Утревечер, 12.11.2020 година, со почеток во 20 часот, на сцената на македонската филхармонија, ќе застане Дино Имери заедно со Филхармонија, уште еднаш потврдувајќи ја врската која трае години наназад. На концертот “И ТЕЛО И ДУША” со ДИНО ИМЕРИ како солист а под диригенство на Јерухим Шаровски од Израел ќе бидат изведени: Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур, и Симфонија бр. 7 во А-дур, оп. 92.

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур од Лудвиг ван Бетовен е создаден во периодот меѓу 1809 и 1811 година, во услови за кои самиот Бетовен ќе каже: „бев опкружен со беда и мизерија, страв и неизвесност“.

Денес ова е едно од најсовршените и најизведувани дела на светската музичка сцена, концерт кој се темели на рамноправна застапеност на оркестарската и пијано изведбата, на тој начин градејќи фантастична но и слободна врска…како потврда за можеби тешко, но сепак добиена музичка и уметничка битка над злото и спрегите кои истото ги наметнува.

Симфонија бр. 7 во А-дур, оп. 92 е создадено во истиот период кога и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, и тоа е периодот кога Бетовен имал големи проблеми со слушањето. Самиот Бетовен токму оваа композиција ја смета за своја најсовршена симфонија за која пак критиката вели дека е едно од мелодиски најбогатите симфонии, а Вагер потенцира: „ако некој ја слуша Седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“. Оваа симфонија за прв пат е изведена на 8 декември 1813 година во Виена.

Дино Имери се вбројува во 10-тте најдобри европски и еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација на класични музичари. Утревечер, со почеток во 20 часот, застанувајќи на сцената на Македонската филхармонија, во период временски различен, а сепак идентично тежок на оној во кој творел Бетовен, распостилајќи ја својата брилијантна виртуозност, ќе ни ги исчисти мислите потсетувајќи дека уметноста е неопходна за хигиената на душата, како што сапунот се неопходен за хигиената на телото.

Автор: Бон&Бона