Добрата книга е како палимпсест и тоа во данилокишовско значење на зборот палимпсест (целокупното искуство на литературата (книжевноста), писателовото книжевно и животно искуство), кое се испишува на хартијата, пергаментот (класичното значење на зборот полимпсест).

Сестрата на Зигмунд Фројд од Гоце Смилевски е од оние книжевни дела, во кои повеќеслојноста на палимпсестот не може да се избрише од пергаментот, буквите одоздола и оние одозгора изнурнуваат преку нишката која постојано се кине и постојано се обновува. Романот Сестрата на Зигмунд Фројд е фиктивната биографија за Адолфина Фројд, една од петте сестри на ликот Зигмунд Фројд, кој има референт во реалноста во личноста на познатиот австриски невролог и основачот на психоаналитичката школа за психологија Зигмунд Шломо Фројд.

Создадена од силата на Еросот, тој фундаментален, креативен и животворен инстинкт, Смилевски ја фрла Адолфина во арената на животот каде парадоксалното единство на животот и смртта овозможуваат придвижување и развој на човештвото, но и на човекот како поединец. 

Нарацијата во романот почнува со ретроспекција на ликот-наратор Адолфина, која како старица  го раскажува нејзиниот живот од раѓањето до смртта. Помеѓу овие две точки се нижат настаните кои го обликуваат нејзиниот живот на танчерка која го танцува архетипскиот танц на Еросот и Танатосот.

Сугестивен е текстот “На почетокот на мојот живот беше болката. Нешто како тивко капење на крв од скриена рана. Капка по капка. Многу боледував во детството, но мојата болка не беа моите болести, туку мојата мајка”, кој останува како прекогнитивен предзнак за целокупниот живот на Адолфина, кој таа го живее растрагната помеѓу болката и љубовта.

Во тој контекст се појавува ликот на Рајнер, момчето кое  “имаше поинакви очи од сите… очи кои плачат навнатре”, момчето со чија сенка си играше нејзината, момчето за кого го откорна црвеното џепче од своето фустанче и му го подари како мелем за болката во соларниот плексус…Во моментот кога Адолфина првпат ќе ја вкуси љубовта, веќе е инфицирана од смртта. Со Рајнер ја искусува болката на отфрлена жена, но и поголемата болката од целосната загуба на Рајнер во водите на Дунав, оставајќи ја сама на брегот со плодот во утробата, од кој останува само црвената трагата од крв на ѕидот во нејзината соба.

Раскажувањето во романот не оди праволиниски, туку создава вртлози од кои се слуша ехото од хорската песна на анонимните жени (Адолфина Фројд, Клара Климт), кои биле погрешно разбрани, чувствителните жени, жените на кои се гледало како на “нешто погрешно”, оние кои биле на товар на машките херои (нивните големи и славни браќа Фројд и Климт), заземајќи конечна форма на безвременска античка трагедија.    Преведен на преку триесет јазици во светот, романот Сестрата на Зигмунд Фројд останува тажачка за животот, разумот и лудилото, притоа осветлувајќи ја треперливата интелектуална и уметничка сцена на Виена пред и за време на Втората светска војна.

автор: МАНА