Фестивал на неми и класични филмови во Кинотека од денес до 16 Август

Проекциите на класични филмови и наслови од ерата на немиот филм во Кинотеката веќе прераснаа во Фестивал на неми и класични филмови. Кинотеката за августовската програма, во периодот од денес до 16 август избра неколку наслови кои биле целулоиден, 35 мм, печат на времето, а денес ги гледаме во нови формати и во нивните дигитални и реставрирани верзии.

На платното во летното кино во Кинотеката ќе може да се погледнат иконите на францускиот „нов бран“ До последен здив” (À bout de souffle / Breathless) од 1960 на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard), 400 Удари (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) од 1959 на Франсоа Трифо (François Truffaut), “Еден човек и една жена” (Un homme et une femme / A Man and a Woman) од 1966 на Клод Лелуш (Claude Lelouch), како и трилогијата на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови “Звенигора” (1928), Арсенал (1929) и “Земја”(1930).

Од кинотека соопштуваат дека дел од овој кинотечен фестивал  се и кино-журналите филмски новости: Приказни од Македонија, потоа Галичник на Сифрид Миладинов од 1940, германско-францускиот документарец Со грците на огнената линија (With the Greeks in the Firing Line) од 1913, како и колажот од домашни видеа снимени на 8-милиметарска лента групирани под наслов Тајните архиви на градот: Втора приказна – и се дел од селекцијата наслови поврзани со домашната кинематографија – професионална и аматерска.

Фестивалот на неми и класични филмови ќе започне денес во 20 часот со проекцијата на филмскиот проект Тајните архиви на градот: Втора приказна, а веднаш потоа ќе биде прикажан филмот До последен здив (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard). На 11 август, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија (дел од проектот Прибирање материјали од странски архиви), по што ќе следува проекција на филмот 400 Удари (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) на Франсоа Трифо. На 12 август со почеток во 20 часот ќе биде прикажан филмот Еден човек и една жена (Un homme et une femme / A Man and a Woman) на Клод Лелуш.

Фестивалот ќе го започне проектот ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: ВТОРА ПРИКАЗНА, проект на Вардар Филм чиј автор е Катарина Габунија, а е финансиски поддржан од Град Скопје и реализиран во соработка со Кинотеката. Станува збор за продолжение на првиот, од публиката многу позитивно прифатен и гледан  колаж од снимки направени на 8-милиметарски ленти, кои беа собрани преку јавен оглас. Снимките се направени од граѓани на Скопје кои ги забележале приватните моменти од своето секојдневие на филмска лента, и тие аматерски, домашни филмчиња од 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век од страна на Габунија и нејзината екипа се дигитализирани, тематски групирани, озвучени и организирани како приказни за градот и животот во него, посочуваат од Кинотека.