Деветнаесетиот ОФФест. продолжува со македонска вечер. Надоврзувајќи се на традицијата на претставување на домашната сцена на ОФФест утре во Македонската филхармонија ќе настапат Добрила & Дориан Дуо и Баклава.
Групата Баклава е оформена во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во своите проекти, но и низ соработките со други музичари и бендови. Своето музичко патешествие го започнаа како квартет, со минималистички музички концепт: звук составен од женски вокал, два жичани (тамбури) и еден удирачки народен инструмент (деф). Откажувајќи се од сложените музички форми и оркестрации, Баклава ја слават совршеноста на едноставноста, создавајќи авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на македонскиот мелос. Освен преработките на композиции од македонскиот фолклор, светогледот на групата Баклава, во исто време, е отворен и за туѓи фолклорни традиции. Бендот има снимено четири албуми: „Баклава“ (2006), „Калемар“ (2008), „Me Mankas Mucho” (2011) и штотуку издадениот „IV” (2020). Имаат работено музика за неколку филмови, а настапувале во повеќе европски земји: Белгија, Франција, Шпанија, Германија, Чешка, Италија, Данска, Турција, Словенија, Романија, Србија и Бугарија. На ОФФест. ќе се претстават во едно ново, освежено издание.
Домашната публика ги познава Добрила и Дориан како дел од тимот на Чалгија саунд систем. Добрила е сопственик на несомнено еден од највпечатливите вокали на овие простори. Дориан е мозокот на неколку проекти и бендови, меѓу кои најпознат е String Forces. Двајцата неодамна започнаа една нова приказна којашто ја опишуваат како „мека офанзива на амалгамизирање на гласот, утот, луповите и импровизацијата“. Од една страна, Добрила ги пее македонските песни, но и си игра со тишината, со мелодијата која не мора секогаш да биде тон, туку и шум, а од друга, Дориан свири на ут – инструментот претходник на денешната гитара, пронаоѓајќи ја највисоката точка на луповите и прстометот по шест жици, помеѓу макамите и западните скали. Добрила го добила своето знаење откривајќи ја покривката на македонското музичко-пејачко наследство на Вања Лазарова, Мирвет Беловска, Кирил Манчевски, но и од влијанието на слободните истражувачи на инаквиот начин на пеење и изразување. Дориан Јовановиќ, пак, работејќи на своите неколку проекти (String Forces, Axiotomic, Dorian Jovanovic oud quartet) го синтетизира до максимум насобраното знаење и искуство и го изнесува на виделина тoкму во овој проект, којшто ќе доживее своја вистинска премиера на ОФФест.
Годинешниот ОФФест. се одвива целосно во согласност со протоколот за одржување на концерти во затворен простор, а следејќи ги најновите препораки на Комисијата за заразни болести, почетокот на концертот е во 19:00.Билетите се во продажба, исклучиво онлајн, преку продажната мрежа на mk.tickets. Годинашното издание на ОФФест во вторникот го отоври со извонредниот настап фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз (Sílvia Pérez Cruz), кој истовремено претставуваше и светска премиера на нејзиниот најнов проект „Фарса“
превземено од МИА, од Виолета Геров