Со сиот свој жар, со сета верба во себе, секогаш расположен да говори за себе, да говори и да се бори за својот свет, младиот и талентиран актер Исмет Шабановиќ отворено и без цензура го раскажува својот став и својот почеток на театарската сцена.

Идентитет/Претставување/Академски денови

Многу е тешко денес да зборуваме за актерски или за каков било друг идентитет.
Секако, ниту еден не е изолиран. Мојот актерски идентитет на плеќи го носат многу мои помали идентитети. Сите би сакале да бидат на негово место. Кога и да се случи нешто лошо во однос на професијата, во главата ми се случуваат идентитетски државни удари.
За среќа, секогаш се наоѓа некакво прибежиште. Некогаш тоа е квалитетниот процес при создавањето ново дело, некогаш е гледањето добра претстава, а некогаш е самото чекорење низ театарските ходници. Токму тие ходници имаат голем удел во раѓањето на идентитетот за кој зборуваме во оваа пригода. Имав среќа многу рано да зачекорам на сцената на Драмскиот театар во Скопје како актер аматер, во претстава создадена од страна на драмската секција од која бев дел. Влегов и, барајќи ја сцената, се загубив низ ходниците. Прошетав низ театарот и гледајќи ги сите сценографии, костимите закачени насекаде, плакатите од претставите, почувствував дека треба да останам тука. Десет години подоцна го пишувам ова. Сè уште го имам истото чувство додека чекорам низ ходниците на театарот.

Актерството се наметна како нешто во кое се вкрстуваа сите мои интереси. Во театарот се потпиша тој меѓуидентитетски договор помеѓу детето Исмет, кое беше вљубено во историјата како наука и кое мечтаеше да биде професор, од една страна, и малку повозрасниот Исмет, кој беше маѓепсан од пишаниот збор и од книжевноста на која гледаше како можно идно занимање, од друга страна. Леснотијата со која на сцената се оживуваат некои времиња, простори и луѓе од минатото е навистина бајковита. Понекогаш наидувам на слични моменти и надвор од театарот. Нашата почва е многу плодна за сеење на минатото. Бајковита е и леснотијата со која на пазарите и во меаните може за миг да оживеат случки од пред многу векови, кои се проблематизираат како да се случиле денес. Со истиот жар како на сцената. Тоа е така. Големите народи немаат минато, а малите народи немаат ништо освен минатото. Сакал или не сакал, не куртулив од ниту еден мој идентитет. Тука се сите. Во театарот.

На академијата се појавив со сите овие куфери во главата. Кога си заминав оттаму, со себе понесов уште еден, полн со сеќавања на сите успеси и грешки, другарства и лекции што во куферот ми ги здипли академијата. ФДУ е местото каде што често се враќам. Не само поради бифето на Вики и Гого, кое несомнено е митско место, туку и поради константниот проток на нова енергија. Таму никогаш не е здодевно. За разлика од меаните и пазарите што го оживуваат минатото, ФДУ е ретко место каде што секојдневно оживува иднината.

Кое е вашето главно оружје да се изборите за својот свет како млад актер?

Самодовербата. Таа секогаш игра клучна улога во остварувањето на целите. Секако, не онаа тврдоглавата што те тера да се бориш против ветерници. Но, ако зад самодовербата се крие длабоко преиспитување на целите и ако сите преиспитувања повторно те носат кон една цел, тогаш оружјето со кое треба да ја заштитиш дефинитивно е самодовербата.

Дали како млад актер имате храброст да се потпрете на својата интуиција и гласно да го кажете својот став или своето незадоволство?

Не знам. Тенка е линијата помеѓу интуицијата на млад актер и неискуството што го носиме со нас. Многу често се случува интуицијата да се трансформира во инает. Млад сум, но научив понекое правило. Патот е секогаш ист. Јас секогаш го кажував сопствениот став. И кога требало, и кога не требало. И кога другите молчеле, а се согласувале со мене. Потоа преминав во обратната фаза, во која првично почнав да молчам за да видам дали и некој друг ќе се дрзне да прозбори, па кога се соочив со тишината на околината, почнав да размислувам за тоа дали треба или не треба секогаш да го кажувам сопствениот став и да се борам за него. Мислам дека треба, но за вистинските цели и луѓе, кои ја даваат истата саможртва за она во кое веруваме заедно.

Дали им се дава доволно простор на младите актери?

