Магична повест за мрачните тајни, сестринското ривалство и страсната љубов

Го сакам жанрот на книги што те носат од едно на друго место,во друго време, и те прават дел од него. И ова е еден таков роман. Од историските фикции секогаш се учи за минатото, па дури и за она за кое немаш поим. Дајна Џефрис совршено ќе ве телепортира во Виетнам во тие тешки години од колонијалната ера. Додека ги читате нејзините зборови, се чувствувате како да сте дел од местото што го опишува. Особено внимание обрнала на деталите, со великодушни описи на околината, храната, мирисите. Нејзиниот наратив е убаво исткаен, како свилата во приказната, и тоа ни докажува дека е извонреден писател.

Фасцинантна, емотивна, тажна приказна во која ни се претставени односите во семејството, особено односите меѓу две сестри, нивното ривалство, љубомората, љубовта, војната и пријателството. Низ целата книга се провлекува една љубовна приказна, која ме воодушеви.

Дејството нѐ носи во Ханој, Виетнам, Француска Индокина, 1952 година. Никол е (полу-Французинка, полу-Виетнамка. Таа е дел од две сосема различни култури, но чувствува како да не припаѓа ниту на една. Татко ѝ решава да се повлече од бизнисот и на Никол ѝ ја остава старата продавница за свила во виетнамскиот кварт, а на нејзината сестра ѝ го препушта целиот бизнис. Со оваа неправда таа се чувствува како да живее во сенка на својата сестра. Тоа е така бидејќи Никол изгледа како својата мајка Виетнамка, а нејзината сестра изгледа како вистинска Французинка, како татко им. Така Никол на своите осумнаесет години станува сопственик на веќе затворена и застарена продавница. Но таа не се откажува, го прифаќа наследството и оди да живее на вториот кат од продавницата за свила во виетнамскиот кварт и се труди да го разработи дуќанот со свила. Изгледот не ѝ е проблем и лесно се вклопува со околината и населението. Во меѓувреме го запознава Марк, американски трговец, и се вљубува во него. Кога бунтовниците се обидуваат да го урнат владеењето на Французите, се појавува Тран, виетнамски бунтовник, кој ѝ нуди бегство од проблемите. И така, оваа млада жена ќе се најде помеѓу два света, два правци, две страни, две насоки, двајца мажи, а постои само една љубов. Животот ѝ тргнува во неочекуван правец, а дали тој е вистинскиот и таа самата не знае. Оваа неверојатно волшебна приказна ќе ви открие многу тајни, страсна љубов, сестринско ривалство, но и борба за идентитет и припадност.

Сите знаеме за ужасите што ги носат војните, глад, бегање, криење, убивање, но и борба за сопствениот живот. Живот што, иако е таков каков што е, кога ќе дојде момент на уништување, на војна, станува приоритетен и многу важен. Секој затечен од војна на секаков можен начин ќе се бори за да си го спаси сопствениот, а и животот на луѓето што му значат. Во оваа книга ни е опишан Виетнам со неговите убавини, неговите мириси, но, за жал, и со неговите долгогодишни војни. Иако војните во Виетнам почнале уште во далечната 1787 година, за време на владеењето на царот Луј XVI, и траеле сѐ до 1975 година, кога Виетнам е обединет под комунистички режим. Тука е опфатен периодот од 1952 до 1954 година, кога Виетнам бил француска колонија и со Женевската конвенција е поделен на Северен и Јужен Виетнам. Авторката направила детално истражување за оваа книга и нејзините описи на ликовите, на околината, на допирот на свилата се волшебни, нарацијата ѝ е лесна и преубава. Едноставно така ги ткае зборовите што ќе ги почувствувате и свилата и мирисите и максимално ќе се внесете во самата приказна. Оваа незаборавна и волшебна приказна топло ви ја препорачувам.

Ана Ѓурова