Кога љубопитноста ќе се стави на пиедестал тогаш највисок дострел по кој се копнее не е именка во еднина. Многу работа е она што води кон остварување на соништата и слободата за подвлекување на цртата на прецизно избрано место. Центарот на светот постои во нас, Ветена земја е онаа на која ние ќе и дадеме такво значење.

Андријана Јаневска е наш денешен соговорник. Доцент на Факултетот за музичка уметност и редовно вработена во Македонската опера и балет како прва виолина. Извонреден вокал, композитор, виолинист, педагог, ментор.

Разговараме за предизвиците во сите фази на нејзиното образование, предизвиците и перцепцијата денес, од другата страна на приказната и секако кариерата низ која чекори сигурно и само во нагорна линија.

Прегледувајќи го редот на образованието, неуморната надградба и работа на повеќе полиња ни доловува слика за „дете по книга“ – динамична, љубопитна и посветена.

Елементал: Како таква влеговте во музиката на 6 годишна возраст или?

Aндријана: Може да се каже дека љубопитноста е мој заштитен знак. Малку ми е времето за сè она што сакам да го направам, истражам, проучам, научам. На тој начин и моите родители го забележале мојот талент за музика, бидејќи самите не се музичари. Ме интересира буквално сè и слободното време го користам за да научам нешто ново. Работите не сакам да ги правам површно, туку длабоко навлегувам во нивната суштина. Така се навлеков на шахот, пливањето, а летово го искористив да научам да возам и мотор. Сериозно се посветив, вежбав, положив, купив мотор (Honda CBF 600) и тој е веќе дел од мојот живот. Во иднина планирам да научам и други работи кои ме интересираат.

Елементал: Земајќи ги предвид фактот дека музиката познава различни правци од една страна и интензивното пласирање и достапност на трендови на новото време од друга страна, како се одолева на искушението да не се потцени квалитетот под силниот притисок на актуелното?


Aндријана: Отсекогаш имав некоја дилема каде треба да се стремам, бидејќи кариерата ја започнав на 16 години. Мојот сензибилитет и душа сакаат едно, а во моментот популарно е нешто сосема друго. Тешко е да останеш свој во време кога шундот го достигнува својот врв, кога секој има слобода да настапува и да се појавува на националните телевизии. Сепак, мислам дека овие 22 години на сцената издржав да не потклекнам на искушенијата наречени пари, слава, популарност.

Елементал: Свирите виолина, пијано, гитара и бас гитара. Образовниот процес го наметнува тоа или пак е само последица на љубопитност, желба и амбиција?


Aндријана: Свирам виолина од мои 7 години, тоа беше она за кое се определив да биде моја животна професија, иако во пикот на мојата кариера (2001/2002 година) имав навистина неверојатни финансиски понуди од кои можев долго да живеам. Сепак, се одлучив да одам по малку потежок пат, бидејќи не секоја пејачка кариера трае долго за да може да се живее само од пеење. Од денешен аспект, воопшто не згрешив. Останатите инструменти ги научив од чисто љубопитство и желба да знам што повеќе. Така научив и да аранжирам, оркестрирам и да работам аудио продукција.

Елементал: Не се ретки случаите човек да избере животна професија по насока или пак како последица на следење пример од својот омилен професор. Вие? Зошто и дадовте предност на виолината?


Aндријана: Кога завршив подготвителна година во нижото музичко училиште и требаше да одберам инструмент, се одлучив за пијано бидејќи тоа беше мој сон. По неколку дена ни се јави професорката Весна Димчевска и разговараа со татко ми да се запишам на виолина бидејќи сум била многу музикална. Се сеќавам дека многу плачев и не сакав да свирам. Чувствував неправда и долго имав одбивност кон виолината. Но, ни самата не знам од каде, наоѓав сила да продолжам. Во средно почнав да свирам и пијано и тогаш знаев дека музиката ќе биде моја професија бидејќи почнав подлабоко да навлегувам во хармонијата, полифонијата и сето она што ја правеше музиката магична и привлечна. Професорот по виолина Иле Темков ме имаше подготвено за последната етапа. Веќе на факултет, благодарение на професорите Зоран Димитровски и Љубиша Кировски станав професионален виолинист. Денес, навистина сум ѝ благодарна на професорката Весна Димчевска која на некој начин ми го трасираше патот.

Елементал: Имавте момент/период кога можеби сакавте некоја друга професија?


Aндријана: Сакав да бидам спортист. Имам тренирано буквално сè што ми било достапно: ракомет, одбојка, кошарка, атлетика, шах, пливање … Пред да ги родам децата со сопругот планинаревме секој викенд, а ме влечат и спортови како мотоциклизам, автомобилизам …

Елементал: Кои се критериумите кои треба да се исполнат и кој е патот до станување на прва виолина во МОБ – најпрестижната и најпосакуваната институција во МК на секој музичар? Што всушност значи да се биде прва виолина?


Aндријана: Освен што треба соодветно образование, треба да имате оркестарско искуство како и положено аудиција за прва виолина пред соодветна комисија. Јас ја положив пред десетина години. Материјалот којшто треба да го свирите е од прилика со тежина како магистерски испит.

