Свечено отворање на Интернационалниот фестивал на монодрама

-За фистулите отворени во дивото месо-

Интернационалниот фестивал на монодрама, со слоганот „Зад отворени врати“, вчеравечер отвори прозорец кон силата на човечките слабости. Третирајќи го македонското творештво, свртени кон националните културни капацитети, сметајќи дека театарот претставува едно најплодоносно жариште во државава, публиката ќе има чест да погледне 12 изведби во организација на театрите ширум земјава.

Двете претстави кои беа прикажани на 22 јуни носеа силна порака, проследени со бравурозна глума и непогрешно режирани парчиња на контемплативна уметност, во кои се поведува сметка до најситен детал.

Монодрамата „Кармен“, со која свечено беше отворено овогодишното издание, во режија на Дејан Пројковски, изведена од моќниот глас на Биљана Драгичевиќ Пројковска го изнесе скршеното срце на една вдовица, чиј поглед кон минатото одеднаш прераснува во кошмар на неостварен копнеж. Работена според романот „Пет часа со Марио“ од Мигел Делибес, оваа претстава во продукција на Драмски Театар Скопје, ја претвора во визуелна граматика на слатко-горчливата страна на бракот и зборовите кои се премолчуваат, често заглавени како безнадежен инсект во потрага по чист воздух и слобода меѓу четирите ѕидови. Заплетканите емоции Пројковска ги пренесуваше со таква огнометна страст, потегнувајќи го неофеминистичкото прашање: Колку жени се обезглавени во сопствените бракови, само затоа што се плашат да ја напуштат комфортната зона и да изиграат еден валцер предводени од ѓаволштината на морално неоправданото? Колку општеството ја потиснува нивната свест за слободен избор, на пример, смешниот каприц за едно мало фиќо, за остварување на жената во себе, но не онаа жена која е мајка и домаќинка, туку сензуалната жена предводена од еротската мечта? Која е преодната точка во заедницата кога малку преминува во многу? Дали животот во инхибирана транзиција е одрамбеноста која Кармен ќе ја спаси од ослободувањето на споите побуни и побуди?

Со емоционална маестралност актерката ги долови фазите на тагата, ги менуваше со фуриозен преплет на мимика и паратимија, терајќи ја публиката да сочувствува со нејзината безнадежност, но и да го осудува изборот кој го направила сама, а изворот на сопствената фрустрација го препишува на мртвиот сопруг. Но ова сентиментално менување и премин од една фаза во друга, го разгори сетилниот брзинометар, туркајќи ја стрелката до максимален притисок, при што се имаше неодложно чувство дека салата на Народниот театар е (де)компресирана комора и сцената ќе се распрсне на микроскопски шрапнели од бујната и силна изведба на Кармен, жената која ги оплакува своите соништа бдеејќи над телото на сопругот. Движењата на сцената беа еднакви на прецизирана кореографија, груби и пресметани, соодветно илисани за монологот на презреаната жена. Марио! Марио! Остана како лелек или можеби извик, прекор, виновен крик, до крај да ја следи наративната крива.

Оваа монодрама е пандан за пропуштените шанси, за човечката експанзија кога неуспешно ќе се котираат амбициите во мали географски размери, за мислите кои при брачната згрутченост се присутни и тлеат, но храброста е таа која симнува капа за да го придуши срцето, срамно огласено низ биеж. За премолченото кое ја дразни женската суета и ја умртвува. За просечниот човечки дух, потребата за прекројување на личносните граници, за неговата потрага по важност, кога прашањето: Што сум направил, неповратно ја изгубило својата прашална форма.

„Дневникот на лудиот“ во режија на Ѓорѓи Ризески, а изведба на Бобан Алексоски, е интерактивна монодрама-Алексоски заедно со публиката го делеше умот натопен во распадната реалност и параноични мисли, го раздаваше великодушно лудилото со публиката, и токму од оваа желба за фидбек беше воочлива резигнацијата и повлекувањето на гледачите, сепак за момент успеа да ја потврди општествената стигма кај луѓето кон психолошките заболувања.

Како и еден театарско-социјален експеримент, можеби трансперсонална изведба на психодрама (поставеноста на сцената потсетуваше на ваквиот терапевтски пристап) монодрамата работена според романот на Гогољ, беше напната и ја држеше публиката во постојан грч и екстаза, усогласувајќи ја општествената догма со одбивањето да се прифати вистината. Аксентиј е прогласен за човекојадец, оттука произлегува Хобсовата левијатанската форма на алегорија на општеството: општеството ги јаде луѓето на свој стресоген терен и бавно, со подмолен и изопачен апетит. Луѓето во која било форма на демократско уредување, се истовремено и маченици и мачители.

Продукцијата на Независниот театар Златен Елец од Скопје беше вистинско освежување, Алексоски се даде на сцената, глумеше виртуозно, како вистински психотичен искушеник, затвореник на бруталните импулси, дозволувајќи на спонтаноста да излезе само тогаш, кога ќе дојдеше ред публиката да биде дел од сценографијата. „Дневникот на лудиот“ го надмина својот книжевен, романописен предок и без сомнеж може да се заклучи дека механиката внесена во изведбата долго ќе се памети, како бескрупулозна тенденција и лудилото да биде прифатено и помилувано за нормалност. Но може ли? Или веќе е? Поразени од самоодржливите нагони, робови на актуелниот консумеризам, народот крваво се вовлекува во пукнатините кои се отвораат дури и во дивото месо.

автор: Јована Матевска Атанасова