“Искреноста и вистинитоста се гледаат и во животот и во уметноста”– одблиску со Ана Стојаноска

Диши

Ова нашево, речи го љубов или грешка,

има свои траги во Пеколот,

колку и да му е Рајот дестинација.

Исчисти ги старите книги од прашина,

пресованите цветови,

ќе мирисаат на нас во пролет.

Нема простор меѓу нас

освен погрешно време.

Во колку димензии заспиваш,

ако се будиш крај мене?

Фотографија Дејан Сајковски

Одблиску во Елементал на наше големо задоволство Ана Стојаноска – Професорка, писателка, теоретичарка.

Авторка на деведесет студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Во 2019 година стана член на Друштвото на писатели на Македонија. Членува во повеќе здруженија и организации фокусирани на истражување на книжевноста и театарот.

Родена во Прилеп, пред 44 години, од татко – сонувач, иноватор, обожавател на сè што е убаво, за мене татко што ме научи да се борам за своите права и да се грижам за себе и мајка – преубава, сериозна, праведна и правична, посветена мајка на семејството, од која го имам односот кон светот и грижата за онеправданите. Постара сестра на еден брат, од кој учам да сум тука секогаш кога треба за тие што ги сакам. Мајка на еден син, од кого учам дека светот може да се толкува и преку игра и смеа. И вака – така цел живот учам од другите и ги учам другите. Пораснав со многу музика, од концерти на концерти, од дискусии за уметност до расправии за омилени албуми. Секогаш знаев за себе дека сакам да сум писателка, моите љубови се книги, театар, филм, музика … и знаев дека сите овие приказни во мене, треба некако да најдат излез и да бидат напишани. Завршив Гимназија во Прилеп, дипломирав Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со една прекрасна генерација колеги со кои заедно пораснавме, магистрирав и докторирав Театрологија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што предавам и денес.

Прашања:

Елементал: Ана здраво и добре ни дојде во елементал на еден убав разговор. Драго ни е што си овде.

Нема да кажуваш гласно и силно „те сакам“,

нема да се радуваш како мало дете на летен дожд,

нема да сакаш сè и веднаш,

и ќе одмолчиш.

Проза, поезија, роман или како што велите вие пишувањето е игра со зборови, па кога ќе се погледне вашата креација на создавање, се добива впечаток дека вие и те како знаете да се заиграте со зборови кои ги преточувате во приказни и тоа вешто умеете да ги сместите во различни фолдери, односно жанрови. Па кажете ми која е онаа ваша силна водилка кога создавате едно дело и дали некогаш можеби ви пречи што на некој начин емотивно се „оголувате“ пред вашата публика?

Ана: Благодарам на поканата да сум дел од „Елементал“, пријатно е и автентично чувството, да зборуваш за работите што ги сакаш. Пишувам затоа што не знам друго да правам. Добро, за да преживеам знам многу работи да направам, меѓутоа, пишувањето ми е живот. Ако не пишувам, како да не живеам. Сакам да пишувам. Игрите со зборови ми се некако најприродната игра. Го сакам македонскиот јазик, сакам да создавам нови зборови, сакам да отпретувам стари заборавени зборчиња, сакам да создавам приказни, сакам да ги оживувам ликовите, да сликам, музицирам, играм со зборовите. Соголувањето во уметноста е дел од уметноста. Без соголување – емотивно најчесто – не постои уметност. Не сакам половични, комфорни, оградени, млаки состојби, емоции, пријателства, љубови, уметности! Затоа може не ми пречи тоа соголување. Затоа што и во животот сум таква. Бирам пред кого и што кому давам, а кога давам тоа треба да е од душа со сите сетила.

Елементал: Сите ние трагаме по искреноста и вистината, но за жал живееме во свет со малку изместени вредности. Колку вие како човечко битие се залагате да ги негувате вистинските вредности, а истовремено и да ги препознаете и колку е важна искреноста во делата кои се создаваат?

