Најдобрите романи од екс-ју автори во издание на Антолог (1)

Просторите на поранешната Југословенска Федерација, не само што се еднакво интригантни поради социјалистичкото уредување, кое довело до создавање на неповторливи вредности, но и разурнувачки спомени, туку и се богато тло коешто овозможило да се развијат различни литературни кројки, носени од мастилото на Иво Андриќ, Петре М. Андреевски, Десанка Максимовиќ, Бранко Копиќ… Но денес, наследниците на ова недобројно литературно богатство, кое се чини се пренесува со поколенијата на југословенскиот ген зазема нов волумен во светски рамки и претставува неодложно возење помеѓу страниците.

Со чесен пионерски поздрав, први ви ги претставуваме мајсторите: на југословенскиот трилер- судијата/писател Миодраг Мајиќ и експлицитниот аранжер на стилски и сентиментални сеќавања- филмологот/писател Горан Трибусон.

Деца на злото- Миодраг Мајиќ

„Деца на злото“ е прв роман на човекот чии јавно искажани ставови секогаш создаваат лавина реакции во соседна Србија. А сега донесува вистински потрес и во светот на литературата!

Во средиштето на романот се наоѓа едно драматично убиство, а потрагата по сторителот ќе доведе до низа други настани, кои ќе откријат дека станува збор за злосторство од страст, одмазда, опомена и симболика.

Како да се пронајде виновникот во свет во кој вистината е изобличена, а минатото на јунаците е вткаено во нивната сегашност со нераскинлива поврзаност со злото?

Никола Бобиќ, белградски адвокат, ќе се обиде да пронајде одговор на тоа прашање, не насетувајќи дека одговорот засекогаш ќе го промени.

Оваа приказна се однесува на сите нас бидејќи во неа ќе пронајдеме рефлексија и на нашата општествена стварност. Но, што е уште поважно, ќе го пронајдеме изгубеното зрно надеж.

Дури и во систем длабоко изгребан од корупцијата има место за херои.

Книга сместена на самиот раб помеѓу два жанра: трилерот и демократска (не)фикција, Мајиќ создава литературен феномен на Балканот, чии веледимензии го распрснуваат како шрапнел до сечиј читателски вкус.

Островот на пеликаните- Миодраг Мајиќ

Уште една крими-драма што е сосем поинаква од која било книга од тој жанр.

Мајиќ уште еднаш докажува дека перото во негови раце станува помошно крило на слободата, резервен патрон на културна артилерија, кое споено со имагинацијата и историјата, го става народот пред завршен чин: соочувањето, зад чија судница заседава врховниот ревизор, совеста.

Дејството ги следи судбините на двајца млади Роми, кои по игра на случајноста завршуваат во судница и доживуваат пресуда што отвора низа настани што никој не би можел да ги замисли.

Приказната за Ајша и Габриел, за Павле и Јована, е приказна за џелатите што стануваат жртви и жртвите што стануваат џелати на сопствената судбина. Тоа може да се претвори во сечија приказна, но уште веднаш се однесува на секого од нас. Токму затоа оваа книга ќе ја прочитате во еден здив, а силуетите на нејзините јунаци ќе се вкотват длабоко во вас.

Мајиќ никогаш немал шанса да одговори на обвинувањата против него. Не го сторил тоа зашто се држел до професионалниот кодекс и не сакал да зборува за случаите на кои судел. Наместо да ги толкува површните напади, судијата одговара со нова книга, која не само што претставува книжевно дело туку е и посебен чин од кој треба да учиме како да се бориме на правилен начин.

„Островот на пеликаните“ носи надеж дека борбата за општо добро секогаш има смисла.

Историја на порнографијата- Горан Трибусон

Опколена со расцутот на светот, времето на децата на цвеќето, мировните корпуси, последица на војните создадени за да се продава оружје и да се развива експерименталната медицина, оваа ведро сплетена книга е сатиричен глосар за транзицијата на онтогенетскиот развој на човекот, но и филогенетскиот паралелно, неговите подеми и падови на лично поле, додека светот наоколу ги руши и подига кордоните.

„Историја на порнографијата“ е прекрасна и топла приказна што го следи растењето на една група пријатели од нивните најрани денови до стапувањето во брак. Пред нашите очи паралелно изминуваат сите настани што биле важни за нив од 1950-тите до 1980-тите години – појавата на првите рок-плочи, долгите коси, увозните фармерки, љубовите, политиката и, на крајот, порнографијата, која е некаков изместен лајтмотив на целата книга.

Трибусон е брилијантен во детаљот и во водењето на приказната, духовит во поставувањето на дијагнозите и сугестивен во оцените. Читателот во речениците на неговиот раскажувач ги чита сопствените коментари. Сите тие порано поинакви луѓе, успешни или неуспешни, почитувани или презрени, од своите животи го направиле спротивното од тоа што имале намера да го направат.

Клуб на обожаватели- Горан Трибусон

Југоносталгична одисеја низ новоскроениот универзум на бескрупулозност и изместени морални вредности, неколку грама копнеж по минатото во депресивен сооднос со сегашноста, ја гони идејата на хиерархиско скршнување, достапноста на светот преку неколку кликови кои честопати завршуваат фатално по суетата или интимата.

Маргините на градот се преплавени со приказни. Друштвата што произлегуваат од нив сами по себе се книжевни ликови. „Клуб на обожаватели“ донесува четири раскази во кои се раскажуваат неколку необични судбини, смешни и полни со пресврти, судбини за неколку веќе средовечни другари од приградската населба Плинара.

Педесетгодишниците ги свлекоа фармерките, ги заврзаа сложените јазли на вратоврските, некои од нив тешко се разболеа и се соочија со фактот дека ветувањата биле празни и дека гротеската е единствената работа што има шанси во светот што толку сериозно се занимава со работи што ним им изгледаат трагикомични.

Со својот однос кон минатото и зборувањето за сегашноста, „Клуб на обожаватели“ потсетува на најдобрите страници на Трибусон, авторот што со своето чувство за доловување на стварноста и живописноста на дијалозите ги исполнува централните простори на хрватската проза свртена кон секојдневјето.

Подготвува: Јована Матевска Атанасова