Објавен е романот „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли

Под уредништво и рецензентство на писателот и изадавач Ненад Шапоња, 
романот е во превод на Сашо Огненовски

Во издание на реномираната српска издавачка куќа „Агора“ од Нови Сад, деновиве е објавен романот „Бродот. Конзархија“ на македонскиот писател Томислав Османли. Преводот на српски јазик е на писателот и преведувач Сашо Огненовски, а уредник и рецензент е писателот Ненад Шапоња. Романот „Бродот. Конзархија“ му припаѓа на жанрот негативна утопија, а неговото дејствие се случува во 2039 година.

„Бродот. Конзархија“ со поднаслов „Холограф“ е роман во кој авторот ги слика својствата на новото прагматично време исполнето со симулакруми, со лажни стварности, кое во крајна линија и самото ќе се покаже како време на омасовени илузии, и општи и лични прелаги. Во тоа време, покрај отуѓените карактери на својата негативна утопија, низ бројни духовити и ирониски пасажи, Османли го открива носталгичниот човек проектиран во блиската, отуѓена и хипермеркантилна иднина на „Европеалната унија“ составен од три концентрични круга наменети за трите категории: регуларните членови и вечни претенденти за  затворениот европски сојуз – нешто што токму во политичктата реалност на денешницава добива полна меѓународно-политичка актуелност. 

Инаку, поимот „конзархија“ е устројство што и како термин, и како содржина го создал писателот на овој роман. Тој детално  го опишува устројството на еден скорешен тоталитарен економистички ситем чија општествена кохезија почива на централизиранат контрола и редистрибуција на акционерски вредности. Тој систем на апсолутистичко владеење е декориран со новокомпонирани културолошки изрази и ритуали. Авторот пишува за редица судбинските вредности и детерминанти, и повторно го става во фокус човекот во отуѓената стварност на блиската иднина:

-Со извонредно умеење на обликување и на активирање на елементие на негативната утопија, низ динамична дијалогичност и со инсценирања на мноштва прашања во рамките на едно општество – пишува во уредничката рецензија кон српското издание на нашиот роман „Бродот.Конзариха“ – како во доменот на политиката, на културата и на (не)духовноста, подеднако и во доменот на новите технологии, на (пост)хуманизмот и (транс)хуманизмот; Османли во време на сѐ поголемите понуди на идеолошки утопии литературно убедливо, донекаде бајквито, критички насочено во самата суштина од развитокот на денешната цивилизација, на читателите им ја подарува сопствената визија (како една од можните алтернативи) на футуристичкиот свет од не толку далечната иднина.

По романите „Дваесет и првиот“ (2009) и „Зад аголот“ (2012), кои во меѓувеме доживеаа повеќе објави во странство, ова е трет роман на Османли, а со збирките раскази „Каприча“ и „Светилка за Ханука“ и негова петта прозна книга објавена во богатото книжевно милје во Србија. Македонското издание на романот „Бродот. Конзархија“ во 2016 година го објави „Магор“ од Скопје со вдахновена рецензија на писателот Владимир Јанковски и со исклучителните оценки во однос на дитопискиот роман во промотивниот исказ на акад. Ферид Мухиќ.

Романот „Бродот. Конзархија“ претставува продолжение на интересирањето на авторот за игрите на времето и на релативизираните феномени на вистината, во новата стварност на илузијата, на симулакрумот, на холографот како надвладеани реалности во новите времиња.

Под знакот на угледното книгоиздателство „Агора“, македонскиот роман излегува под уредништво и рецензентство на истакнатиот писател и издавач Ненад Шапоња. Фотографијатана кориците е на Chris Turgeon. Лектор на преводот е Снежана Савкиќ, а коректор на изданието Олга Марковиќ.  

Објавувањето на романот „Бродот. Конзархија“ во угледното српско книгоиздателство го помогна македонското Министерство за култура од фондот за поддршка на објавите на македонски книги во странство. Книгата која е достапна и по пат на интернет-продажба на сајтот https://agoraknjige.rs/shop/?orderby=date , деновиве ќе се најде во излозите на книжарниците низ Србија.