„Во сенката на злосторот“ е дело на Хелена Хеншен објавено како дебитантски роман на нејзина 60-годишна возраст.

Со вешто испреплетени елементи на уметничколитературниот и публицистичкиот стил авторката ни пакува приказна за едно од највлијателните и најбогатите семејства во Шведска во минатиот век – НЕЈЗИНОТО!

Крвавата драма во семејство Фон Сидов се случила кога мајката на авторката имала само 15 години и тоа е драма која никогаш не престанала да го интригира вниманието на јавноста, тука вклучувајќи ја и самата Хелена.

„Никој не може да објасни зошто Фредрик фон Сидов ги извршил убиствата. Никој не знаеше кој е мотивот и тој не беше наведен никаде во извештаите на полицијата … Семејството не зборува за тоа. Тајна е и забрането е. Не постои и никогаш не се случило. Можеби затоа неговото присуство е толку очигледно“ – вака авторката објаснува што ја инспирирало да ја напише книгата.

Обидувајќи се да го сфати она што мајка ѝ никогаш не можела да ѝ го раскаже, Хенлен се впушта во истражувачко патување, давајќи максимум од себе за да дојде до сведоштва кои ќе и ја разјаснат долгодецениската тајна. Она што не можела да го најде како информација го надополнила со својата имагинација и творечка слобода, создавајќи силен и импресивен роман кој го прекинува молкот.

Раскошниот раскажувачки стил и специфичниот израз со кој се опишани ликовите наедно им дава збор и душа на оние кои почиваат повеќе од 70 години.

„Во сенката на злосторот“ е награден со наградата на читателите на списанието „Ви“ и со Наградата за литература на Европската Унија во 2009 година.

Во превод на Ивица Челиковиќ, книгата е објавена на македонски јазик цели 10 години по добивањето на Европската книжевна награда, односно во 2019 година и истата е достапна во продажба преку издавачката куќа Антолог.

линк: https://antolog.mk/product/vo-senkata-na-zlostorot/