Скопје се враќа на старото нормално

После 1.5 година, Скопје и љубителите на музиката конечно добија можност да се потсетат на старите добри времиња, времиња на музика, концертна магија, на настапите во живо, време на слобода, rock and roll и позитивна енергија.

фото: Стефан Рајхл

На Скопје вчера му се случи исклучителен рок кој присутните сигурно ќе го паметат како посебен. Носталгијата и потребата за музички случувања во живо очигледно беше само мотив плус за безрезервен изблик на позитивни енергии кои доаѓаа и од страна на бендот и од страна на публиката.

Иако со задоцнување во однос на закажаниот почеток, што повторно потсети на старите времиња, како предгрупа се појавија младите и енергични The backdoor band од Охрид кои дополнително ја загреаја атмосферата пред појавувањето на легендарниот ју-рок-бенд Рибља чорба.

Заблагодарувајќи се пред присутните, најавија дека ова за нив е втор настап пред публика после долго време и дека се дојдени да ја пренесат сета својата енергија и музика пред Скопје.

Физичката исцрпеност на Бора, иако видлива, остана во сенка на неговиот умешно лежерен стил. Потпрен на столче, совршено диригирајќи го својот бенд, овој настап го претвори во исклучително енергичен и моќен спектакл.

Мешавината од стари, но и нови хитови, ги размрда сите присутни, од првиот па до последниот ред, наизменично шетајќи ја публиката низ меморијата во која се запишани старите добри времиња и надежта за враќање кон токму таквото нормално.

Официјалниот дел беше предвидено да заврши со “Анџеле” која беше изведена со музички стил и карактеристики кои кореспондираат на бенд кој е на врвот на својата музичка кариера. Желни за музика и уште хитови, публиката буквално го враќаше бендот неколку пати на бис, при што кулминацијата се постигна кога Бора Чорба и бендот ја диригираа публиката и само со одржување на ритам ја натераа од почеток до крај да ја отпее во полн глас ”Лутка са насловне стране”

Иако и тоа делуваше дека е крај, аплаузот и емоциите го вратија бендот уште еднаш, за уште малку од “амстердам”, “авионе сломичу ти крила” и “волим, волим жене”.

Под доминација на видлива енергија и желба за свирење, бендот звучеше прекрасно. Страста кон рок музиката, потребата од сцена и уживањето во енергијата која доаѓа од публиката се за секоја пофалба и потврда дека токму тоа е начинот на кој се докажува заслуженото опстојување на музичката сцена сите овие години.

Со прекрасна организација, одличен звук и светло, Авалон уште еднаш го потврди доброто чувство за она како навистина треба да изгледа еден настан и што навистина и треба на публиката.

Енергијата, емоциите и добрата музика го вратија Скопје и публиката во убавото нормално.

Се надеваме дека само така ќе продолжиме…