Не. Постојат цели генерации актери што не стапнале на сцена по дипломирањето. Ништо не го убива еден актер како неиграњето. Тешко е да поминуваш покрај театарот, а да не можеш да влезеш. Уште пострашно е тоа што не знаеш ни кога ни дали ќе влезеш. Тоа е системски проблем, кој со години е слонот во собата што се обидуваме да не го видиме. Но, јас сум и за тоа да не се чека. Многу примери од историјата на театарот докажале дека е можно не само да се освојат постоечките простори, туку и да се создадат целосно нови театарски универзуми што зад себе оставиле неизбришлива трага. Не сакам да ламентирам над нив и да ги заборавам тешкотиите што стојат на патот при остварувањето. Сакам само да потенцирам дека не треба да се чека. Имавме неколку обиди заедно со моите колеги од факултетот да создадеме нешто наше. За жал, не успеавме, но секој обид се вреднува и ќе те одведе некаде. Мене ме одведе во „Wonderland Theatre“. Концепт и луѓе доволни за моите театарски визии.

Во која театарска форма би сакале да се видите во иднина?

Немам дефинирано некоја форма. Најблиску до моите театарски мечти е претставата „Мојот маж“, која ја работевме во Драмскиот театар, а која ја режираше Нела Витошевиќ. Без длабок и темелен процес нема ништо. Сè е привид и сè брзо се распаѓа уште на првата кривина. Колку што беше длабок процесот на оваа претстава, толку сценографијата и костимографијата беа едноставни. Чиниш едноставни, а секој дел од нив постоеше како засебен свет на сцената. Претставата беше создадена од раскази напишани на авторката Румена Бужаровска и од наши лични приказни. Сите актери беа на сцената од почетокот до крајот на претставата. Не беше лесен предизвикот да излегуваш од едно и да се трансформираш во нешто друго толку брзо, без подготовка и без да имаш можност да се отрезнеш од приказната што е твоја лична, а која претходно не си ја раскажал никому и не знаеш какви реакции ќе предизвика. Претставата трае повеќе од два часа, а јас можам да се сетам само на почетното излегување на сцената и аплаузот што секојпат траеше долго. Сè помеѓу е наша работа. Работа создадена од темелен процес и актери што се подготвени на сè, верувајќи дека прават капитална работа што ќе ги помести позициите на театарот. Ете, такво нешто би сакал да гледам почесто.

Зошто се важни алтернативните сцени и што тие претставуваат за вас?

Важни се бидејќи овозможуваат да се градат нови генерации уметници. Важни се бидејќи таму, исто така, се создава современа театарска мисла. Кога одам да гледам претстава, не обрнувам внимание дали таа се игра во алтернативен или конвенционален/институционален театар. Одам да гледам претстава. Јасно ми е во кој контекст е прашањево, но имам гледано многу претстави што се нарекуваат алтернативни само затоа што не биле играни во постоечките театри. Се разбира дека имаат влијание. Важно е секој да добие шанса.

Имавте голема чест и можност да играте и да креирате во новата театарска форма на Нела Витошевиќ. Раскажете ни повеќе за тоа искуство и за претставата „Илузии”

Тргнавме од желбата за креирање. Она што е во кодот на секој уметник. Не размислувавме дали создаваме нова форма. Не знаевме ни дали сме ја создале. Недостасуваше театарот. Се исплашивме од неизвеснота на која толку многу лесно ѝ се препуштаме и во однос на која не правиме ништо. Ниту еднаш не се сретнавме, но процесот имаше многу театарски сегменти. Секојдневно имавме проби. Живеевме во изолација, но некако недостигот на театарот како да исчезна за миг. Радосен сум што, ете, во едно вакво лудило успеавме да создадеме парче уметност што сигурно отвори многу прашања во театарскиот свет. Претставата „Илузии“ беше селектирана на неколку интернационални фестивали. Допрва чекаме одговор од многу други на кои имаме аплицирано. Претставата ја погледнаа неколку илјадници луѓе и сигурно ќе биде највпечатливото нешто за нас кога ќе се сетиме на сите овие месеци во карантин. Се надеваме дека сето ова брзо ќе заврши и дека ќе се вратиме во театрите. Но, доколку не се случи тоа, сигурно нема да останеме со скрстени раце. Карантинот беше и причината за реоформување на „Wonderland Theatre“, кој сега активно работи и со кој имаме големи цели што ќе се трудиме да ги оствариме во периодот што следува.

Талент или среќа?

Талент. Додека не дојде среќата. Важно е да не паднеш додека не дојде тој момент.

Што би им порачале на режисерите?

Сè што сакав да им кажам ќе го пронајдат погоре во текстов.


Три книги

1. „Пошта“ – Чарлс Буковски
2. „Екс Понто“ – Иво Андриќ
3. „Сапиенс“ – Јувал Ноа Харари

Три филма

1 „Legends of the Fall“ – Edward Zwick
2. „Underground“ – Emir Kusturica
3. „The Reader“ – Stephen Daldry

Три претстави

1. „Електра“ – во режија на Андри Жолдак
2. „Антигона и Креонт“ – во режија на Нела Витошеви
3. „А каде е револуцијата, стоко?“ – „Монтажстрој“ од Хрватска