Уметникот не смее да биде само уметник кој се крие зад таа титула – Марко Виденовиќ

Марко здраво и добре дојде во елементал:)

Пред една недела во соработка со издавачката куќа АрсЛамина излезе вашата втора стихозбирка „До сто една и назад“

Дел од стиховите „Лечебна“ „Љубов“ „Понекогаш на тебе помислувам“ и многу други беа често споделувани на вашиот профил и за кратко време ги освои љубителите на поезијата. Но она коешто малкумина го знаат е тоа дека сте редовен член на ансамблот во Филхармонија-Прва Виола, инструментот кој воедно е и ваша прва љубов, а сега веќе и ваша професија.

Елементал: Раскажете ни малку за тие ваши почетоци, како се случи вашата средба и како се појави страста со овој инструмент која воедно денес е дел од вас. Зошто баш Виола,која е вашата приказна?

Марко: Всушност мојот прв инструмент беше виолината која започнав да ја изучувам на седумгодишна возраст па скоро до крајот на моето средно образование кога се префрлив на инструментот виола и да бидам искрен како што изминуваат годините сум се повеќе заљубен во неа. Бев првиот во моето семејство кој започнал да учи, а подоцна и да се занимава со музичката уметност. За сега многу успешно ме следи мојата сестра Ива Виденовиќ која е пијанист, а нејзината ќерка, а моја внука, Каја е третиот музичар во нашето семејство.

По завршувањето на средното музичко училиште во Битола, студиите ги започнав и завршив на факултетот за музичка уметност во Скопје. Уште од почетокот на студиите станав хонорарен член при оркестарот на Македонската филхармонија. Во 2003 година се преселив во Белград и таму бев член на гудачкиот квинтет при белградската опера, а исто така бев редовен хонорарен член на симфонискиот оркестар Станислав Бинички. Во 2004 година повторно се вратив во Скопје и продолжив да работам во македонската филхармонија, а од 2007 година сум и прв виолист во истата институција. После скоро дваесет и пет години свирење на виола, јас имам чувство дека таа не е само дел од мојата душа, ами таа е и составен дел од моето тело. Ретко се случува да не сме заедно, просто е невозможно бидејќи покрај пробите и концертите во Македонската филхармонија, јас имам секојдневни снимања со оркестарот Фејмс, како и со многу други камерни состави. Накратко кажано, јас и мојата виола секојдневно ја пишуваме нашата биографија.

Елементал: Она што е ново и интересно е тоа што со вашите колеги Анна Кондратенко (виолина) и Паскал Краповски (виолончело) создадовте свој синфонински простор наречен-Гудачко Трио Пинчипеле. Како дојде до оваа идеја и што за вас Пинчипеле значи?

Марко: Со Анна Кондратенко и Паскал Краповски сме колеги и пријатели уште од нашите почетоци во македонската филхармонија, но после долги години почувствувавме потреба дека треба да создадеме еден камерен состав во кој ќе го најдеме уметничкиот мир и просторот за уметничко создавање, тој безвременски простор го нарековме Гудачко трио Принчипеле, бидејќи Анна е концерт мајстор во нашиот оркестар, Паскал е прв виолончелист, а јас прв виолист. Името и не е толку важно колку е важна љубовта и желбата за создавање на некоја уметност, а самиот багаж кој го имаме со нашето знаење и искуство ни даваат можност да не се заморуваме, ами да уживаме во секое наше заедничко музицирање.

Елементал: Колку публиката е желна да ги слуша современите класици и како се борите со големиот кич кој е навлезен во општеството?

