Не може да се слуша изведбата на Cought out in the rain од Бет Харт, а истата енергетски да не ве телепортира во 1969-тата година, трите дена баханалии во чест на љубовта и мирот-фестивалот Вудсток и разузданата енергија на тажна контеса Џенис Џоплин. Атмосфера која врие од хуманата сплотеност на морето посетители на калливата полјана во Њујорк остана општо место во колективната меморија на љубителите на рок и блуз музиката.

Таков зајтгест ни е потребен сега, повеќе од било кога, да ги наполни дамарите на душата со воздух, сомилост и емпатија кон ближниот, како противтежа на новата дехуманизирана реалност.

Кога новата Џенис ќе застане на сцената, таа ја отвора душата и публиката нема друг избор, туку да се препушти на хипнозата која ја предизвикува нејзиниот глас кој е мешавина на моќ, богата текстура и нијанси во кои се препознава суровоста на Џенис Џоплин (Бет Харт ја портретирала во Бродвејската продукција на Love, Janis) и артистичната певливост на Били Холидеј.

Босоногата Харт го прегрнува микрофонот, со суптилни движења и погледи го навестува флуидот на препуштање и доверба со долгогодишниот тапанар Бил Ренсом и гитаристот Џонон Николс, покажувајќи и доза на сексапил и чиста суровост. Може да се почувствува ранливоста додека зборува меѓу песните за нејзиниот посветен сопруг Скот Гецков, кој е и тур-менаџер, за менталните болести, епизодите на алкохолизам и стравот да не се врати на старите навики … затоа што животот на Бет Харт е амалгам од денови на победа и пораз, триумф и трагедија, зависност од дрога и алкохол, борба со сопственото дупло дно и љубов и храброст од каде се родиле одлични блуз-песни.

Неизбежен е колажот од Sister Dear, посветена на сестра ѝ Сузан, матријархатот во нејзиното семејство, Setting me free-песна за борбата со самоубиствените нагони во себе и неизбежната Tell her you belong to me посветена на нејзиниот татко со кој конечно се смирила после долги години болка, откако тој ги напуштил за друга жена, по случаен редослед следуваат War in my mind, Sister Heroine, Your hart is as black as night, I’ll take care of you, како и рок тоновите на Baddest Blues, Better man, Bad Woman Blues и уште многу други, после кои единствено што можам да го кажам е „Каква жена!

Независно дали свири на пијано или пее, со чиста и неприкосновена автентичност Бет Харт пренесува болка и емоција со секоја нота, а најдобро со сината (Blue Note).

Како што тече настапот, течат и капките пот по нејзината коса и лице без шминка, совршено вклопувајќи се во интерпретацијата (ако несебичното раздавање на секој атом од енергија, може да се нарече интерпретација), доведувајќи се и себе, а и публиката до експанзија и катарза.

Не знам дали ќе ја имаме привилегијата да го посведочиме нејзиниот раскошен талент во живо, но сè уште ги чувам билетите (нејзиниот концерт кој треба да се одржи на 09 Јули 2021 година во Арената Армеец во Софија Бугарија) како влог во огнот на Феникс – енергијата на креативноста, која е поголема од самиот живот.

автор: МАНА