Зад површината на сината и недогледна рамнина постои свет кој воодушевува. Само треба да се погледне пошироко, или уште подобро подлабоко, никако не заборавајќи дека не секое дно е лошо дно.

И на ова патување се тргнува со маска, но и мисла еднакво чиста како водата која повикува. На патот кон долабочината која крие бисери неизбежни се средби со ендемични видови од кои се собираат различни искуства – трема, по малку страв, изненадувања, воодушевувања, уживања, адреналин но и спокој.

Достапни и чести се ваквите задоволства благодарение на Нуркачкиот Центар Амфора кој постои веќе 16 години. За прв пат се регистрира во 2004 година, а се наоѓа во состав на Музејот на вода, Заливот на коските во Градиште – Охрид плански изграден според највисоки светски стандарди.

На денешното патување не води Г-дин Јован Секулоски, Претседател на центарот.

Елементал: Од каде идејата?

Јован: Идејата лежи во желбата за авантура, да се научи и дознае нешто ново, да се проба нешто невообичаено. За разлика од другите спортови, нуркањето е релативно нов спорт со најголем подем во ’90-тите кога и за прв пат почнавме со нашите обуки.

Со зголемувањето на интересот кај пошироката јавност се јави потреба за нуркачка академија која ќе се осигура подводните активности безбедно да се изведуваат според највисоки стандарди на светско ниво, а се со цел максимален квалитет на услугите кон крајниот корисник.

Амфора е единствен лиценциран нуркачки центар во Република Македонија кој работи по програма и стандарди на меѓународната школа за нуркање Scuba Schools International и е овластен да врши обука и сертификација до највисоките нуркачки и инструкторски категории во светски рамки. Центарот располага со над 40 комплети нуркачка опрема, чамци, компресори, опрема за изведување подводни работи, комплети за прва помош и реанимација и хипербарична комора лоцирана во своето седиште.

За нуркачката школа да има дозвола за работа мора да ги обезбеди следните услови:

  • центарот мора да биде лиценциран и да има свој раководител
  • да поседува најмалку 1 лиценциран инструктор за нуркање
    со активен статус и меѓународно осигурување
  • комплет за оксигенација и кардио-пулмонална реанимација
  • посебна училница за едукација и презентација
  • квалитетна и сервисирана опрема за нуркање
  • да работи по стандарди и програма на SSI

Елементал: Со колку членови започна центарот и колку членови брои денес?

Јован: Центарот почна со 2 членови, моментално брои околу 30 од кои повеќето се активни секојдневно. Секоја година обука завршуваат 70-80 нови кандидати па според обврските така и се зачленуваат.


Елементал: Постои ли распоред, динамика според која функционирате?

Јован: Распоредот/динамиката на работа ја приспособуваме според временските услови и видот на работа која извршуваме.

Во текот на летната сезона најчести се едночасовните подводни екскурзии наменети за почетници кои за прв пат се запознаваат со подводниот амбиент. Се одвиваат на подводниот археолошки локалитет и се збогатени со подводни фотографии и видеоматеријал.

Покрај секојдневните активности, најбројни се почетничките обуки за нуркачи кои траат

5 дена. Првиот чекор е селекција на комплетна опрема која е обезбедена од центарот, потоа се изведуваат подводни вежби, теоретски лекции и нуркања на максимална длабочина од 18 метри.

По завршување на курсот, кандидатите се стекнуваат со интернационално признаен сертификат кој важи секаде во светот.

Со сертифицирани нуркачи посетуваме најразлични локации на Охридското Езеро, а за оние најискусните и на места каде што се и најголемите длабочини.

Активни сме во текот на целата година, во текот на зимскиот период ги прославуваме некои новогодишните празници под вода на наш уникатен начин, еден од нив е китење на подводна елка во Охридското Езеро заедно со Клубот за подводни дејности „Охрид“, a последно запаливме и оган под вода за славење на Василица.

Покрај секојдневните нуркања и обуки, се изведуваат спасувачки мисии, нуркања во екстремни услови, подводни работи на брани и цевководи. Исто така се фокусираме на изработка на проекти во поглед на екологијата и изработка на документарни филмови.

Елементал: Какви се интересите на членството? Се работи ли само за рекреативен спорт или можноста за рекреација е испреплетена со потребата од сплотување со природата па и можноста за давање свој придонес за зачувување на непроценливо природно богатство?

Јован: Основата на нуркањето се темели на рекреативниот спорт затоа што тој е и најбезбеден, потоа напредувањето зависи од апетитите на кандидатот, на рекреативните и професионални скалила на нуркачката асоцијација.

Секоја година имаме се поголема заинтересираност за овој спорт. Кандидатите си имаат различни мотиви: некој сака само да проба, на друг му била животна желба, трет за да се ангажира во подводни активности итн.