Марко: Публика има за се и секого. Мое мислење е дека ние не треба да ја убедуваме публиката во тоа што го правиме, бидејќи кога се обидувате да убедите некого во нешто, тогаш правите погрешни чекори и отстапки од она кое вие го застапувате, во случајов, класичната музика. Изминативе години во Македонија, а и во некои други држави, стана тренд, симфониските оркестри на својот репертоар да поставуваат популарна/комерцијална музика, за како што милуваат да изјават раководителите на истите, би ја доближиле публиката до класичната музика. Мене ми е тоа апсурдно бидејќи ние со такви чекори не само што не ја доближуваме публиката до нас и нашата примарна/класична музика, туку ние се оддалечуваме од истата потпаѓајќи под влијание на истата онаа публика која нас не нè доживува како нешто блиско, што всушност и не е нешто страшно, едноставно не може секој да има исти погледи и уметнички вкусови. По мене, најголем успех во тоа доближување на класиците со публиката би го оствариле преку најмладите, односно децата. Ние треба да започнеме со правилно воспитување уште од мали нозе бидејќи подоцна е предоцна. Затоа пак ќе напоменам, проблемот е во образовниот систем и ние сме немоќни како институции да промениме што било, но затоа не смееме да потпаднеме под лошите влијанија и да тргнеме по онаа публика која не ни е сродна. Според мене, сето ова важи и за ликовната и драмската уметност.

Елементал: Во едно од вашите интервјуа кажувате дека најмногу пишувате за време на вашите паузи помеѓу снимањата. Дали музиката е таа која е ваша инспирација?

Марко: Музиката, убавите луѓе, тука не мислам на физичкиот изглед ами на оние со убава душа и мисли, убавото вино, природа и сето она што ме опкружува е моја инспирација и затоа не се плашам дека таа ќе секне, тоа е непресушен извор. Единствено може да пресуши изворот ако самиот автор потоне и се претопи со секојдневната монотонија. Уметникот не смее да биде само уметник кој се крие зад таа титула, тој мора да биде создавач, без разлика дали делото кое го исполнува е авторско, односно негово или пак од некој друг, тој мора да го оживее истото и да го искачи во висините од каде ќе допре до сите оние кои доволно ќе се отворат за да го прифатат истото. Затоа јас пишувам во паузи помеѓу проби или снимања, навечер во кревет или со чаша убаво црвено, вино. Пишувам и наутро додека го пијам своето прво кафе, пишувам покрај море или езеро, во кола на семафор, пишувам секаде каде што ќе ме допре некоја слика, музика, ситуација.

Елементал: Музиката е вашиот свет во кој …?

Марко: Музиката не е мојот свет, мојот свет е моето семејство и одредени пријатели. Музиката во тој мој свет е бојата со кој бојам, без неа би било како нем филм. Би имало приказна и тажни или среќни сцени, но без музиката би бил посиромашен.

Елементал: Талент или среќа?

Марко: Велат дека талент но повеќе е работа, јас не сум типичен пример кој би требало да го тврди тоа, бидејќи не сум паднал во раце кои би ме научиле на тој принцип на функционирање, којзнае, доколку така сум растел можеби сега ќе бев низ светот, настапувајќи на светските сцени, сепак јас имав среќа и талент, па со малку работа успеав да стигнам до некои висини, на кои се одржувам работејќи малку повеќе од порано.

Елементал: Кој беше оној тригер кој ве испровоцира вашата емоција да ја преточите во зборови?

Марко: Имав период кога не можев да ги поднесам сите неправди кои им ги нанесуваа на моите две татковини, Србија и Македонија. Поради тоа често влегував во дебати се различни профили на луѓе и тие дебати често завршуваа за мене неславно бидејќи се освестував на пониско ниво од моето. Со таквиот начин на функционирање кај мене се случија нагли промени, од ведар и забавен човек, јас се претворив во некој кој шири непријатна енергија. Започнав, сето она кое посакував некому да го кажам, да го запишувам, најпрво како текстови или нешто налик проза, а подоцна како поезија. Со текот на времето сфатив дека ова е мојот духовен прочистувач и продолжив истото да го правам, надоградувајќи го со тоа што моите песни ги вкрстив со моја музика и ете, денес имам одреден, можеби не толку голем круг на луѓе кои се среќни додека ги читаат моите стихови, а со тоа јас сум среќен и инспириран за да продолжам да создавам.