Се трудам да бидам едноставна, но со свој печат – одблиску со Анастазиа Христовска

Овој вторник во рубриката Млад Актер разговараме за театар со Анастазиа Христовска

Мој идентитет – јас За детството, желбите, соништата и академските денови.

Анастазиа е огнот во водата, истовремена плима и осека. Дете кое своето детство го поминало зад театарските кулиси. Дете сонувач. А сега слободна да сум своја. Сакам да го оставам чисто детето во себе. Предводена од театарот на соништата ја учам уметноста на живеењето. Растејќи гледам каков вкус има животот. Искулирана, а концентрирана, едноставна, а оригинална. Се движам по својот пат знаејќи дека надежта е чувство кое ја прати вербата. Свесна дека луѓето се раѓаат еднакви, ама се раѓаат и различни. Во академските денови научив дека понекогаш сакаме да го контролираме животот затоа што се плашиме од неговата спонтаност. Освестив дека со еден дел од нас, сите живееме надвор од времето. И пред сè дека љубовта е дете на слободата. Полна со многубројни желби и соништа, спремна за нови светови, нови мечти, нови радости.

Елементал: Анастазиа здраво и добродојде во Елементал. Оадмна го договараме овој разговор и ете конечно да се реализира.

Тивка, повлечена, мирна, скромна и специфична, а на сцената полна со страст, храброст, енергија и борбеност. Поинаква, а своја. Вашите почетоци започнуваат уште во време на вашите академски денови, каде што добивате улога во еден голем проект во Македонскиот народен театар со веќе големи, истакнати актерски имиња. Говорам за претставата „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов, која остави силен печат на театарската сцена, а воедно и на театарската публика. После шест години, како денес гледате на ова ваше искуство и што тоа на вас како млад актер ви значи?

Анастазиа: Најпрво ви благодарам на честа да бидам гостинка во Елементал, задоволство ми е. Претставата „Животот е прекрасен“ остави силен печат и во мојот живот. Сè уште со една неизмерна среќа гледам на тоа прекрасно искуство. Знам дека кога веќе чекорев по некој пат, се потрудив да чекорам по сончевата страна. Младоста носи брзина, па понекогаш сакаме да сме побрзи од времето, но актерот расте, од минута во минута, од ден во ден, од година во година, од претстава во претстава. Гледајќи од оваа перспектива, се радувам што бев потполно своја и што знаев дека секоја идеја е поглед. Отворена да ја прифатам структурата на сопствената мисла. Предводена од режисерска палка која знае да гледа со топли и ладни очи. Тоа остана како богатство кое ќе продолжи да живее во мене се до последната улога на штиците што живот значат.

Елементал: Вашите професионални улоги не застануваат тука, продолжувате во силно темпо да креирате во Народниот Театар Битола, од скоро ја имавте премиерата „И коњите ги убиваат зар не?“ во режија на Мартин Кочовски. Претпоставувам дека овој театарски јазик за вас беше нов, па оттука ми доаѓа и прашањето Како е да се работи со Мартин, раскажете ни малку за овој процес на создавање?

Анастазиа: Јас и Мартин сме дамнешни другари. Неговите процеси уште од дете ги пратев со огромен интерес, заљубена во неговата уметничка природа. Неговиот начин на работа и неговите цели од дете ми беа предизвикувачки. Од секогаш сакав и се надевав дека еден ден ќе бидам дел од тие процеси. Претставите на Мартин знаат да изобилуваат со максимум разноликост во минимум простор. Тој точно знае како естетски да егзистира. Кај него секој актер е река на која изворот е скриен. Јас кај него гледам дека во процесот секогаш ја избегнува пластичноста на човекот. Знае да ги спои и раздели разните видови тишина. Во неговите процеси чувствувам дека тој знае да те фрли да пливаш во неговиот естетски концепт, но на точна патека. Според мене тој се занимава со конкретноста и апстрактноста на претставата и има опојни бранови на конструктивна апстракција. Во неговите претстави се гледа дека секое време има свои симболи.