Елементал: Во Вашата концертна историја се запишани настапи во сите градови низ Македонија но и концертирање во многу земји низ светот. Како се доаѓа до тие соработки?


Aндријана: Сум настапувала како пејач солист, пејач во хорот Св. Злата Мегленска, како солист на виолина, како дел од оркестарот на МОБ, но и како композитор или аранжер. Секое искуство е специфично и драгоцено на свој начин. Вообичаено добивате покана, понуда, која доколку ви одговара ја прифаќате. Заработката никогаш не ми била на прво место, затоа што никогаш не знаете кого ќе запознаете на тој настан и каква следна соработка ќе излезе. И вообичаено така бидува, кога најмалку се надевате, ќе се запознаете со некој извонреден уметник со којшто започнувате нова соработка …

Елементал: Сте размислувавте некогаш за продолжување на кариерата надвор од Македонија? Која држава и институција се Вашиот евентуален сон?


Aндријана: Како дете сакав да живеам во Холандија. Кога требаше да се запишувам на факултет, поднесов документи за Кралскиот конзерваториум во Хаг на отсек компонирање и документи на ФМУ отсек виолина. Еден ден, додека седев со моите родители, на домашниот телефон ми се јави деканот од Хаг да ме извести дека сум примена со целосно платена школарина. На мојата радост ѝ немаше крај: компонирање, Холандија, сонот на дланка. Тогаш напишав еден есеј со наслов: Ветената земја. Поентата на текстот беше дека доколку сите желби ми се исполнат, нема да имам за што да сонувам. Се решив да останам во Македонија, сепак тука сум своја на своето.

Елементал: Дипломиравте на отсекот виолина а магистриравте на отсекот музичка теорија и педагогија. Би ги споредила како американско карате во кое жестокоста доаѓа до полн израз и кинеска вештина чија моќ се крие во смиреноста и концентрацијата. Се смирува ли темпераментот или сепак ваквиот избор е резултат на нескротливото трагање по нови предизвици?


Aндријана: Јас трагам по нови предизвици и затоа во моментов сум трета година на докторски студии на Институтот за фолклор, нешто сосема трето, но сепак поврзано со музика. Ги положив сите испити, на ред е одбраната на докторската дисертација која ќе биде следната година.

Елементал: Какви слушатели се студентите а какви публиката на концертите? Чиј поврат/аплауз повеќе исполнува и како им го покажувате тоа?

Aндријана:  Секако дека многу ми значи доколку видам дека некој од студентите дошол на концерт, но пред настапот не се оптоварувам со тоа кој седи во публиката. Ги почитувам подеднакво сите кои дошле. А после концертот, задолжително следуваат анализи со студентите и убав разговор.

Елементал: Отворивте свое музичко училиште. Тоа потврдува дека и темелноста но и желбата да се застане на страната на едукатор и мотиватор се силни карактеристики кои кај Вас само се надградуваат. Кои се темелите и каков е концептот на училиштето? Која Ваша неостварена желба притиска да биде ослободена и да добие комплетна реализација по исклучиво Ваши правила?

Aндријана:  Музичкото училиште одамна ми беше желба, но сега дојде време да се оствари. За жал, условите за учење при пандемијата значајно го променија текот на учењето. Концептот е децата да учат по финска метода, во мали групи со индивидуален пристап. Сега за сега одлично оди, има многу заинтересирани дечиња и се надевам дека откако ова лудило ќе помине, сите ќе можеме да се вратиме во нормален колосек. Во моментов има групи за солфеж, пеење, пијано и виолина.

Елементал: Каков професор сте? Се држите до строго пропишаното или излегувате од рамката во насока на задоволување на таа детска/тинејџерска љубопитност и лутање во себепронаоѓањето? Како мотивирате и како казнувате? Од што никогаш не отстапувате?

Aндријана: Казната не е начин, мотивацијата е. Не е поентата децата да ги одвратите од студирање и учење, туку напротив, да им помогнете да се пронајдат и да им го олесните патот. Мој најголем успех е што многу од децата на кои им предавав виолина пред 15 години, веќе се професионални виолинисти. Нема поголем успех за еден наставник од тоа да види дека учениците го надминале.

Елементал: Годинава, односно начинот на кој живееме скоро па цела година, ограничувањата, мерките, здравјето … како го перципирате и како се справувате? Има ли начин безбедно да се издигнеме над се и да најдеме начин музиката да е неизоставен дел од живеењето?

Aндријана: На почетокот, карантинот добро ми дојде да успорам со секојдневните обврски и добро да се одморам. Сепак, веќе кај сите оваа ситуација почна психички да делува, бидејќи ни е скратена слободата и не можеме нормално да живееме. Ми недостасува дружењето со колегите од МОБ, физичката настава на ФМУ, многубројните концерти, настапи … Искрено се надевам дека лудилово побрзо ќе помине и дека во Новата година ќе можеме да живееме нормално.

автор: Бон&Бона