Ана: Не знам како поинаку. За некого наивно, за некого непрактично, меѓутоа, мојот начин на живот е концентриран околу искреноста и вистинитоста. Првата работа што им ја кажувам на моите студенти е немојте да ме лажете. Сè ќе се договориме и секој проблем ќе го решиме. Верувам дека во секој од нас има добар човек. Дека секој има причина зошто се однесува така како што се однесува. Во животот сакам да ја работам својата работа најдобро што знам со верба дека кога сите така би работеле, би станал светот поубаво место за живеење. Верувам во она што го говореше Маргарет Мид, „Немојте да мислите дека мал број луѓе не можат да го променат светот, токму тие го прават тоа“. Да, живееме во изместено, тешко време. Време во кое сме заборавиле да сме луѓе. Време во кое ни е сеедно за сè, време во кое тешко се поместуваме од личниот комфор. Затоа е предизвик да се живее на ваков начин. Сепак искреноста и вистинитоста се гледаат во животот и во уметноста. Веднаш се препознава кој уметник твори вистинито, а кој е „поза“. Ако не создаваш уметност искрено, од внатрешниот порив, тогаш подобро не се занимавај со уметност!

Елементал: Растевте, созревавте и учевте од големите Влада Урошевиќ и Коле Чашуле, како што вие го нарекувате вашиот втор татко. Дали они се главните „виновници“ којшто ви ја пренесуваат љубовта за пишувањето?

Ана: Љубов за пишување во мене имало отсекогаш. Таа љубов не се пренесува. Се негува. Порив за пишување имало, има и ќе има секогаш. Но, човек е благословен, ако околу себе има учители (во основното значење на зборот) што ќе го водат низ животот. Јас ја имав привилегијата да имам двајца големи писатели како патоказници низ животот. Професорот Влада Урошевиќ на факултет и подоцна мојот втор татко Коле Чашуле. Од нив научив многу, од нив научив како да го негувам поривот за пишување, како да се носам со светот наоколу и како да ја бранам својата уметност. Благодарна сум што имав толку добри учители. Како што за да бидам добар професор учев од професорката Јелена Лужина, професорот Владимир Милчин, на постдипломски студии, така за да бидам подобра писателка учев од нив.

Извадок од „Јас и Лин, отпосле“ (прво издание „Блесок“, 2016, второ издание „Култура“, 2020)

24. ПРОЛЕТТА ВО ДОМОТ НА ВЕРОНОВИ

Гледам долго во екранот. Не можам да читам. А би било добро кога уште еднаш би си го прочитала романот. Морам да го имам прочитано уште еднаш пред да му го дадам на издавачот. Треба да го прочитам уште еднаш коректорски. Гледам во компјутерот. Си го гледам одразот. Ова не сум јас. Ова се контури на моите солзи. Слушам музика што боли. Една чудна жена што пишти од болка. Како мене. Како јас кога мислам на Лин. А, надвор врне. Како да дошол крајот на светот, а јас седам во мојата арка и го чекам исчезнувањето. Го сакам дождот.

Елементал: Ќе ве вратам малку во минатото и за вас еден многу значаен период, посебно во вашето креативно изразување. Вашиот прв напишан роман „Јас и Лин отпосле не само што допре до книжевната публика, туку остави своја, трага и специфичност со ретка форма и јазик на создавање со свој печат и препознатливост. Го пишувате на свои 26/27 години. За овој роман, една година после неговата промоција, добивате награда Рациново Признание во 2017-та година. Како денес гледате на овој роман и дали ја претставува вашата светилка, односно Вашето огледало како инспирација за нови приказни?

Ана: „Јас и Лин, отпосле“ го напишав како обид – експеримент да видам до каде можам да одам со пишувањето љубовен роман, а да не завршам во патетика. Освен што приказните за моите книги живеат во мене и бараат начин да излезат, со секоја книга си правам сопствен предизвик и експеримент. „Дијалози во еднина“ е експеримент да се напише приказна/нарација без нарација. Да се раскаже нешто толку моќно низ дијалози, структурирани во 3 циклуси: Сонце, Сон и Месечина. „Потпис: Трепетлика“ е повторно структурирана низ циклуси и иако е збирка поезија, сепак раскажува некаква приказна. „Лебед“, последниот објавен роман, е експеримент да се раскаже приказна за љубовта, во која си играв со ликовите (во првите страници да не се открие полот на едниот од ликовите). Во „Ние“ (романот што влезе во најтесен избор за годинашната награда „Пегаз“ за необјавен роман), се играв со начинот на нарација и со неколку жанрови, истата приказна да ја раскажат и машкиот и женскиот лик. Кога Сашко Костов ми предложи да напишам текстови за неговиот албум и тоа беше експеримент, како да се направи стих на македонски, отпеан и со повеќе значења.

Дури и теориските книги и учебниците, гледам да ги пишувам поинаку, онака како што учев од најдобрите – да изградам свој стил и да го проверувам во постојан натпревар со себе.

