После една година пауза фестивалот на Монодрама во Битола ја продолжува својата традиција

На општо задоволство, после наметната и предолга театарска тишина, од 22 до 27 јуни ќе имаме можност да уживаме во 22издание на Интернационалниот фестивал на Монодрама кој ќе започне вечерва, со свечено отворање во 20 часот. По тој повод разговараме со Маја Андоновска Илијевски –  Актер и директор на центарот за култура -Битола 

Драга Маја здраво:) со повод и причина гостин во елементал.мк – добредојде

Елементал: Како си?

Маја: Пред сè благодарам за ова интервју, се радувам што постоите, и што будно ја следите културната сцена во едно вакво специфично време.

Јас сум добра, со адреналин кој одамна не сум го почувствувала, во последни подготовки, за отворањето на 22 издание на Интернационалниот фестивал на Монодрама во организација на Центарот за Култура во Битола кој ќе се случи од 22 до 27 јуни.

Театарски фестивал кој за мене лично значи многу, за кој пред две години се изборив да не згасне и да се случи, а следната година ни се случи пандемија … затоа оваа година ја чувствувам тремата како кога прв пат стапнав на сцена:)

Елементал: Одговорноста сега во овие околности да се менаџира театар, а воедно и да се прави театарски фестивал е многу голема. Лани поради пандемијата која не засегна сите нас, фестивалот на монодрама во Битола беше во еден стоп кадар. А оваа година успеавте да се изборите за негова реализација, а и околностите за среќа сами по себе се наместија. Која е вашата силна водилка во вакви услови храбро да креирате и повторно да го создадете Фестивалот на Монодрама којашто и е една Ваша традиција?

Маја: Јас сум директор на Центарот за култура во Битола, и можам слободно да кажам дека ние веќе една година интензивно работиме, и иако протоколите се строги. Нашето мото е дека културата мора да преживее. Минатото лето организиравме 50 Јубилејно издание на Фестивалот за фолклорни песни и игри Илинденски денови Битола, и Фестивал на музика од светот, 10 изложби, летно кино и се во летниот период на отворено, кога имаше услови за тоа. Есента беше помирна и со помалку активности заради ситуацијата, но нашето 3Д Кино во ниеден момент не запре со работа, почитувајќи ги сите протоколи. Но јас сум и актер, и точно актерски знам што значеше една година затворени врати за театар. Актерите се во постојан креативен процес, и година дена е предолг период, за апстиненција и нереализација на тој креативен набој. Актерите го пронајдоа својот модус вивенди, и тоа е мојата инспирација да се организира овој фестивал. Од тука се роди и мотото на фестивалот, зад отворени врати, бидејќи време е да се отвориме за публиката. И затоа што за прв пат во овие 22 години имаме толку голем број на домашна продукција на монодрами. Додека секаде низ светот поголемиот број на фестивали на монодрама оваа година се случуваат онлајн, ние ќе имаме македонски фестивал, со 10 монодрами во официјална програма, еден танц перформанс во офф програма и една премиера на класична театарска претстава во чест на наградените.

Елементал: Раскажете ми малку повеќе за овогодишниот фестивал, кој е репертоарот кој театарската публика ќе може да го гледа? И дали оваа година ќе имаме гости?

Маја: Како што веќе споменав гости нема да имаме, бидејќи до скоро имавме мерки, рестрикции, полициски час, затворени граници, и не само кај нас туку и низ цел свет, па беше многу комплицирано за странските актери да се организираат и да ни дојдат на фестивал. Минатата година фестивалот два пати се одложи и на неколку учесници им пропаднаа и авионските билети. Токму затоа ќе го оставиме присуството на актерите од светот за наредната година, а оваа година ќе ги почестиме љубителите на театарот со претстави на актери од целата држава, актерски, жанровски различни и сите посебни на свој начин. Многу ме радува дека на репертоар ќе ги имаме Гогољ, Чехов, Достоевски, Делибес, Едвард Олби, Семјуел Бекет, Сем Шепард, но особено ме радува присуството на домашни автори како Сашо Димовски, Катерина Момева, Тихомир Јанчовски. Актерите Билјана Драгичевиќ Пројковска, Бобан Алексоски, Стојан Велков, Ефтим Гаурски, Олга Панго, Здравко Стојмиров, Владанка Димковска, Моника Ставревска, Игор Трпчевски, Ѓорѓи Јолевски ќе се борат за наградите најдобар актер, најдобра режија, Гран При на фестивалот и награда од публиката.

Елементал: Во која форма е ставен театарот денес и што е она што им недостига на театарските сцени?

