Од личниот нотес на кој се распослани најинтимните размисли за животот, смртта и љубовта, преку креативниот процес на себеоткривање и обликување на зборовите во лирика. Ник Кејв важи за еден од најкреативните музичари во рок музиката неколку децении наназад. Човек кој пред се пишува поезија за најкомплексните емоции  и човекови размисли, додавајќи им мелодија која на крајот ќе ве дотера до ќоше и вас натера на размисла.

Денес најпознат како фронтмен на рок бендот Nick Cave and The Bad Seeds, овој австралиски текстописец, музичар и актер своето музичко калење го започнува во неговата Австралија формирајќи го својот прв бенд The Birthday Party. Тоа се турбулентни години за Ник, на креативно ниво пред се, правеќи ги првите чекори во пост-панкот. Формирани во 1973та, по неколку години музичко постоење, бендот се преселува во Лондон во 1980та година, време кога тамошниот живот, дијаметрално спротивен на топлата Викторија ја бранува креативната мисла на Кејв туркајќи го кон помрачни теми, менувајќи го правецот на бендот кон готик рок, стил кој го негуваат до разидувањето на бендот во 1982.

Само година подоцна, Ник Кејв ќе го формира еден од најистрајните рок бендови во музичката историја, Nick Cave and The Bad Seeds.

Во целината на нивните 17 досега објавени албуми провејуваат различни стилови сите проткаени со своја сопствена форма на мрачност иако варирајќи во носечките мелодии.

Нема ништо повозвишено во музиката од тоа да биде искрено видлива константната преродба, движење, константната потреба да се еволуира, не поради стилските желби на слушателот, туку повеќе како јасна експресија на човечката еволуција, на писателот, на бендот.

На самиот почеток, во нивниот прв албум „From her to eternity“, сеуште се видливе трагите кои Ник Кејв ги влече од неговиот претходен бенд The Birthday Party. Елементите на готик рок и мрачната енергија зрачат не само во стиховите кои ги следат туку и во самата мелодија како стилско надополнување на меланхоличната лирика. Многу од сингловите кои се наоѓаат на албумот, со своето драматично присуство даваат впечаток како да слушате насловна тема од хорор трилер, особено во насловната нумера „From her to eternity“.

Во следното нивно издание „The firstborn is dead“ мали се стилските промени кои може да се забележат. Единствено што ја менува тематиката е што се појавуваат повеќе елементи на делта блуз во веќе воспоставената идеја на готик рок музика.

Black Crown King, Knockin` on Joe и особено Blind Lemon Jefferson убаво ги покажуваат блуз примесите кои малку го омекнуваат мрачниот елемент на носечката мелодија и можеби навестуваат во кој правец започнува да се движи Ник Кејв.

Стилските промени кај Ник Кејв стануваат повидливи во подоцнежните албуми. Најеклатантен пример е нивниот албум Henry`s dream, каде бендот повеќе се движи помеѓу класичниот рок со стандардните примеси на блуз и од критиката е окарактеризиран како еден од нивните најагресивни албуми.

Подоцнежните музички восклици на Nick Cave and The Bad Seeds веќе започнуваат со омекнување на звукот и се повидливо вклучување на пијано делови во нивните мелодии, во одредени периоди дури може да се забележи и јасна тенденција кон креирање на пијано балади, сепак балади кои неизбежно ги обработуваат сеприсутните тематики на љубовта, смртта, религијата.

Транзициите се исклучително забележливи низ примерите на Into my arms, песна во која се обработуваат посебно религиозни тематики, дел од албумот The Boatman`s Call, овој сингл зборува за интервенистички господ, со нераздвојната тематика на љубовта. Уште поочигледен пример е тематиката Girl in Amber, исклучителна балада од еден од нивните последни албуми Skeleton Tree, објавен во 2016та година.

Промените во мелодијата и различните и некогаш воопшто некомплементарни жанрови кои бендот ги фузира се чини во нивната неконвенционалност, на некој чуден начин, совршено се совпаѓаат со текстовите кои нив ги следат.

Ник Кејв важи за исклучителен поет, опседнат со дисекцирање на темите на љубовта, животот и смртта и особено религијата. Креативниот процес како и секој поет, го започнува во негови зборови, со нафрлање на идеолошки размисли и зборчиња во неговиот нотес. Ова го прави со месеци, а потоа ја вклучува креативната мисла и започнува со местење на лиричката сложувалка во неговиот лаптоп. Откако се ќе ја добие својата форма, тогаш песната навистина го видува светлото на денот. Напишана на машина за пишување Олимпија, добива физичка форма. Како и секој екцентричен поет и музичар, можеби како никој претходно, Ник Кејв е извонредно самокритичен и во улога на бог, неколку пати се наоѓал во ситуација да уништи дел од своите стихови. Авторскиот критицизам најмногу се чувствува на албумот Nocturama, на кој во неколку наврати во „лоши“ поетски мигови, Кејв брише голем дел од напишаните песни од својот лаптоп и тоа е моментот кога се одлучува за олд скул начинот на пишување на неговата Олимпија.

Така, неговите стихови добиваат физичка димензија и можност да постојат до бесконечност. Неверојатната страст, дури напати и опсесивна се видливи на секој нивни настап. Nick Cave and The Bad Seeds се бенд кој плени со своето присуство. Ако не сте го направиле тоа досега….направете го, слушнете ги. Ако сакате луѓе кои оставаат дел од себе на сцената…погледнете го „God is in the House“ концертот. Јас го имам на repeat.

автор: Мишел Наумоски