MATKA SUMMER NIGHTS- летен сон на естетиката, музиката и ведрото небо

Овој спектакуларен концерт, поттикнат од есенцијалното уживање на сетилата, кои особено ќе ги погодат центарот за слух и вид, во карпестите предели на кањонот Матка и исконските звуци на класичната музика, слушателите ќе може да го проследат на 07.07.2021 година со почеток во 20 часот. Предвиден како гала концерт со изведби на врвни музички имиња од македонската оперска и филхармониска сцена, под мотото „The Lake Can Sing“ претставува екслузивна вечер под отворено небо за љубителите на музиката, доброто вино и сценографијата, сведоци за една неповторлива летна ноќ.

Ваквата сензација, во организација на Центарот за Уметност и Слободно Изразување „Вруток“ се надеваме дека ќе прерасне во традиција, како на сцената, така и во редовите на публиката. Нико Ѓоргиевски, еден од најпознатите тенори на нашите простори, кој воедно е управител на Центарот за Уметност и Слободно Изразување „Вруток“, како и организатор на летниот музички фестивал „Matka Summer Nights“, ни раскажа нешто околу идејата, надежите и реалиазацијата на првиот, од ваков калибар, фестивал на нашите простори, кој слободно би можеле да го споредиме со вонвременските концерти на Андре Риу.

„Кога одев на Матка онака, да се прошетам, секогаш ми доаѓало да викнам или запеам. Или, си велев, да има начин да си ја уклучам гитарата и да удрам едно ЕПСКО соло да го чуе и рајот и пеколот. Толку голем е звукот на Матка. Такво широко и густо ехо не се наоѓа секаде. Ова е храна за душа само по себе, не земајќи го предвид изгледот на местото и воодушевувањата што ги буди секој квадратен метар! Се што прозвучува е како да е вклучено на озвучување, но некој дебело се погрижил за сценографијата. Природата е најдобар создател, и се што сме создале е само земен пример од неа, или некакво подражавање.

После концертите во пештерата Врело, кои се појавија како идеја на сличен начин, кои за жал поради кризата со Ковид19 и мерките што се донесоа во борба против не беше возможно да се повторат, ова никна како идеја: А што ако ставиме музичари на сплав насред езеро?! Овде операта би звучела 10 пати подобро од во било кој театар. И така, си се поврткав наоколу, го повежбав вратот, ги разгледав сите можности, разговарав со неколку одговорни на местото, и се ставив во мисија. Животот е прекраток. Секако, не смее да стане збор за дисрупција на природата и законитостите на живиот свет таму. Пред се, сакав да направам рецитал на вода. Но, на идејата некако и беше тесно, сакаше да расте. И полека ама сигурно стигнав до цел гала концерт со моите драги колеги и пријатели околу мене. Андреј Наунов, мојот долгогодишен музички соработник, од кого имам многу научено и со кој заеднички се роди идејата за концертите во пештера, Калина Велковска – моја многу блиска (ко сестра) и драга другарка, која е крајно талентирана, истрајна, борбена и креативна како музичар и пејач, Полина Тасева – моја колешка од факултетските денови исто така вонсериски талентирана, една од ретките што знае да плива и во оперските и во водите на популарната музика, Сандра Митровска – моја драга колешка во професијата, еден од најубавите гласови што сум ги чул и што мене лично естетски ме трогнува како артист, Дино (со кој бевме колеги и соработници уште од ФМУ) и Ади Имери – двајцата браќа виртуози, секој во својот свет (Дино – пијанист, Ади – Гитарист), чие творештво со задоволство и воодушевување го следам веќе скоро 15 години. Тие двајца за прв пат после толку време и официјално се нафатија на наше задоволство, да творат заедно! И нема да згрешам ако кажам дека тоа што го прават возвишува. И секако, на моја желба ни се придружи една млада, сеуште студент, но несомнено високо талентирана мецосопранистка – Мариана Бошковска. Нејзиниот глас е еден таков божји дар, толку густ, толку силен и моќен, што не смеев да си дозволам да не ја поканам да биде дел од ова.

Од тука натаму, почна патешествието со административните обврски, дозволи, техникалии кои никого не го интересираат. АМА Е ТЕШКО И ТОА ЛУДО ТЕШКО. Нејсе, целта е повисока. Има генерации после нас што ќе имаат нешто што ќе не одржува живи кај нив.

Да не ве чуди? Не добивме поддршка од скоро никаде кога станува збор за спонзорства. Се беше пропратено со фрустрација. Добивме помош во производи кои што ги подаруваме на публиката за да го доживее настанот во полност. Парична поддршка немавме од никаде. Сам си го наводнувам цел хектар земја со чаша вода и една река молитви. Сакам да дадам повеќе, да не мислам дека не сум направил сѐ што можам пред да ја доцедам Пандорината кутија од последната капка надеж и да тргнам пат кон негде кај што не ќе мора цел живот да пазам да не ми испари и таа последна капка.

Да ви го нацртам платното. Пеачите се на сплав во езерото. Озвучени доволно за да го разбудат ехото од клисурата. Публиката седи во чамци и катамарани во водата и во ресторанот Матка, на работ од терасата и во барот, од кај што се гледа цело езеро, со вино од Винарска визба Милев и од Тиквеш и со канапе за мезе од Пекабеско вклучено во билетот. Има место за публика и на клупите пред манастирчето „Св. Андреја“ кое срдечно ни беше дозволено да го користиме од Г.Г. Стефан. На самрак, додека уште се гледа, во 20.00 почнува концертот. Како се стемнува, така се пали сценското светло и се спушта магијата над местото. Познати оперски арии и дуети и мјузикл песни и дуети што ја ежат кожата ќе ги разгалат и луѓето и карпите и во водата ќе останат запаметени, оти водата памти.

Настрана од романтичната слика, да запазиме и една друга која е многу важна. Вниманието што треба да се привлече на тоа место, за конечно некој кој е компетентен да застане и да го чува и штити како што е редот. Пред се како природно национално богатство и наследство, а потоа и како туристичка дестинација, бидејќи туризмот е најдоходовната гранка на државата. Бизнис климата што се створа на ваквите настани треба да биде посакана од секој паметен бизнисмен. На настанот сме почестени со присуството на амбасадорката на САД, амбасадорот на ЕУ мисијата во Македонија, Швајцарскиот амбасадор и други претставници од дипломатскиот кор.

Од тука натаму, што да се очекува и да се сака повеќе од тоа ова да не застане. Никогаш. “

Билетите можат да се набават на www.bileti.mk

НАСТАНИТЕ ГИ ПОЧИТУВААТ СИТЕ ПРОПИШАНИ МЕРКИ И ПРОТОКОЛИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ, КАКО И ЗАКОНИТЕ ПОВРЗАНИ СО БЕЗБЕДНОСТ И ЗАШТИТА И ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НА ЛОКАЛИТЕТОТ.

Јована Матевска Атанасова