„History of Motherfuckers“- Демократијата соблечена!

…За свирепата општествена вистина…

На 17 и 18 јуни поимот демократија колабира пред очите на публиката. Битолскиот театар им одржа светска лекција на политичарите, поткрепена од наодите на познатиот драматуршки дисидент Шекспир.

Претставата замислена како уметничко доградување на класичната структура на сериозната и мрачна шекспировата драма, претставуваше панкерско-анархистичко, но пред сѐ освестувачко доживување за публиката. Започна со една брутално искрена исповед поддржана од економските и трудови разлики кои ги остави пандемијата, за едни мајка, за други маќеа. Ја критикуваше транзицијата и капитализмот, но на таков игрив начин што на лицата на публиката во постојана меѓуигра беа насмевката и горчината, како гледачите да се наоѓаат во спорниот и дубиозен период на Информбирото. Светот навистина е потчинет на двата нагони чијашто важност ја потенцирал Фројд: сексуалноста и агресијата. Оттука една рака на гениталиите друга во стисната тупаница, зарем развојот на цивилизираниот свет навистина се сведува на екстремни демагошки превирања?

Андраш Урбан како вистински војсководец ги поведува петтемина на сцената, храбро, бучно и совесно, со суфлерско скандирање за ослободена утопистичка држава, скандирање сѐ додека не се скинат гласните жици. Вулгарното живеење во голема мера го поттикнува и црниот хумор во претставата, како средство на долгодецениската репресија, ама канализирано во едно парче кое колку што провоцира толку обединува мисла.

Работена според начелото на „Кориолан“, глумците имаа навистина комплексна задача да ги спојат двете временски диференцијали: средновековнoто феудално лудило на завојуваност со сегашната граѓанска послушност, стагнација и закрепостеност. Одличната актерска екипа составена од Иван Јерчиќ, Соња Михајловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска и Викторија Степановска-Јанкуловска ја водеше претставата како низ тунелот на садистичко-мазохистичка предигра, постојано на работ на напнатоста и пионерскиот поздрав за скриениот потенцијал на вистината.

Покрај вообичаениот тек на претставата, окарактеризирана како индиректен државен удар на малоумноста и малограѓанштината, покрај разиграните гласноговорници на Театарот, импозантна беше и скриената симболика: изгореното државно знаме, искршената парламентарна говорница, силата на куповните добра, безобразните владини тендери и заседанијата на Собранието кои на Балканот се вистинско фијаско ала реално шоу.

„Да се работи со Андраш е секогаш искуство за себе. По втор пат работиме заедно и по втор пат се занимаваме со безвременски теми кои сите нѐ засегаат и индивидуално и колективно. Ми беше задоволство што повторно се сретнавме на театарската сцена и најдовме заеднички јазик, што имавме простор да го искажеме сето она што тлееше во нас и кое кулминира за време на пандемијата. Андраш ми значи и како режисер и како човек, и среќна сум што се вратив на театарската сцена по една година пауза, со претстава напишана со неговиот ракопис. Исто ми беше задоволство да работам повторно и со композиторката Ирена Поповиќ Драговиќ, која е еден маркантен човек и неверојатен композитор, со која е секогаш прекрасно да се работи и од која секој глумец може многу да научи. Колегите со кои редовно ја делам сцената дадоа подеднакво свој уникатен печат и огромен придонес за претставата, бевме супер екипа која до крај се поддржуваше и соработуваше. Мислам дека направивме многу силна претстава, таква што допрва ќе одекнува на театарските сцени.“ , изјави младата и надежна актерка Сандра Грибовска.

Без цензура се пееше за „системите кои ни ја е*аа мајката“, од ова завршно музичко парче , впрочем доаѓа и експулзира насловот на претставата, историјата на „демократијата“, која колку и да копнееме да ја претвориме во форма и платформа, се чини ќе остане само фиктивен поим создаден пред милениуми, кој уште не добил шанса за правична примена. Дали Аристотел со својата политичка класификација ни ја „е*а мајката“? Или тоа е сепак граѓанинот подложен на сечија пропаганда, кој не мисли со своја глава, туку мисли насочува кон каде ќе дувне ветерот?

Дали некогаш ќе се ослободиме од ваквите motherfuckers, кои секогаш седат во сенката на тронот, гледајќи како глупавите и чесните ја плукаат крвта и го раскинуваат сопственото месо за нечии идеали, залечени под фластерот на локал патриотизам? Дали претставата ни го потврдува она што длабоко во себе го знаеме? Да. Дали од театарот ќе излезете со сила и желба да ја промените корупцијата, непотизмот, капиталистичката декапитација, миграцијата, стигматизацијата, асимилацијата и фашизоидната желба за насилен прогрес и експанзија? Да. Но дали ќе промениме нешто? Веројатно не.

Во секој случај можеме да придонесуваме во културата како активни учесници, преку бунтот на уметноста, најкреативната и најбезбедна структура во која може да кажеме сѐ, без обезглавено да танцуваме на нов крвав подиум. Како несреќниот крај на Кориолан, на пример.

Културата настанала од сублимирањето на нашите порозни импулси. И таа ќе го спаси светот и неговата историја од попатните лунатици кои ќе се обидуваат да ја соблечат демократијата, затоа што само така гола, народот ја гледа онака како што ја замислува.

*Топла препорака за неконформистите, гледачи кои трагаат по алтернативни и уметнички театарски парчиња, кои вулгарноста и голотијата ја доживуваат како уште еден извонреден акт од перформансот.*

автор: Јована Матевска Атанасова