Приказна за егзилот, раселувањата и емотивните врски

Роман што погодува во срце, ќе ви предизвика бес, лутина, но во исто време и жалење. Жалење за животот, за односите, за соочувањето со себе, а најмногу жалење за своите корени и својата татковина. Иако краток, романот е разорен и остар, па верувам дека секој читател ќе ја почувствува неговата острина во својата душа. Додека го читате, ќе ве уништи со својата емотивна приказна. Во приказната ни се претставени семејните односи, најмногу меѓу мајката и ќерката, соочувањето со смртта, раѓањето, егзилот, вината, љубовта и соништата за подобро утре.

Приказната, иако навидум е едноставна, сама по себе е тешка и тажна. Нахид на педесетгодишна возраст дознава дека има рак во доцна фаза и лекарите ѝ соопштуваат дека има околу шест месеци живот. И оттука започнува тажната борба на оваа жена борец, која ќе биде во трка со времето. А постојано е борец, борец во животот, борец во иранската револуција, борец за подобро утре, борец за слобода и, на крајот, борец за продолжување на сопствениот живот.

Уште на осумнаесет години Нахид и Масуд сонуваат за слобода и почнуваат да делат летоци. Со текот на времето, станува сѐ посериозно и понасилно и тие со лажни пасоши бегаат во Шведска. Оставаат сѐ зад себе поради својата ќерка, за нејзина подобра иднина. Таму го добиваат сето тоа што го посакуваат, слобода, подобар живот, подобри услови. Сепак, нешто им недостига, а тоа се корените што им остануваат во татковината. И сега, по триесет години, Нахид има уште шест месеци живот и е исполнета со гнев и со бес. Почнува да размислува што добро направила со тоа што преживеала и што ќе остави од своето живеење. Низ глава и поминуваат сите нејзини минати, сегашни и идни влијанија врз себе и врз семејството. Но, кога нејзината ќерка ќе ѝ каже дека е бремена, во Нахид се раѓа нова надеж за живот, за пуштање корени во туѓа земја, за оставање нешто зад себе. И така, таа почнува една безмилосна трка со времето. Од желба да го види своето внуче, наместо шест месеци, успева да поживее подолго.

Нахид ни е доловена како тешка, затворена и цинична личност, која напати ќе ве изнервира со своето однесување. Ќе ви предизвика бес, но на крајот ќе сочувствувате со неа. Изградила ѕидови околу себе, но не затоа што така сакала, туку тие ѕидови се изградени од загуби, избори, малтретирања и неодлучности низ целиот нејзин живот. Далеку од татковината, а блиску до крајот, без сопствени корени, таа е безмилосна и сурова, а со тоа е почовечна.

Кога е пред крајот на својот живот, човек се преиспитува себеси, своите постапки и своите однесувања. А се запрашува што им остава и што им должи на своите деца. Кога ти е избројан крајот, полека почнуваш како да исчезнуваш, да истекуваш некаде. Останатиот живот како да го живееш во сон или во будност. Не знаеш кога и што од нив преовладува. Можно ли е човекот да го троши животот побрзо ако живее многу? Ако при секое издишување, вдишување, па дури и смеење, се земаат денови од нашиот живот и сѐ завршува побрзо? Не знаеме и тешко дека ќе дознаеме. Веруваш дека нешто си добил повеќе од тоа што си изгубил, веруваш дека загубата е поголема од добивката. Но никогаш збирот од тешкотиите не е помал од збирот на олеснувањата. Човекот поминува време за да ја планира иднината, а неа одеднаш може да ја нема. Не можеме да го смениме она што било или да обезбедиме пат до она што ќе биде. Сето време на овој свет што го имаме е позајмено и треба да бидеме благодарни на годините што ги добиваме. Кога ќе дојде крајот, откриваме дека смртта е секогаш со нас, не нѐ напуштила никогаш. Кога светлината ќе згасне, знаеш дека „тоа сме ние“ кои оставаме нешто зад себе, пуштаме корени, дури и во туѓа земја.

Луѓето не заминуваат затоа што се откажуваат, заминуваат за да создадат нешто подобро.

Ана Ѓурова