„Јас и Лин, отпосле“ е роман колаж, во кој за прв пат на нашата книжевна сцена се отвори простор да се создаде роман кој нема да наликува на нешто напишано претходно. Мене ми е исклучително важен, затоа што ми го отвори патот во македонскиот и светскиот книжевен простор.

Елементал: Што е она што и недостига на театарската сцена?

Ана: Сериозна театарска стратегија, добро осмислена репертоарска политика, нови драмски автори, режисери што не се плашат да постават дело во кое ќе се соголат пред сè себеси. Мислам дека имаме одлична база, дека традицијата ни дава можност да развиеме исклучително богата театарска практика. Треба само да мислиме на театарот, на тоа каков театар сме имале, каков може да имаме.

Елементал: Да се биде жена-уметник во ова општество значи? (предности и мани)

Ана: Да се биде двојно посилен борец! Во една прилика ми рекоа дека ме објавувале затоа што сум била убава жена. Мислам дека потешка навреда немам добиено. Маните се во предрасудите, јас сум професорка, писателка, теоретичарка, истовремено и мајка, па кога некој се обидува да го намали моето постигнување секогаш во типично балкански манир ме става во некоја фиока. За моја среќа, јас не се вкалапувам, не влегувам во фиоки, па ги користам предностите на оваа моја прилепска, женска инаетлива и доследна природа – да го правам најдобро што знам тоа што го правам и да се борам во светот што ќе го наследи мојот син да се внимава на човечкото во секој од нас.

Елементал: Дали сме доволно гласни?

Ана: Не. Сè додека има неправди на овој свет не сме доволно гласни!

Елементал: Кои автори од европската драматургија се Ваша инспирација?

Ана: Семјуел Бекет, Хајнер Милер, Георг Бихнер – ако чепкам низ историјата (ги има повеќе, се разбира), од современите Т. Стопард, С. Черчил, Л. Крамер, Н. Кољада, В. Сигарев …, да не ги заборавиме и авторите/авторките од регионот: Милена Марковиќ, Тена Штивичиќ, Ивана Сајко, …

Елементал: Која е значајна тема во општеството што треба да ја ставите на лист хартија?

Ана: Сиромаштијата на духот, бегањето од љубов и посветеност, добрината како човечка карактеристика. Во ова време на сеедно, сите некако забораваме на основните човекови вредности.

Елементал: И за крај што би им рекле на режисерите? – А на актерите?

Ана: Да бидат многу храбри, да излезат од комфорната зона и да не се плашат од ништо!

А актерите, да бидат уште похрабри!

Предлози:

Три книги:

Пол Остер „Левијатан“

Реј Бредбери „Вино од глуварче“

Урсула Легвин „Левата рака на темнината“

Три претстави:

„Бакхи“ од Игор Вук Торбица, НТ Битола

„Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ, режија на Владимир Милчин, Албански театар – Скопје.

„Франкенштајн“ од Мери Шели, во режија на Дени Бојл, продукција на Националниот театар – Лондон.

Еден албум:

David Bowie „The rise and fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“

Песни од „Потпис: Трепетлика“ (Антево перо, 2020)

***

Ќе ги напишеш сите причини зошто:

Зошто е подобро да не притискаш,

зошто е подобро да не бараш повеќе,

зошто е подобро да си ко другите,

зошто е…

И ќе одмолчиш.

*

Нема да кажуваш гласно и силно „те сакам“,

нема да се радуваш како мало дете на летен дожд,

нема да сакаш сè и веднаш,

и ќе одмолчиш.

*

Ќе им најдеш причина на сите

неразумни – треба да бидеш површен

ко другите – мисли,

ќе ги сместиш централно

и ќе го оладиш срцето.

*

Потоа скришум, само скришум,

ќе му се радуваш на ветрот,

и ќе го сакаш светот оддалеку.

*

Некои кули не се од цигли

иако се исто толку цврсти.

*

Ако не те тера да се смееш гласно,

ако не ти прави да скокаш највисоко,

ако не ги смислиш сите неможни лудости,

како имаш право да го наречеш тоа

Љубов?

*

Некои луѓе се само огледала

и тоа нема никаква врска со метафизика.

*

Добар си? – не вреди ако не го мислиш.

Чувај се – не треба ако не е сигурност.

Тука сум! – е само празен збор ако не е од душа.

*

Некои приказни имаат само среќни почетоци

и тоа нема никаква врска со тебе.