Безвременската сага „Појадок кај Тифани“ во ново руво

Јавноста одамна не познаваше година како 2006-тата, во која толку многу се зборувало за американскиот писател кого „Антолог“ првпат го претстави на македонски јазик. Човекот што постојано бил растргнат меѓу уживањето во сите слатки и горчливи страни на масовниот публицитет и книжевниот кредит што го инвестирал за долги години, повторно стана цел на гласен интерес. Труман Капоти во текот на целата кариера го задржал статусот на еден од најконтроверзните автори, комбинирајќи го книжевниот гениј со слабоста пред блескавиот живот во високите општествени кругови, составени од најпознатите писатели, критичари, бизнис-тајкуни, филантропи, холивудски и театарски ѕвезди, членови на царски семејства…

Цели 15 години подоцна, кон крајот на 2021 година, „Антолог“ повторно ја оживеа безвременската приказна за прекрасната и мистериозна Холидеј Голајтли, објавувајќи ја „Појадок кај Тифани“ во ново, обновено издание, со нов дизајн на корица, но со стариот препознатлив превод на Жарко Кујунџиски.

Преку необичното пријателство со соседот писател во 1940-тите години во Њујорк се гради моќна приказна за суштината на поврзаноста меѓу луѓето и чувството на припадност.

Холи е лик на вечен сонувач или, како што Капоти ја нарекол, „нетипичен романтичар“. Таков роман напишал и тој: веројатно најоригиналната книга за љубовта што не е класична љубовна приказна!

Холи е девојка со слободен дух, а со темните очила и надворешниот изглед е апсолутна сензација каде и да се појави. Иако нејзиниот свет е свет на забави со милионери и „селебрити“, никогаш не се откажува од својот најголем сон – да најде вистинско место, како „Тифани“, каде што ќе најде мир за себе.

„Најдоброто нешто што го изнајдов е едноставно да влезам во такси и да отидам докај ’Тифани‘. Веднаш ме смирува – мирнотијата и достоинствената атмосфера; таму не може да ти се случи ништо лошо, не може, со тие љубезни мажи во убави костуми“, вели таа.

Филмската екранизација со Одри Хепберн во главната улога направи од „Појадок кај Тифани“ едно од најзвучните и најспомнувани уметнички дела на сите времиња. Романот децении и децении влијае врз книжевноста, филмот, модата, музиката и популарната култура во целина. Половина век „Појадок кај Тифани“ е омилено уметничко дело меѓу фановите од сите генерации, претворајќи се во голем мал класик! Своевремено, романот прави и од Капоти жив класик, а низата најзначајни дела на американската книжевност од педесеттите години: „Ловец во ’ржта“ од Џером Дејвид Селинџер (1951), „Одовде до вечноста“ од Џејмс Џонс (1951), „Лолита“ од Владимир Набоков (1955), „На пат“ од Џек Керуак (1957) – го добива во своите редови и „Појадок кај Тифани“ (1958) на Труман Капоти, човекот што еднаш изјавил: „Еден ден почнав да пишувам, не знаејќи дека доживотно се ставив во окови пред благороден, но немилосрден господар. Кога Бог ќе ти даде дарба, истовремено ти дава и камшик; камшикот е наменет исклучиво за самоказнува