Заврши 15-ти Јубилејно издание на Локум фест

Со величенствениот  настап на КУД Илинден со  музичко – сценски перформанс „ Приказни од чаршијата“ заврши 15-ти Јубилејно издание на Локум фест – музика и традиција 2021.

Во рамките на дополнителната програма се оддржа традиционалниот „Саем на ракотворби“ со ЗУР Македонски ракотворби кои презентираа дел од нивните креации инспирирани од народната традиција.

Посебен куриозитет претставуваше  изложба на раритети , особено за прв пат промовираниот „Грамофон на Манаки“ како и  автентични фотографии од боемскиот живот во Битола, изданија и фонографија од богатиот фонд на Државниот архив – одделение Битола. Вечерта беше дополнета со музички настапи на чалгиски и други групи кои настапија во разни локалии низ чаршијата.           

Петнаесетото издание на Локум фест , покажа дека постојаното вложување во културата , истрајноста и програмската иновативност ја прави културата конкурентна противтежа на масовната естрадна „култура“ и е вистинско освежување за публиката која е заситена од естрадизација. Останува надлежните и останатите фактори на одлучување да го препознаат јавниот интерес и да го поддржат истиот во насока на градење на квалитетен ,  оддржлив и препознатлив културен дискурс на локално и национално ниво.