Ова време е време на повторни поделби, повторна фрагментација на геополитичката целина, поделба на држави и локални војни. Ова време е исто така време во кое доминира тесна специјализација во сите домени на човечката активност – од наука преку индустрија до уметност.

Ова е изјавата која Милан Младеновиќ ја запиша во брошурата на изданието од албумот „Ангелскиот здив“ во 1994 година.

Денес се чини еднакво актуелна како и во времето кога е напишана.

„Ангелскиот здив“ е последниот материјал кој Милан Младеновиќ, заедно со својот долгогодишен другар Митар Суботиќ Субе и двајца бразилци, успеа да го сними а чија промоција не успеа да ја дочека поради прераната смрт.

Исклучително оригинален албум, комбинација на бразилски ритам, алтернативен рок и балкански амбиент. Општо земено, тоа е бразилски проект во кој се преплетуваат четири различни карактери, четворица искусни музичари со различни перцепции и музички чувствителности од кои ни една не наметнува претензија за доминација и оставање на личен печат, туку меѓусебно се воздигнуваат кон повисок левел на енергетско разбирање.

Мешавина од повеќејазичност која слободно се движи по „Линијата на спонтаноста“, онаа која Милан целиот свој живот ја застапуваше, создаде проект како продолжение на неговата музички изразена борба против примитивизмот и лишување на културата од духовното.

Албумот Angel’s Breath е снимен во Бразил на почетокот на 1994 година каде истовремено е снимен и видеоматеријал со намера да се искористи за спот за една од песните на овој албум. За жал, видеозаписот никогаш не беше реализиран.

Годинава, како достојна почит кон квалитетната музика, во соработка со фондацијата Милан Младеновиќ и со семејството на Суба, албумот беше реиздаден од Кроација рекордс. Ангелскиот здив за кој самиот Милан знаеше да каже: „опишувањето на музиката снимена на овој албум е не само излишно, туку и невозможно“, доби втор живот во форма на ЦД и винил, заслужено одржувајќи го жив споменот на неповторливиот фронтмен на ЕКВ.

26 години подоцна, фондацијата Милан Младеновиќ објави и досега невиден видеоматеријал создаден за време на снимањето на албумот. Во режија на Марија Вукиќ истиот е искористен за снимање на спот за песната „Bullet“ чија промоцијата се случи на 8 Октомври.

Нема сомнеж дека Милан и Суба оставија Ангелски здив со кој ќе живеат уште многу следни генерации.