На малата сцена во Македонскиот народен театар задутре (30 декември) напладне ќе има премиера на монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски.

МНТ соопшти дека „Последната лента на Крап” е претстава за и- золацијата и стареењето, за кревкоста на сеќавањето, за нашиот комплексен однос со технологијата, за свет во кој времето неповратно минува и бројните ограничувања со кои не соочува животот.

– Ова е претстава за осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во Кутија три – ролна пет. На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А стариот Крап, сега има амбивалентен однос кон тоа што го слуша, најави МНТ.

Претставата е копродукциски проект помеѓу Македонскиот народен театар и Перипетија-продукција од Скопје. Продуцент е Ѓорѓи Јолевски, а извршен продуцент е Никола Кимовски. Текстот од англиски на македонски го преведе драматургот Владимир Јанчевски. Сценографијата, дизајнот на плакатот и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, а костимограф на претсвата е Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Билетите се достапни онлајн на веб-страницата како и на билетарницата во МНТ.  Билетарницата работи во понеделник и вторник од 12 до 18 и среда од 9 до 14 часот. хс/дма/