Тимур Вермес: Повторно тој

Сатиричната новела на германскиот писател Вермес е заснована на ликот на Адолф Хитлер, кој после 66 години на мистериозен начин се буди во Берлин во 2011 година, без познавање на случувањата по неговата смрт во 1945 година. Настаните го водат од бездомник кој ја гледа сегашноста преку неговата нацистичка идеологија, преку медиумска ѕвезда, до популарност која му овозможува повторно вклучување во политиката.

Со многу хумор, и преку неговите филосовски опсервации, Вермес ја демистифицира моќта на денешните медиуми во формирање на култ на личноста, дури и од такви негативци каков што е Адолф Хитлер. Иако забавна и лесна за читање, на крајот ви останува прашањето – дали е сè ова баш толку наивно и смешно?

Елена Кољадина: Цветен крст

Најконтроверзното дело на руската литература во деценијата која изминува, Цветниот крст, напишана во стилот на руските сказни, го поттикнува вечното прашање за дистинкцијата помеѓу доброто и злото. Сторијата на романот е заснована врз историски настан од 1672 година, кога во Тотма била спалена жена обвинета за вештерство, предадена преку ликот на Феодосија Строганова, нејзините жртви во име на откажување од гревот и обидот за наоѓање на вистинското добро.

Нејзините обиди се водени и поттикнувани од 24 годишниот отец Логин, претерано ревносен во своите амбиции, без сочувство и грижа за туѓиот живот. Исклучително интригантно и комплексно дело, кое не остава простор за рамнодушност.

Филипо Вентури: Тортељината умира во доматен сос Емилио Зучини, сопственик на ресторан во Болоња, заколнат ерген, и тврдокорен почитувач на традиционалната Болоњска кујна, и неговиот најдобар пријател Никола Фини, напуштен од сопругата, со две деца за кои мора да се грижи, се главните ликови во новелата на италијанскиот писател Филипо Вентури.

Сторија заснована на можноста за случајност во која тројца деликвенти независно еден од друг одбираат да ограбат во ист ден една иста банка, а Фини да го паркира својот автомобил токму пред таа банка во времето на грабежот, и низа на комични ситуации, проследени со листа на гастрономски специјалитети на Болоњската кујна. Забавно и лесно четиво за читање.