Италијанскиот филм „Стаклено момче“ го отвора 9. „Џифони Македонија“

Филмски проекции, дискусии, креативни работилници по деветти пат ќе бидат дел од Филмскиот фестивал за деца и млади Џифони Македонија“. Од вечерва (7 октомври) до 12 октомври во Скопје, на добро познатите локации во Кинотеката и во Младинскиот културен центар ќе се слави филмската уметност.

Фестивалот ќе биде отворен вечерва во 18 часот во киното „Фросина“, со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“.

Темата на фестивалот годинава е „Подобрувајќи го светот“ (Improving the world). Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници по нивен интерес – за филм, фотографија, анимиран филм, новинарство, дигитален дизајн и ликовна. Секое дете-учесник во својата категорија ќе гледа по четири филмови, после кои следува дискусија за истите. Годинава ги воведуваме и т.н хабови, во кои 50-ина средношколци од пет града ќе ја следат програмата на фестивалот онлајн. Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони на италијанското издание на фестивалот во 2022 година.

На наша голема радост за неколку дена беше пополнет бројот на учесници, кој годинава моравме да го намалиме, односно изнесува околу 180 ученици основните и средните училишта од градот заедно ќе гледаат филмови и ќе учествуваат на креативни работилници, мастеркласови и други интересни содржини – рече Дарко Башески, директор на фестивалот, на вчерашната прес-конференција што се одржа во Кинотеката.

На програмата годинава ќе има 17 проекции на играни филмови, 28 кратки во официјалната програма. Секој ден проекција, дискусија, а во вечерните часови во Кинотека ќе има програма „Џифони +“, која е фокусирана на односите меѓу децата и родителите, инспирирана од „Џифони Италија“ и нивната програма „Parental experience“.

Оваа година имаме богата програма, која ни малку не се разликува од годините кога немавме рестрикции, рече Деа Крстевска Тамборини, програмски директор.

-За учесниците од другите градови организираме т.н  хабови со пет средни училишта од Прилеп, Куманово, Охрид, Маврово-Ростуше и Кавадарции, а покрај нив онлајн ќе се вклучат и 30-ина учесници од странство: Италија, Хрватска, Полска, Романија. Македонското издание се роди како идеја да се пренесе италијанското искуство кај нас. Сведоци за успехот на нашиот фестивал се младите кои сега се студенти, дипломирани, успешни во филмската и креативната индустрија, кои своите таленти ги откриле токму на „Џифони Македонија“.

На прес-конференцијата се обрати и заменик-амбасадорот на Италија во Македонија, Марио Дe Роза.

-Многу сум среќен што сум тука затоа што потекнувам токму од крајот на Џифони и во младоста бев дел од него. „Џифони“ е можеби најважниот извозен културен продукт од југот на Италија, а секако ова не е единствената наша сорабтка. Годинава се подготувава петта програма за соработка во областа на културата и образованието помеѓу Италија и Македонија. „Џифони Македонија“ постои 9

години во Македонија и ова не е само филмски фестивал, туку е простор и место за културна размена, дијалог меѓу младите на теми што не се отвораат дома и на училиште. Фестивалот ја преживеа кризата и ние ја продолжуваме нашата заложба за негово постоење заради младите – вели Де Роза.

Среќен сум што повторно се вративме во Скопје, благодарение на упорноста на некои институции, како што се Министерството за култура на Италија, како и секторот за филмска индустрија во Министерството, рече Марко Чезаро, проект менаџер за „Џифони Македонија“ од страна на „Џифони Италија“.

-Тука сме за младите што го сакаат „Џифони“. Во 2020 ги одложивме сите меѓународни проекти, освен „Џифони Македонија“. Сето ова е само подготовка за следната година и 10. јубилејно издание кога се надевам дека ќе бидеме побројни и без маски – рече Чезаро.

Тој најави и нов проект за млади луѓе за средношколци и студенти за размена на средношколци и студенти меѓу двете земји.

Гостин на фестивалот е и Јакопо Губитози, извршен директор на „Џифони Италија“.

Во рамките на фестивалот, во селекцијата на Кадети и Сениори, актуелниот амбасадорот на Италија во Македонија Андреа Силвестри ќе одржи мастер-клас на темата дали стрипот и цртаните можат да се користат како пропаганда? Розарио Минервино, селектор од „Џифони Експериенс“, ќе зборува на темата каков е предизвикот да се избира соодветен филм за младите џифонци. Ќе биде прикажан филмот „Јас сум тука“ на Стефан Божиновски, а по него и дискусија и средба со авторот. Ќе биде раскажана приказната зад „Марви продакшн“, зад која стои група ентузијасти џифонци. Ана Андонова ќе се претстави со нејзиниот нов документарен филм „Лили“.

Фестивалот ќе биде затворен на 12 октомври со прогласување на победниците, а традиционално ќе биде прикажано сработеното од сите денови.