Бидејќи во моментов го завршувам својот роман „Папокот на светлината“ (кој се надоврзува на еден многу чуден начин на „Папокот на светот“ од пред доста години), влезен сум во некој филм на сеќавања. Јас и инаку мислам дека човек во младоста треба што почесто да заборава (за да може да преболи и љубовни болки), а во зрели години главна задача му е да не заборави ништо, постојано да се сеќава, да се сети и на најситни детали од младоста и посебно од детството, дури до таканаречената назална меморија – како мирисала сликовницата што ја добил за Нова Година, да речеме.

И бидејќи сум во тој филм на сеќавања, ќе ви понудам главно „стари“ работи, иако во уметноста новото се прави само од старо, не од ново. Се сеќавам дека кога го прашаа Џакоу Пасториус, легендарниот басист на мојата омилена џез група „Weather Report“ („Временска прогноза“) – од каде таков иновативен пристап да солира на бас гитара како луд, тој рече – тоа не е ништо ново, јас само го свирам на бас она што старомодниот Чарли Паркер го свиреше на саксофон. Проверете и ќе видите дека тоа „старо“ сега звучи како најново на друг инструмент!

И затоа, најпрвин ви нудам да го ислушате Келнскиот концерт на големиот пијанист Кејт Џерет (Keith Jarrett), хит на „џезерите“ од мојата младост. По слушањето на концертот, во зависност каква бура од прашања ќе се крене во вашата душа, изберете што ќе читате: А) ако ве интересира како демонот се игра со луѓето како со кукли, спроведувајќи во пракса една општа демонологија, прочитајте ги „Браќа Карамазови“ од Достоевски. Оној што ќе рече дека ја читал – лаже. Тоа е како да кажал дека се напил вода во животот и веќе не му треба; таа книга има онолку верзии колку што пати некој ќе ја отвори корицата. Б) Ако се прашувате каде оди денес светов, и ако чувствувате дека глобалното село на Маршал Маклуан станало трачарско место со социјалните мрежи и една скудна паланка, ја препорачувам Филозофија на паланката на големиот филозоф Радомир Константиновиќ, напишана во разбирлив стил. В) Ако се прашувате каде замина љубовта, зошто луѓето станаа бездушни и дали љубовта ќе се врати, ви го препорачувам романот Лавр на големиот руски гениј од мојата генерација, Евгениј Водолазкин, кај нас во издание на „Антолог“. Г) А за оние кои веруваат дека исто е да се умира и љуби – нема друг мед освен класичниот роман на Гете Страдањата на младиот Вертер.  Д) И конечно, кој стои збунет пред светот и не може да се изначуди зошто сѐ му изгледа дежави, задолжително – книгата Еклизијаст (Проповедник) од Светото писмо.

За краj, навечер, како поука дека човек може да живее во страшна илзуија за која верува дека е вистина, и дека на крај илузијата секогаш станува вистина, како и дека многупати, како и алхемичарите, тргнуваме да бараме едно, а наоѓаме друго (и тоа подобро) – рускиот филм „Остров“ на режисерот Павел Лунгин, гениј од кој западните и наши режисери можат да учат азбука на филмот. Тоа се моите основни ЕЛЕМЕНТИ, она што не смеам да го заборавам за да останам „јас“ пишувајќи го „Папокот на светлината“, а ви го препорачувам и вам, на ЕЛЕМЕНТАЛ и елементалците.