Читањето не е само запловување во различни светови и туѓи приказни. Читањето е доживување, созревање, уживање, самоспознавање, клуч кој го отвора умот и патоказ кон улов на слободата. Читањето не е задолжително. Читањето е љубов за која никогаш не е прерано, ниту предоцна. Под слоганот Нека трепка!, издавачката куќа Антолог оваа недела ја посветува на радоста на најмладите читатели и со четири нови наслови повикува во светот на чудното, чудесното и волшебното

Сликовницата Мимбо Џимбо и долгата зима од авторот на Неверојатната приказна за џиновската круша, Јакоб Мартин Стрид, ја раскажува приказната за проблемот што ги снаоѓа веселото слонче Мимбо Џимбо и неговите пријатели. Наместо долгоочекуваната пролет, одеднаш доаѓа зимата, и тоа преку чудни снежни наноси што никогаш не биле видени во Африка. Кој е виновен и што да се прави сега? Како пријателите да го натераат Зимскиот Дух да отпатува назад кон Северниот Пол и да ги спаси животните од студ? Прекрасна авантура со текст и илустрации на Данецот Јакоб Мартин Стрид.

Сонот на Ѕуница е сликовница за деца од 3 до 8 години од турската авторка Филиз Оздем. Приказната се испреплетува околу различни теми: верност, љубов, пријателство, но и смрт, разделба и осаменост, сето тоа преку игрите меѓу сонот и јавето на малечката Ѕуница. Фосфорни езера, црвени риби, прекрасни сини карпи, мистериозен даб, магичен замок; паѓање, летање, трчање и секако гласот на мајката – детскиот сон е најубавата земја во светот

Главниот лик во Леле, ми се скрши срцето! од турска авторка Елиф Јемениџи, е Мила, девојче што живее во сино-бело егејско гратче полно со маслинови дрвја. Бидејќи нејзините другарчиња одбиваат да играат со неа, нејзиното мало срце се крши. Книгата со хумористичен тон му ги претставува на читателот различните начини на кои Мила се обидува да го зацели своето срце. Преку неа, богатите медитерански предели ќе ви ги стоплат срцата. Проблемите како што се вознемиреноста и тагата може да бидат збунувачки за малите деца. Со оваа приказна децата ќе ги препознаат своите чувства одблиску и ќе ја откријат важноста на споделувањето и дружењето.

Во Амелија Вампирозабовска и Варварскиот бал од Лора Елен Андерсон, ја запознаваме Амелија која сака да си игра брканица со гоблини и да го гушка своето милениче тиква, Тиквичка. Мрази кога мора да оди на здодевниот Варварски бал организиран од мајка ѝ и татко ѝ. И уште нешто – Амелија е вампирка. Кога разгалениот принц на Ноктурнија ќе го зароби Тиквичка, Амелија мора да го испланира неговото храбро спасување. Но во Кралството на темнината работите не се такви какви што изгледаат …