Претставата „Одлука“ во режија на Хана Миленковска, денес и утре во МКЦ

Денес и утре (5 и 6 март), со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи премиера и втора изведба на „ОДЛУКА“ – театарска претстава во режија на Хана Миленковска.

„Одлука“ е уметничко истражување за носењето одлуки, чиј краен исход е театарска претстава. Секојдневно сме соочени со низа избори кои мора да ги направиме, некогаш мали и бенигни, некогаш непријатни. Во ова дело, ние, авторите, решивме тргнувајќи од себе од различни агли да ги набљудуваме сопствените ограничувања, начините на кои сме условувани да размислуваме, препреките што сами си ги создаваме.

Да се создаде чисто гледливо парче театар без никаков материјален влог освен нашето време, здравје и волја, се покажа како поголем предизвик од очекуваното. За среќа налетавме на одлични сојузници по пат.

Тргнавме од тоа дека ќе ги анализираме одлуките што сме ги донеле досега, како поединци, но и како општество, па можеби ќе разбереме што отсега. Не сме сигурни што разбравме, но знаеме дека ни е важно тоа што го направивме. Не сме убедени во исходот, но важно ни е некој ова да го види и чуе.

Се боревме да бидеме разговетни и смели кон себе и светот. Сфативме дека сме способни да сме кохерентни онолку колку што светот во кој живееме има смисла.

И одлучивме дека тоа е во ред.

Автор, режија, драматургија: Хана Миленковска

Коавтори и актери: Мартин Ѓоргоски, Чедомир Митевски

Продуцент: Дино Чупевски

Графички дизајн: Матеја Николиќ

Логистичка поддршка КСП – Центар Јадро

Стручни соработници: Дамјан Дуковски, Владимир Лукаш, Евгенија Здравевска, Владимир Димовски, Калија Киселички, Драган Теодосиев, Јоана Ристевска

Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протокли.