Кога поривот за истражување е силен, запишувањето на слободните активности во распоредот за задолжително е повеќе од оправдано. Времето потрошено за културна надградба е инвестиција која не созрева како личности, одново и одново насочувајќи не кон се подлабоко осознавање на себе си и светот кој не опкружува. Низ таквите патувања, есенцијата која ги ослободува најдлабоките емоции е повикот кој бодри во намерата да се впие сета уметничка убавина. Длабоки културни напластувања, совршено слеани со сета лична раскош – Каролина Гочева

Елементал: Кои клучни моменти/настани од културата оставиле траги кои наложиле емотивно созревање, промена на одредена перцепција, менување на начинот на гледање на културата и животот, а можеби карактерно редефинирање

Каролина: Настани од култура … Искрено, секој концерт, секоја театарска претстава, изгледан филм и патување оставаат некаква трага врз мене … небитно дали тие биле добри или не, дали ми се допаднале или не … Преку секое парче култура првин одново се спознаваме самите себеси, а потоа и светот кој нè опкружува.

Не знам дали би издвоила конкретен настан-од мали нозе ме интересирало сè и сум сакал да сум во тек со сè, било да е тоа топ-листа на MTV, Евровизија, или фестивалот Манаки (паметам кога како средношколка бегав од часови за да проследам некоја проекција:) )

Елементал: Која е музиката/уметноста што допира во Вашите најдлабоки емоции?

Каролина: Секоја уметност која е искрена, издржана, автентична.

Лично, не обрнувам внимание на тоа кој е артистот или кој е жанрот; важно ми е делото да е добро изведено, отсвирено, отпеано или одглумено. А, за уметноста добро да се изведе, потребна е силна емоција … Или бар доволно силна за да ги допре моите „најдлабоки емоции“:)

Елементал: Како гледате на културниот живот во Македонија? Сметате дека постои квалитетен културен избор?

Каролина: Со оглед на тоа колку сме мали како држава и народ, сметам дека имаме и повеќе од доволно достојни претставници на културата од сферата на музика, филм, театар, уметност … кои успешно ја претставуваат нашата култура надвор од границите на Македонија.

За разлика од најблиското соседство, кај нас кичот и шундот никогаш не влегоа на голема врата. Па, иако како публика нè нема во голем број, доволно сме пребирливи за да знаеме на што точно сакаме да го трошиме времето и да процениме чиј труд го заслужил нашето внимание.

Елементал: Што најчесто следите и посетувате за своја душа?

Каролина: Се трудам да проследам колку можам повеќе од културните збиднувања во нашава земја, а често се случува и да отпатувам за да одгледам некој концерт. Страстен филмофил сум па со нетрпение го очекувам секое ново остварување од светската кинематографија и секогаш пред време ги погодувам резултатите на Оскари … штета што до сега не сум се обложувала:))

Генерално пратам сè и сакам да сум во тек со сè што е ново, небитно дали е тоа музика, театар, филм, изложба и сл.

Елементал: Веќе предолг период живееме со безброј ограничувања … сосема спротивно од слободата која и е неопходна на културата за да дише. Какво влијание има целава ситуација на Вас? Културен ќорсокак или можност за спокојно творење?

Каролина: Ситуацијата има очигледно и огромно влијание врз сите нас, врз целиот свет … Настрана очигледната и очекуваната неизвесност и страв за блиските, ми недостасуваат и сцената, концертите, ми се работи и нешто ново … но единствено што останува е сите да се надеваме дека ќе почнеме полека да си ги враќаме животите назад.

Од друга страна, не можам да кажам дека карантинот и времето поминато во 4 ѕида ми беа посебно мачни … имав време да се посветам на себеси, сопственото здравје, да ги усовршам кулинарските вештини, да читам книги, гледам филмови … па еве, ќе се осмелам да кажам дека оваа година имаше и мали, но значајни позитивни моменти.

Автор: Бон&Бона