Со проекција на „Што зборуваме, што правиме“ почнува Недела на франкофонски филм

Во соработка со Кинотеката на С. Македонија и со амбасадите на Швајцарија и Романија, а по повод месецот на Франкофонијата, Францускиот институт во Скопје организира Недела на франкофонски филм.  

Официјалното отворање почнува вечерва во 20 часот во Кинотека, со проекција на францускиот филм „Што зборуваме, што правиме“ на режисерот Емануел Муре од 2020 година.

Настанот ќе го отворат амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер и амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Хулман.

Во рамки на Неделата на франкофонскиот филм, во петок, 25 март ќе се прикажува швајцарскиот филм „Семејство“ на Фредерик Бајиф (2022). Во саботата, 26 март, во 18 часот ќе се одржи проекција на белгискиот филм „Богородица од Нил“ на Атик Рахими (2020 год), а подоцна истата вечер, во 20 часот гледачите ќе имаат можност да го проследат романскиот документарен филм „Дива Романија“. Сите филмови ќе се прикажуваат со превод на македонски јазик, а за романскиот филм обезбеден е само превод на француски јазик.