиот човек умира од одземената слобода.

Течното пишување на Шошко направи да се почувствувам како сето тоа што го прочитав да се одигра пред мене. Нејзиното раскажување е пивко и заразно, едвај чекав да го завртам наредниот лист. Ме натера да се стегам и да сум на штрек цело време, во многу од моментите ме пецкаа очите од насобраните солзи за душевната болка на Нора, но имаше и моменти кога искрено ме насмеа нејзиниот ведар дух. Многу ми беше драго што, и покрај сè, успеа да почувствува љубов, онаа емоција што е доволно пати повторена мисла. Еден бакнеж за цел живот. Една прегратка поради која вреди да оставиш сè и да заминеш.

Секако дека нема да ви кажам што се случи со Нора на крајот, а ниту дали Мона ќе успее да го сними документарецот, не. Но ќе ви кажам дека нејзината присутност и енергија ќе ги почувствувате и вие додека навлегувате во вистината на случајот Чернобог и ќе се преиспитате уште еднаш за одговорите што си ги кажавте во себе кога ги прочитавте прашањата на почетокот на рецензијава.

Браво за „Антолог“, за книгите на кои им отстапив една цела полица во мојата мала домашна библиотека, и оваа си го заслужи своето место. Чиста петка, препорака од мене.

П.С. Патем, корицата е баш по мој вкус и ви советувам да го прочитате и она што со ситни букви е напишано на неа.

Марина Серафимоска