Претставата „12Гневни“ на Стеријовска вечерва во НУЦК „Трајко Прокопиев-Театар Куманово

Театар Куманово вечерва ја има својата премиера „12Гневни“ во режија на Ирена Стеријовска работена по текст на Реџиналд Роуз.

Ова не е прва претстава каде што Стеријовска со својот претпознатлив театарски јазик ги дирнува разнишаните столбови во еден систем во кој ние веруваме. Правдата која сите нас не засега и секако самото издигнување на поединецот над општествените видици,предрасуди и стереотипи во кои е заглавен и е само „нем” набљудувач во општеството во кое живее.

Да се погледне реалната слика и да се направи првиот чекор кон промена е основниот глас и порака кој Ансамблот во Кумановски Театар преку својата игра го раскажува се она што ние го живееме и гледаме но не сме доволно храбри и силни да го промениме.

„12 гневни“ е приказна за дванаесетмина поротници кои после завршување на судски процес треба да донесат одлука за евентуалната вина или невиност на едно младо момче од малцинска етничка група, за убиство од прв степен. Оваа приказна покрај ретроспективното раскажување на случајот со убиството преку повикување на фактите искажани во судницата, се занимава со односот на поединецот кон системот, со индивидуалното поимање на правдата но и ги акцентира предрасудите како една од најголемите опасности што и се закануваат на идејата за праведно општество. Претставата го истражува поединечниот однос на секој од поротниците кон личната одговорност за воспоставување на фер систем, посочувајќи ја апатијата на граѓаните како најголемата закана за негово компромитирање. Така дејствието недвосмислено нè носи кон заклучок дека највлијателниот фактор за праведно општество е ангажираниот и буден граѓанин.

Во време кога светот сведочи на експанзија на радикално поларизирани идеологии и пораст на ксенофобија до степен на нехуманост, овој текст иако напишан пред повеќе од 60 години, денес е актуелен повеќе од било кога. Неговата актуелност и визионерство може да се најде и во реконтекстуализирањето на она што значи да се биде херој. Имено во поголемиот дел од историјата херојството било поврзувано со големи подвизи на извесен воен фронт или некаков друг физички ангажман кој се сметал за заштитнички кон заедницата. Но она што оваа приказна го навестува е денешното модерно време во кое херојството на обичниот човек е да верува во правда и еднаквост и да биде подготвен да инвестира во тие идеали во секојдневниот живот.

Во претставата играат: Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Дубравка Киселички, Владо Дојчиноски, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Сања Русеска, Александра Михајловска, Жарко Јовановиќ, Давид Илиќ, Чедомир Митевски.

Сценографијата е на Стефан Спировски, а костимографијата е на Ана Каркулеска.