,,Драма изгубена во времето“ – новата театарска претстава на Театар Куманово

,,Драма изгубена во времето“ е новата театарска претстава на Театар Куманово

“Да се работи драмски текст од домашен автор секогаш е задоволство, а и предизвик, особено ако пред вас се наоѓа дело кое зборува за актерот како уметник, а во исто време и за актерот како човек. За овој, нашиот актер, кој создава и твори на оваа почва и се занимава со сите дневни, актуелни прашања и проблеми на денешницата. Оваа претстава се занимава токму со тоа, колку актерот може да живее еден нормален живот и дали реалноста, секојдневието одмагаат или придонесуваат кон неговата креативност на сцената. Каде, како и во кој момент тие два животи се преплетуваат, работат еден за друг или си пречат. Живееме во епоха на интернет и брза храна, па си го поставуваме прашањето “Кој уште оди во театар да гледа романтични трагедии за промашена љубов?“ – вели Кети Дончевска Илиќ

“Во време на општа помама по материјалното, во време на наметнување на правилата на глобализмот и трансхуманизмот, некаде во некоја чекална, се одвива нашата драма. Двајцата протагонисти се “изгубени во драмата“. Нивната меѓусебна љубов за секого од нив се одвива во различни времиња. Тие не живеат во исто време. И покрај улогите кои им се дадени од ѓаволот сепак, тие имаат божествена мисија да ја вратат љубовта, која патем ја губат. Ова не е само ламентирање за младоста и потрага по патем изгубената љубов. Има тука и правила, но тие се театарски правила кои тешко се почитуваат во животот. Ова е обид како една рефлексивна поезија да се преточи во драма, а да не се обремени со секојдневни баналности. Сепак, таа, поезијата ќе го спаси светот. Убавината е над се! Страста е магија која не се објаснува!“ – Горан Илиќ  

Претставата ќе се одигра во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ со почеток во 20 часот.