Кон музиката на женската револуција

Четвртата вечер (25.06.) го воспеа женскиот електрицитет, болките и радостите кои овие кревки суштества, природата ги обдарила со толерантност. Впечатливи беа и музичките изведби, кои ги поврзаа двете монодрами на своевиден начин давајќи им една унија, покрај женските преобразби и пресечени страсти.

„Прво лице еднина“

Монодрама која е создадена по волшебната книга на Елена Фавили и Франческа Кавало, но и влече автобиографски потпис на актерката. Од аспект на нарацијата таа ја предава приказната на секоја девојка, вклучително и својата, во прво лице еднина, како да доживува просветлување и обземање на телесноста, следејќи ја раскажувачката линија на Дикенсовата „Божиќна приказна“. Монодрамата е комична, на моменти навалува кон олабавување, за потоа да згрми Димковска и да ја пресече интроспекцијата со нов феминистички погром. Ваквата апсолутна вистина за жените и нивните комплекси, за тоа како општеството се обидува да ги потенцира слабостите, со крајна цел милениумското потчинување и родовата сегрегација да останат трајни вредности  за мажите бесконечно да си ги оправдуваат неуспесите… Сѐ тоа и многу повеќе ќе ви овозможи светогледот на синхронизираното женско дуо Димковска-Гунин. Претставата е и нежно склопена, до степен што не ја ограничува возрасната група на публика.

Незадоволни, несреќни, невработени, оставени, одбиени, за женскиот род секогаш се врзуваат епетити кои ја отсликуваат немоќта. Но дали таквите епитети ги коваат другите, или самите ние, жените кои го носиме универзумот во својата утроба, се обезвреднуваме, иако ние сме крвотокот на човештвото, иако ние сме плодот на гревот и плодот на љубовта? Ние, кои сме повикани пред судот на човекот (кој повторно дури и етимолошки носи машка титула) како понежен пол, а трпиме неспоредлива болка за да изведеме нов живот, го продолжуваме генерацискиот опстанок. Од нас, од кои се бара да извршуваме стотици улоги во текот на денот, зарем ние самите не сме актерки во сопствената и секојдневна монодрама?

Гунин преку ковалетни врски ги градира карактерите, служејќи се со познатата алка од полуприказни, чија цел е да го дадат крајниот исход  од заклучно наравоучение преку главниот лик кој се јавува како медиум за овие спорадични карактери во минување.

Режисерката за среќа, пред себе ја имала еластичната  волја на младата актерка, чии наврапити трансформации се евидентни и полнозрачни.  Соработката меѓу двете жени го дава продуктот кој е видлив за  публиката и отпоздравен со најголемата почест за еден актер, овацискиот аплауз.

Доминантна , но и изненадна беше рап обработката на поемата на Маја Ангелоу „I still rise“, преку чија изведба Димковска покажа дека таа ја владее сцената без разлика дали станува збор за рецитал, пантомима или перформанс.  

И што решивте, која жена ќе бидете денес?

„Исмена“

Монодрамата „Исмена“ е органско распаѓање на античката трагедија во почвата на модерната проблематика,  синергиски поврзана со проблемите кои обичниот човек , денес, ги смета како составна состојка од своето постоење.

Амбиентот беше остварен до метрономска прецизност, аудитивните фреквенции со ситната и чкрипата халуцинативност, ја вклучија и публиката во периметарот на менталната тегобност на хероината. Егзотичната музика на Сашко Костов ја подигаше атмосферата  до степен на катарза.

Актерката Моника Ставревска беспрекорно ги одглуми стигматите на хистероидна патологија, нејзината растроеност беше видлива и во дланките кои се грчеа и завршуваа пришиени за главата, како да бараат излез на превалентната симптоматологија или пак, таму да им е местото – да бидат браници на незапирливата бучава. Магистрално ја долови монодрамата и само преку неконтролираните движења, со треперливиот говор на телото.

Исмена се бори да излезе од сенката на својата позната сестра Антигона, која за Исмена го претставува и изворот на а(нти)гон-ија, таа е потчинета, онеспособена да се бори за својот живот по несреќите кои ја обвиваат согорената Теба, без пород, без машка снага и поглавар да го изведе народот од провалијата. Грижата на совест, вината, набрзо прераснува во хистерија(hysterika-матка). Тегобна, онеспособена, изморена, со слаб тонус на одлуки, таа е тело врз кое семејните гревови се вгнездуваат.

Исмена е засрамена од инцестуозноста , од гревовите на својот татко, таа е меланхолична и ваквата покорност режисерката Елеонора Теова ја користи како атрибут за хипербола на одмаздата и меланхолијата, на линеарно одживеаниот век како казна за архаичната и инхибирана вина, без прогрес, без радост, само една пеколна монотонија, дисимулирана во нешто кое би требало да се нарече живот.

Авторката Катерина Момева со буен препев ја нагласува чумата на античкото слепило, кое се случувало и не живеело само во очите на Хомер, тоа чекорело по тебанските улици и сенишно влегувало ноќе во кралските одаи, облагодарувајќи го секој член со различна форма на проклетство.

Но она што ја издигна монодрамата до сензорно уживање беше и гласот на Ставревска, додека ја изведуваше „Две неми птици“ се кршеше каменот во пациото, а душата плачеше, нејзиното пеење ја претстави апокалиптичната Теба, војната и морталитетот, погубувањето на душата.

Колку сме спремни да останеме докрај, додека нозете потклекнуваат на инстинктот „бори се, но подобро бегај?“

Јована Матевска Атанасова