„Бувот лови само ноќе“ – Самуел Бјорк

И оваа година ја завршувам со сензационален трилер, напишан од можеби најдобриот норвешки автор – Самуел Бјорк. Холгер Мунк и Миа Кригер се враќаат посилни од претходно, но секој со своите слабости, кои се влечат зад нив споени во темен облак.

Убиството е поморбидно и од она во претходниот дел – прегладнета тинејџерка е оставена гола во шумата, над светлосен пентаграм, прекриена со пердуви од був и цвет во устата. Мунк и Миа заедно со својот тим тргнуваат во луда потрага по очигледниот манијак и се чини постојано наидуваат на погрешната трага. Блиску се, но се вртат во круг. Еден ментално нестабилен човек го признава убиството, установата „Хурумландет“, каде што била згрижена жртвата Камила Грин, ја следат мистерии и скандали, се случува кражба на колекцијата норвешки бувови во природнонаучниот музеј, додека Миа се бори со демоните и самоубиствените мисли.

Во меѓувреме, Миријам Мунк, ќерката на инспекторот Мунк, навлегува во забранета зона со странецот Зиги, а Холгер, пак, го совладува биолошкиот часовник и телото покажува непослушност. Покрај сето ова, Ким ја напушта единицата, добил преместување, а Кари се оддава на алкохолот откако Сунива решава да го остави зашто ги прокоцкал парите од нивната заштеда.

Во ова продолжение Бјорк толку добро ги разработил ликовите што постојано се случува нешто со секого од нив, нешто што дополнително дава тежина на иницијалното случување – убиството.

Но она што ве купува е дефинитивно приказната на првата страница, која се случува во 1975 година и во која две деца, по игра на судбината и незнаење на својата мајка, ќе станат сирачиња.

Заплеткани настани, неверојатно тензичен набој на дејството, слепи сокаци, сѐ до последните педесетина страници. Тука веќе се расплеткува контемплацијата на читателот со замислата на авторот, а нивниот спој дава толку силен електрицитет што нема да ве остави рамнодушни.

Ликовите на Холгер Мунк и Миа Кригер се речиси идентични, страдаат и не можат да ги разрешат дилемите и заплетите во сопствените животи, но затоа се одличен тим во разрешувањето на бруталните убиства. Ваквата компензација, полнежот на плус и минус, меланхоличните ликови што се одлични професионалци во својата работа, се факторот што ги доловува тежината и префинетоста на восхитувачкиот трилер.

Прекрасно остварување, кое вреди да се прочита додека го исчекуваме и третиот дел од продолжението.

Јована Матевска-Атанасова