Почнувајќи од денес па се до 22 Октомври ќе трае манифестацијата Отворени денови на институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ во рамките на која, покрај одбележувањето на 75 години од официјализирањето на македонскиот литературрен јазик, азбука и правопис, ќе се промовираат и најновите изданија на институтот.

Едно од нив е книгата „Крсте Петков Мисирков – македонски меѓник“ која ќе биде промовирана денес.

Автор на книгата е новинарот на Македонското радио – Радио Скопје, Свето Стаменов.

Книгата е збирка на радио интервјуа реализирани на брановите на Македонското радио – Радио Скопје, со која се оддава почит на значајниот Крсте Петков Мисирков – основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, револуционер и борец против туѓите пропаганди.

Вкупно 13 разговори со истакнати универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на делото на Мисирков е она што ја чини содржината на книгата со која воедно се одбележува и деведесет годишнината од неговата смрт.

Промотор на книгата ќе биде проф. Д-р Васил Тоциновски.

Во рамките на манифестацијата, во амфитеатарот на институтот своја промоција ќе доживее и книгата „Македонски лингвисти“ од Иван Глигоровски. Покрај промоциите, предвидено е отворање на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор).