Битолскиот народен театар, и во овие вонредни услови на живеење, ја покажа својата желба и посветеност да се одржи жив пулсот на театарот.

За љубовта кон театарот, за значајноста, за неговата моќ, но и за креативната смелоста да се совладаат предизвиците, разговараме со Иван Јерчиќ – директор на Народниот Театар Битола

Елементал: Поради пандемијата што нè засегна сите нас, одговорноста сега да се менаџира театар е уште поголема. Која е вашата силна водилка што ве мотивира во вакви услови сепак храбро да креирате и да создавате театар?

Иван: Одговорноста да се менаџира една институција како што е театарот и во „мирновременски“ услови е огромна, а не, пак, сега. Особено еден театар како што е битолскиот. Пред некое време прочитав една мудрост на Фејсбук, дека коронавирусот е одличен изговор за сето она што и онака немаше да го реализираме, но верувајте ми дека не е така. Не можевме ни да го сонуваме ова што сега ни се случува. За мене лично, на професионален план, ова е период што ми предизвикува тага и фрустрации поради сите пропаднати планови… Досега требаше да се вратиме од неколку фестивали, патувања во Израел, Романија, Ерменија, Србија… да работиме со Андраш Урбан, копродукциски проект со театарот од Сомбор, кој според мислењето на многумина е еден од најдобрите во регионот, во режија на Кокан Младеновиќ… требаше да режираат Вуси и Деан Дамјановски. Требаше да се случи Битола Шекспир фестивалот, за кој имавме договорено екстра програма итн. Којзнае какви сè перспективи ќе се отвореа, но што е, тука е. Длабоко завлеговме во пробите на „Сомнително лице“ во режија на Деан Дамјановски, но „вториот бран“, или не знам веќе кој по ред, си го направи своето, па моравме да прекинеме. Продолжуваме следната година. До крајот на оваа во претподготовки сме за претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ од Хорас Мек Кој во режија на Мартин Кочовски, која е комплетно со сопствени сили и ја завршуваме. Јас лично не сум задоволен со толку, но… Што се однесува до оваа претстава, мотив и водилка ми е, пред сè, одличната екипа на претставата, која без никаков компромис се фрли во овој, за ова време, вистински потфат. Не може секој да работи на ваков проект во ваква ситуација. Искрено, од срце им благодарам на смелоста и креативната лудост за кои не се ни сомневав дека ги поседуваат. Многу важни ми се и луѓето отстрана, кои ја препознаваат нашата работа и кои и натаму остануваат во игра за следните сезони на Битолскиот театар. Имаме сериозни планови за иднината.

Елементал: Помина затворената премиера на претставата “И коњите ги убиваат, зар не?”. Кога и како би можеле да ја погледнат љубителите на театарот?

Иван: Затворената премиера беше само за наши вработени и најблиски, затоа што не сакавме да ризикуваме поради епидемиолошката ситуација. Премиерата ќе биде прикажана овие денови преку пренос во живо на Јутјуб. Со екипата што треба да го реализира преносот договараме на кој датум ќе се случи. Имаме една интересна приказна зад целиот „концепт“ на преносот… и за нашиот однос кон она што ни се случува денес. Во секој случај, ќе се случи пред официјалниот крај на 2020 година и публиката ќе биде благовремено известена. Претставата сакаме да ѝ ја подариме на македонската публика, но и да ја замолиме, кој колку што може, за време на претставата да се јави на некој телефон за донација (ние ќе предложиме некои) и да им дарува на оние на кои најмногу им треба. Во духот на емпатијата, солидарноста, празниците, ако сакате… Многу сакам публиката да ја покаже својата хуманост. Својата најубава страна.

Елементал: По долго време ќе гледаме нов режисерски печат од Мартин Кочовски во Битолскиот театар со дело што одамна не е поставувано. Која е пораката што сакате да ја пренесете?

Иван: Адаптацијата на романот никогаш не е поставувана кај нас. Дејството на романот се случува во 30-тите години на минатиот век, за време на големата депресија во САД, и генерално говори за позицијата на суровиот капитализам во услови на економска криза. Звучи познато, нели? Организираните натпревари по танцување се своевидни предвесници на реалните шоуа денес… и целата таа потреба да ја видиме несреќата на туѓото лице со цел барем малку да се почувствуваме среќни… Исто така звучи познато. Но, претставата има изградено и една паралелна драматургија што говори за нашата и за генерацијата на нашите родители. Сето тоа третирано во периодот во кој на овие простори се случувале разни, претежно грозни работи. Говори за отсуството на емпатија, солидарност, одговорност, она што во принцип нè прави луѓе.

Мартин секогаш мајсторски го прави тоа.

Елементал: Во која форма е ставен театарот денес и што е она што им недостига на театарските сцени?

Иван: Денес театарот речиси го нема, се разбира, од оправдани причини. Стравот за сопствената безбедност и безбедноста на публиката си го направи своето. Така што во отсуство на театар, тешко е да се каже што недостига. Единствено добро е тоа што во овој период разбравме дали и колку нам, луѓето што го создаваме, ни недостига театарот. И, се разбира, колку ѝ недостигаме на публиката.

Елементал: Дали размислувате за нови театарски форми? Каков ќе биде вашиот концепт за 2021 година?

Иван:  Видовте како помина Трепљов во „Галеб“ барајќи нови форми? Се шегувам, се разбира. Добар си е театарот во ваква форма. Она што му фали е содржина. Со години наназад се прават претежно претстави што се трудат или, што е уште полошо, инсистираат на тоа по секоја цена да ѝ се допаднат на публиката, да се „бара билет повеќе“ или да се прогласуваат за култни претстави уште пред да се запалат првите светилки за публиката. И тоа, без воопшто да се размислува на темите што, во суштина, го мачат денешниот гледач. Само затоа што не е допадливо да се разговара за тие работи, поарно е малку да се насмееме. Зошто публиката треба да чувствува одговорност по одгледаната претстава? Зар публиката не доаѓа во театар да се забавува? Бла… бла… бла… Тоа е погубно на долг рок, и тоа најмногу поради две работи. Прво, сосема им се испревртува системот на вредности на младите колеги што тукушто стапнале на сцената со целата своја чиста енергија и амбиција да го менуваат светот. Второ, публиката е таа што страда и ја губиме како едуцирана публика за навек. Погледнете само што сè ѝ се сервира како уметност. Во 2021 година, која изгледа дека ќе биде еднакво неизвесна како и оваа, се надеваме дека ќе реализираме дел од проектите што беа планирани за оваа година. Остануваме на речиси истата програма од лани, со тоа што во договор со режисерите може да се интервенира во самите проекти во однос на адаптацијата и бројноста на екипата.

Елементал: Дали сме доволно гласни?

Иван: Понекогаш нашиот глас не го префрла ни просцениумот, но тоа е веќе проблем од техничка природа… Шегата настрана. Во денешно време, сведоци сме дека театарот, па и културата воопшто кај нас, ги изгуби медиумите, театарската критика, секоја чест на ретките исклучоци, па и публиката, т. е. сето она што ни помага да бидеме повидливи и погласни… Но сепак, театарот и тоа како ја има моќта и, пред сè, шансата како медиум директно од сцената да проговори за многу работи, да покрене расправа, да впери прст во некој проблем. Е сега, прашањето е дали ние ја користиме таа шанса или го подизгубивме гласот во трката по евтини лајкови?!

Превод од англиски: Снежана Крајчевска Плушковска

Режија: Мартин Кочовски

Асистент на режија: Јован Ристовски

Сценографија и дизајн на плакат: Филип Јовановски

Костимографија: Јулијана Бојкова Најман

Музика: Фолтин

Тон – дизајн: Александар Димовски

Светло- дизајн: Игор Мицевски, Горан Петровски

Фотограф: Александар Буневски

Инспициент: Мирослав Лазаревски

Суфлер: Гордана Михајловска

Шминка и фризура: Сашо Мартиновски

Играат :

Глорија…….Илина Чоревска

Роберт….. Никола Стефанов

Алис…..Валентина Грамосли

Роки ….. Николче Пројчевски, Анастазиа Христовска

Руби…… Викторија Степановска- Јанкуловска

Џејмс…. Филип Мирчевски

Џоел……. Николче Пројчевски

Џеки….. Марија Стефановска

Марио…… Живко Борисов

Морнарот…Здравко Стојмиров

Ширил….. Анастазиа Христовска

Фред …….Александар Стефановски