Горчливите солзи на Петра фон Кант“ вечерва во Македонскиот Народен Театар

Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ во режија на Ивица Димитријевиќ вечерва во Македонскиот Народен Театар ја има својата премиера .

Колку нарцисоидноста, егото, доминантноста, славата и парите можат целосно да завладеат со нашата личност мислејќи дека се што посакуваме нас ни припаќа . 

И како цела таа слика умее да го лажира нашето секојдневие и да ја измести нашата перцепција, а од друга страна пак не судрува со празнината во себе , осаменоста и потребата по допир, бакнеж, нежност, внимание и љубов . 

За модната дизајнерка Петра фон Кант, накратко со Драгана Костадиновска .

Елементал :  Колку жедта  за љубов знае да не однесе во погрешни правци и колку ние некогаш несвесно, поради нашите стравови, љубовта ја канализираме во опсесија и поседување ?  

Драгана : Не мислам дека потребата за љубов е тоа што ги комплицира или первертира меѓусебните релации. Потребата да припаѓаме некому, да бидеме сакани се толку природни и пријатни чувства. Она што прави да застраниме во начинот на кој што сакаме и очекуваме да бидеме сакани зависи од начинот на кои сме воспитувани, родителските модели од кои сме учеле да сакаме, општествените норми и притисоци и слични околнисти. За мене многу значајно и мајсторски во текстот на Фасбиндер е тоа што една камерна драма нуди прекрасна анализа на односите на моќ и козависност меѓу пет женски лика, како и начинот на кои позциите на прогонителот и жртвата можат да се сменат. Фасцинантно е како еден толку  клаустрофобичен сетинг може да биде толку апликабилен во поширок општествен контекст.

Покрај оваа приказна наспроти имаме МОЛК , ја имаме Марлен и една бледа ,,мала“ сенка која суштински ја одсликува невидливоста и понизноста на немиот човек прикажана како една голема МОЌ .

За Марлен, накратко со Софиа Насевска-Трифуновска

Елементал: Мерлен водечката сенка во целата претстава , нејзиниот молк како одраз и одговор на нејзината тежина. Наталожена болка, пониженост, тага и љубов … Кој е всушност оној тригер кој ја поткрева достоинствено да застане до себе си и храбро да ја затвори вратата на љубовта ?

Софиа : Поривот да се одбрани карактерот и личноста е всушност патот на себеспознавањето кој Марлен го оди. Од таа тивка столчена покорност, која бидува згазена и невидлива, мора да се изроди некој поинаков дух и сила, мора да се подигне свеста за сопственото достоинство и вредност, за оттаму да се даде шанса на духот да расцвета. Тоа е мојот стремеж за Марлен и мојата желба за неа. Таму е оптимизмот и слободата, па и тлото на ликот.

Марлен е невидлива убавина која молчејќи го добива гласот и таму е нејзината моќ. 

Драгана Костадиновска – Петра фон Кант 

Сара Анастасовска -Карин Тим

Сашка Димитровска -Сидони фон Гразенаб 

Софиа Насевска-Трифуновска Марлен

Тања Кочовска Валери фон Кант 

Анастасија Аневска Габриеле фон Кант.

Костимите се дело на Ирина Тошева, консултантка за сценографија е Кристина Божурска, а музиката ја напиша Јане Трајковски. Следните изведби се закажани на 4 и 22 март со почеток во 20 часот.