Маја: Театарот денес ја бара својата форма, помеѓу протоколите за работа кои ни се наметнаа изминатава година. Гледавме обиди за онлајн театар, кои беа за почит, но јас не верувам во театар преку екран, во затворени театарски врати, спуштени завеси, исклучени рефлектори, празна сала …, Театарот е жива материја, полнокрвен и страстен, кој се храни со присуството на публиката и се случува во мигот.

Имаме и сме сведоци на мали театарски продукции и постепено враќање на театарската сцена, публиката ни е сè уште преполовена, но и екипите за работа исто. И ќе треба време за да навикнеме дека навистина живееме едно ново нормално, кое јас лично не би го нарекла така, но немаме друг избор освен да го прифатиме. Се надевам дека еден ден кога се ова ќе биде еден далечен кошмар, ќе зборуваме за тоа што сме изгубиле, а што сме добиле, и дека на голема врата ќе се родат нови авторски текстови, претстави, актерски креации, а дека публиката повторно ќе ги наполни нашите сали и тоа не по протокол туку до последно столче.

Елементал: Во Битолскиот театар со полна пареа работевте и во време на пандемијата. Каков ќе биде вашиот концепт на есен, дали размислувате за нови театарски форми?

Маја: јас сум во моментов гостин во Битолскиот народен театар, но со задоволство можам да споделам дека битолскиот театар, имаше 3 премиери оваа година, и веќе работат на четвртата. Се работат претстави со помал број на актери, согласно ситуацијата. Но радоста е навистина голема затоа што долго се чекаше да се створат услови и да се започне со работа, а ние секоја премиера веќе ја доживуваме како театарски празник.

Што ќе се случува од на есен, мислам дека е рано да се зборува. Имам чувство дека штотуку проодевме, и малку е рано да зборуваме за трчање … иако со висок старт веќе сме на патеката наречена театар.

Елементал: Дали сме доволно гласни?

Маја: Јас сметам дека секогаш можеме да бидеме погласни, и треба да бидеме без никаков пардон.Театарот мора да биде огледало на времето во кое живееме.

Пред некој ден ми рекоа, вие актерите сте посебна сорта, многу специфични, бестрашни, бунтовници без причина, и немате влакна на јазикот. Му одговорив ти благодарам, поубав комплимент никој не ми дал одамна!

ОФИЦИЈАЛНА ПРОГРАМА ЗА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФЕСТИВАЛ НА МОНОДРАМА 2021:
                           
22-06-2021,вторник 

20ч. Свечено Отворање
Сала на Народен театар
„ КАРМЕН” по мотиви од романот “Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес

22ч.  Пацио на НУ Завод и Музеј
.„ ДНЕВНИКОТ НА ЛУДИОТ“ 2-Човекојадство“
од Лу Син

23-06-2021, среда 

20ч.  Пацио на НУ Завод и Музеј   
„ИЗБУВЛИВИОТ ЧОВЕК “ Од А.П.Чехов

22ч. Сцена Театар-Бифе
“КРОТКА“ – од Ф.М. Достоевски

24-06-2021 – четврток 

20,00 ч     Сала на Народен театар
„ПЕТТОTO ГОДИШНО ВРЕМЕ“ – Танц теартарски перформанс 

22ч. Сцена на Театар Бифе  
„НАЈЛОН“

22,30ч. Сцена на театар Бифе 
„ЗОО ПРИКАЗНА – од Едвард Олби

25-06-2021 , петок 
   
20ч. Сцена Театар- Кафе  
„ПРВО ЛИЦЕ ЕДНИНА“ – Авторски текст од „Приказни за бунтовни девојчиња“
 
22ч .Пацио на Завод и Музеј 
„ИСМЕНА“ 

26-06-2021, сабота 

12ч.Театарско бифе
Театарски кафе-муабети
Офф програма 

20ч. Сцена Театар -Бифе
„ЛИДИЈА ИЛИ СЀ ШТО ЗНАМ ЗА ЖЕНИТЕ“ – по романот на Тихомир Јанчовски


22ч.Голема Сцена на Центар за култура
„ПОСЛЕДНАТА ЛЕНТА НА КРАП “ – од Семјуел  Бекет

27-06-2021,недела
20ч. Сала на Народен театар 
СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ и Доделување на наградите
Претстава во чест на наградените 

„ЛУДИ  ЗА ЉУБОВ“ – авторски проект на Хари Михајловски,по текст „Луди за љубов“ од Сем Шепард, во режија на Јован Ристовски ,а играат Борис Чоревски, Илина Чоревска, Хари Михајловски и Валентино Апостоловски.