На  сцената и треба свежина полна со храброст и став. Нови видици, нови луѓе, нови идеи. 

Елементал: Театарот е вашиот свет во кој вие …?

Анастазиа: Театарот е мојот свет во кој јас во сопствените очи, ја гледам бојата на неговите очи.

Елементал: Дали се дава доволно простор на младите актери? Што е она што и недостасува на театарската сцена?

Анастазиа: Се даваат прилики, некогаш помали, некогаш поголеми, некогаш позначајни, некогаш по незначајни, но сепак како млади актери треба да научиме како да го натераме времето да биде на наша страна. Да сме свесни дека рамнодушноста кон естетската вредност ја турка целата уметност во кичот. Треба да знаеме дека секое горе ја има својата симетрија во долу. Секој од нас со свој свет, со сопствено искуство од животот, со своја емоционална меморија, со сопствени идеали треба да се пробива со методите што ги знае. На сцената и треба свежина полна со храброст и став. Нови видици, нови луѓе, нови идеи. Она што недостасува на театарската сцена е да се направи видливо она што секојдневно се гледа, а не може да се виде.

Елементал: Кое е твоето главно оружје за да се избориш за својот свет како млад актер?

Анастазиа: Знаејќи дека сите уметности не се исти, и тоа е токму поради различната врата низ којашто секоја од нив му пристапува на светот, јас претставата ја гледам од два аспекти. Едниот од моја гледна точка, а другиот од внатрешноста на претставата кон мене. Процесот за мене е како крив пат кој се исправува оставајќи трага. Сакам секогаш да давам простор на искрите на фантазијата. Го почитувам слободниот простор помеѓу сопствените мисли и тишината. Се трудам да не заборавам на сензибилитетот на чувството. Со очи заљубени во театарот, со искрена насмевка и со топло, чисто срце се трудам да го пронајдам сопствениот пат. Се трудам да бидам едноставна, но со свој печат. Знам дека треба да грешам со сопствените грешки, не со туѓите и да станам свесна за нови светови кои треба да ги освојувам и да бидам освоена од нив.

Елементал: Леонс и Лена е претстава која се игра во интимниот театар на Софиа Ристевска, претстава која зборува и се занимава со нашите внатрешни ставови и „гласови“. На сцената се слушаат приказни кои навистина се живеат, приказни кои се лични ваши напишани. Кој беше главниот мотив и цел да создадете една ваква приказна?

Анастазиа: Софиа е една од најискрените, најчистите, најмилите луѓе кои јас ги позавам, со широка насмевка и топла прегратка. Кога се работи со ваков човек е уживање и едно незаменливо искуство. Во вакви процеси уметноста е пред задача да открива непознати светови, а не да биде само убава. Убавина и вистина. Убаво не е спротивно на грдо, туку на лажно. Во ваквов процес се учи да се има љубов кон животот, а не само желба да се остане жив. Софиа знае да ја гледа личноста таква каква што е, знае да биде свесна за нејзината единствена индивидуалност. И пред сè во процесот научив дека вистинската слобода се носи, не се покажува

Елементал: И за крај што би им рекле на режисерите?

Анастазиа: Да бидат храбри во своите идеи. Да не ја губат секоја создавачка способност ако некој ги претвора во машина. Да се свесни за тежината на времето. Да не стануваат симпатично недопадливи и да немаат естетски расизам.

Предлози:

Три книги:

„Неподносливата леснотија на постоњето“ – Милан Кундера

„Плодовите на земјата“ – Кнут Хамсун

„Остров“ – Алдус Хаксли

Три претстави:

„Електра“ – Андриј Жолдак

„Доктор Фауст“ – Андраш Урбан

„Галеб“ – Томас Остернмаер

Еден албум:

„Rites“ – Jan Garbarek