Нема нуркач што не допринел за зачувување на природното богатство. Како едни од најупорните со можеби над 15 големи еколошки акции би ги издвоил заедничките акции со Клубот за подводни дејности „Охрид“ каде имаме извадено различни видови цврст отпад од дното на Охридското Езеро.

Елементал: Постојат ли ризици од нуркањето?

Јован: Како и во секој спорт, така и нуркањето си носи свои ризици од повреди. Постојат строги стандарди кои доколку ги следиме ќе бидеме безбедни во текот на подводните активности. Благодарение на обемните истражувања за армиски и рекреативни цели, нуркањето е доведено до високо ниво на безбедност да можат и децата да го практикуваат без проблем.

Не постои ниеден друг спорт на кој науката се посветила и од кој се учи толку многу. Посебен акцент се става на физиката и физиологијата особено на кардио-васкуларниот и респираторниот систем.

Елементал: Која е најмалата возраст на која може да се нурка и кои се критериуми треба да се исполнат за да се потврди дека некој е спремен да биде нуркач?

Според најновите стандарди на меѓународната школа за нуркање Scuba Schools International минимална старосна граница за обука и сертифицирање на почетниот курс Junior Open Water Diver е 10 години.

Критериуми кои треба да се исполнат за успешно сертифицирање:

  • Да се завршат сите 6 академски лекции предвидени во курсот
  • Да се изведат сите методски вежби
  • Да се изведат минимум 4 нуркања во отворени води на максимална длабочина од
    18 метри (во зависност од старосна граница)
  • Да се заврши испитот со минлива оценка од најмалку 80%

Елементал: Со какви се предизвици се соочувате при организација на одредена тура но и внатре, за време на нуркањето?

Јован: При организација на одредени тури мора да се осигураме дека се запазени сите стандардни оперативни процедури кои ги проверуваме на посебни check листи. Пред сè приоритет ни е безбедноста на кандидатите во текот на целата екскурзија, потоа да се осигураме дека добро го разбрале брифингот пред нуркањето на кој ги потенцираме клучните точки. Нормално е кај човек што се справува со нешто ново и непознато да се јави мала доза на стрес кој може да биде и позитивен и негативен, тоа е природен одговор на некој предизвик. Голем дел од нашата работа е да влијаеме на овој стрес и да го намалиме на што е можно најниско ниво, како и кандидатот во текот на нуркањето да се чувствува сигурно во присуство на инструкторот.

Елементал: Каде се нуркате и кој е најинспиративно место за нуркање?

Јован: Очигледно најмногу нуркаме во Охридското Езеро, како најинтересни локации би ги издвоил Заливот на коските, Ѕидот на Трпејца и изворите на Црн Дрим кај Св. Наум.

Во другите земји, најчесто нуркаме на Јадранско Море во Хрватска каде има одлични локации и за почетници и за искусни нуркачи, а најмногу впечаток за нуркање ни остави Црвено Море во Египет, кога нуркате таму буквално како да нуркате во аквариум.

Елементал: Кои се пријатните па и непријатни изненадувања кои ги нуди подводниот свет?

Желбата да се истражи непознатото е можеби најголемиот мотив поради кој репетитивно се враќаме во посета на подводниот амбиент, како да сте во некој нов свет. Интересно е што поголем дел од животинскиот свет сè уште не се научил да се плаши од нас, па секоја интеракција со нив е ново возбудливо искуство. Пронаоѓање нови нуркачки локации, студирање на движењата и местата на мрест на животинскиот свет, извршување подводни археолошки истражувања се сите пријатни искуства а можеби едно од најпријатните е чувството на лебдење за време на нуркањето, бестежинска состојба која ни ја овозможува нуркачката опрема.

Речиси ретко да има непријатни искуства, а доколку ги има тие се најмногу поврзани со временските услови (бранови, струење, ладна вода), со непочитување на правилата за подводната околина и или неадекватна опрема и тренинг. На курсот Open Water Diver вршиме специфична обука за справување со ризични ситуации кои можат да се случат во текот на едно нуркање.

Елементал: До која длабочина има видливост без употреба на вештачка светлина?

Јован: Тоа најмногу зависи каде нуркате и за што го користите. Континенталните води генерално имаат помала видливост во споредба со некои мориња. Во поглед на потреба од светлина од мое искуство во Охридското Езеро во нормални временски услови ви е потребна дополнителна светлина на длабочина од 30-40 метри.

На Црвено Море видливоста е феноменална па можеби нема да ви треба толку.

Меѓутоа како што нуркаме подлабоко се случуваат низа физички промени, една од нив е губењето на спектарот на бои па тие бледат. За да ја видиме нормалната боја на предметот мора да користиме подводно светло кое ќе го посочиме кон тој предмет. Имајќи го предвид тоа, подводното светло има важен дел во нуркачката опрема.

https://www.youtube.com/channel/UChWXCfAUALVHw3tsOW9k6KA/videos

автор: Бон&Бона