Впечатлива приказна за пријателството и припаѓањето

Делфин де Виган во своето најуспешно дело, романот за млади „Но и јас“, пишува за две млади девојки и нивното меѓусебно пријателство и на повеќе од двесте страници го опишува вистинското значење на домот, семејството и пријателите.

Лу Бертињак е девојче што поради низа семејни и други околности прерано созрева и со својата и онака висока интелигенција ги посетува вишите класови во гимназијата на само тринаесет години. Несфатена е од другите, нема пријатели, единствено се дружи со Лука, момчето што е по малку различно, како неа, но девојките многу го сакаат.

Секојдневјето на Лу се променува кога за училишниот проект се пријавува  да зборува на тема за бездомниците. Истражувајќи ја темата, Лу често навраќа на железничката станица и ги набљудува бездомниците. Таму еден ден ја запознава Но, осумнаесетгодишна девојка од улица, која ѝ приоѓа како и секоја просјачка, барајќи ѝ цигара. Се погледнуваат и во очите на двете девојки се случува нешто огромно и битно, се случува пријателство на прв поглед. 

Меѓу Лу и Но се раѓа пријателство, срамежливо, но искрено.  И како што напредува дејството, сведоци сме на растење и развој на тоа искрено пријателство, чисто како солза, кое останува неприфатено од родителите на Лу, па и од целата средина каде што живеат.

Драмата започнува кога Лу одлучува да ја „припитоми“ Но, па, и покрај условната согласност од родителите, не се двоуми и побрзува да ја вдоми во своето семејство. Нарацијата ги следи приказните на двете девојки, паралелно секоја живеејќи во својот свет, но и онаа приказна што ја создаваат заедно, како пријателки, она парче среќа што го чувствуваат двете кога се заедно.

Книгата отвора прашања како социјална нееднаквост, припаѓање и прифаќање во туѓата средина, приспособување и интегрирање во туѓо семејство, како и сите проблеми што произлегуваат од таквите односи.  

Можеме да отвораме и да одгатнуваме многу прашања: дали на Лу ѝ е потребна Но или пак на Но повеќе ѝ требаат заштита и љубов, па затоа ја наоѓа Лу како своја поткрепа? Како и да е, преку релацијата меѓу двете девојки, романот навлегува во психосоцијалните лавиринти на бездомништвото, но допира и до емотивните рани што остануваат кај децата растени без родителска и семејна љубов.

Бездомништвото е процес што ги опфаќа лицата што само ограничено се вклучуваат во општествениот живот, а се ранлива категорија поради немањето живеалиште и живеењето во несоодветни услови. Најчесто во оваа категорија влегуваат поради нарушени семејни односи или смрт на блиските. Но, и покрај тоа што државата ги згрижува децата без родители, со наполнети осумнаесет години тие се оставени сами на себе. Ги немаат поддршката ниту сигурноста што им се потребни и поради недостигот од емотивна блискост и родителска љубов во раните години, подложни се на многу зависности и девијантно однесување.

Иако науката го потврдила ова, за жал многу тешко се наоѓаат начини да им се помогне на ваквите млади лица.

Роман што ќе ве натера да посакате да се вратите во младоста и да ги поправите грешките што сте ги направиле, не знаејќи дека на светот му требаат вашата љубов, вашата прегратка, топол збор некому, а вие не сте го направиле тоа.

„Но и јас“ е парче љубов, пријателство и среќа распрсната меѓу бескрајните ходници на социјалната заштита во современото општество. Грст младешки оптимизам дека може да го поправиме светот, да му се избришат несовршеностите, да нацртаме нова скица и да го обоиме во поведри бои.

И да, младите заслужуваат таков свет, не само во своите фантазии. Кој вели дека таквиот свет е илузија?

Елена Конеска Светиева