Мојот идентитет – Јас

За мојот став, за мојот свет! – разговори одблизу со Филип Трајковиќ, актер во Драмскиот театар

За детството, младоста, соништата (желбите), за победите, за промените, за поразите…

Имав навистина убаво детство. Моите родители беа супер. Мене и сестра ми нè научија на вистинските вредности во животот. Сестра ми веќе ги имаше извојувано оние класични тинејџерски борби со моите родители, па како второ дете, јас поминував многу полесно. Растев во центар, ама тогаш во тој центар имаше маало, вистинско маало. Имав многу врсници, другарчиња со кои растевме заедно. Подруго беше тоа време. Тогаш немаше толку многу развиена технологија, па благодарение на тоа моравме да се снаоѓаме и да си играме надвор, и тоа „надвор“, „у маало“ беше нашата социјална мрежа. За разлика од денес, тогаш имаше и доволно простор надвор. Не беше загадено од сè и сешто и не беше паркинг секој слободен дел во центарот на градот. Имавме „пред зграда“. Пред зграда се играше сервис, плочка, тенис, џамија, грабни стапче, народна, сакате ли војна… женските играа ластик, ние ги задевавме. Заедно игравме разни брканици и криенки. Зад зградата ни беше дворот на гимназијата „Јосип Броз Тито“. И дворот беше искористен максимално од наша страна. Таму игравме баскет, фудбал. Таму правевме бункери, таму ни се случуваа првите љубови. Никогаш не би си го променил детството, ништо не ми недостасуваше од ова со кое растат денешните генерации.

Во младоста доста лутав. Секогаш бев на сите страни и никогаш не успевав да се задржам на едно нешто. И тоа како ме збогати тоа лутање. Научив многу и успеав да испробам многу работи. Благодарен сум за сето тоа. Тоа е нешто што многу ми помага во мојата професија. Конечно, можеби моето прво смирување дојде кога се запишав на ФДУ.

Твојот раст во академските денови (кога беше студент) и случка на која секогаш се присетуваш?

Додека студирав, многу време поминував на факултет. Сите поминувавме многу време на ФДУ и навистина бевме блиски со колегите. Многу голем дел од денот ни земаа часовите, а остатокот од времето го поминувавме во бифето на Гого и Вики. Многу се дружевме. Ама навистина многу. Пред часови, по часови, па некогаш дури и за време на некои часови бевме во бифе. Можам да издвојам безброј случки затоа што навистина имаше многу. Постојано бевме некаде заедно, тој период се дружевме од сите класи и имаше некоја блискост меѓу нас. Кога и да имаше некоја забава, некоја премиера на претстава или филм, секогаш бевме секаде сите. И тоа е навистина бесценето. Бевме како една голема фамилија ФДУ.

Што научи од твојот професор/ментор?

Завршив во класата на професорите Кирил Ристески и Зоја Бузалковска. Тоа е еден од моите најубави периоди во животот. Многу нешта научив од нив и многу сум среќен што завршив токму во нивната класа. Една од најважните работи што ја научив со нив е дека на сцената најважен е партнерот. Не секој од колегите го знае тоа, но јас ден-денес се трудам секогаш да бидам добар партнер на сцената.

Кога ти се случи созревањето како актер?

Па не знам кога точно. Знам дека сум созреан како актер, но и дека имам уште за учење. Секоја нова претстава за мене е ново школо. Од секоја изиграна претстава се обидувам да научам и нешто ново. Можеби токму ова мое учење на сцената е тоа што придонесува и за мојата зрелост како актер.

Повеќе уживаш во процесот на создавањето или во репризите?

Го обожавам процесот исто колку и репризите. Создавањето е истражување и мене тоа ми е многу интересно. А репризите се возбудата што се појавува секогаш кога треба да се сретнам со публиката. И едното и другото си имаат посебно место во мојот живот. Никогаш не е исто, секогаш има нешто ново и токму затоа ја сакам оваа професија.

Актерството за тебе е: игра, професија или живот?

Актерството за мене е професија. Ама таа професија ми дозволува да си играм. А таа игра ми го прави животот убав. Со мојата професија си дозволувам да се пронајдам во секоја професија, ама само преку мојата професија. Инаку не би сакал да мора да избирам друга професија. Не сакам. Актерството ми дозволува слобода што не би можел да си ја замислам на друго место.

Талент или среќа?

Талент, работа и посветеност. Со овие три нешта може да се достигнат големи благодати. Е сега, ако имаш дополнително и малку среќа со овие три, тогаш не постојат граници.

Каде е театарот денес?

Таму каде што сме ние луѓето. Таму е театарот. И ако го оставиме, така и ќе си остане. Ако не го поместиме, тој ќе си седи таму и ќе си чека. Ќе си чека некакво поместување. Ние треба да му го овозможиме тоа. За жал, периодов сме ограничени поради пандемијата, па немаме многу можности да бидеме во театар. Во меѓувреме се прават напори за нови форми и нови гледања, и секоја чест на тие што го прават тоа, затоа што тоа е борба за театарот денес и мора да се приспособиме на денешните услови, ама сигурен сум дека секој од нас копнее по сцената и по публиката.

Дали ја чувствуваш публиката како твој партнер кога ги играш своите монолози?

Замислете си празна сала и вие зборувате… На кого му зборувате? Зошто воопшто да зборувате кога нема кој да ве слушне? Еден од најбитните партнери на сцената е публиката во салата. Ако имаш топче и ако го фрлиш кон еден ѕид, тоа ќе се врати. Ако го фрлиш топчето во празно, ќе си продолжи понатаму. Истото е и со публиката. Ако ја нема публиката, нема кој да ни го врати назад топчето. Театарот е енергијата што си ја предаваме едни на други.

Кое е твоето оружје да се избориш за својот свет и идентитет како актер?

Работата. Отсекогаш сум мислел и сè уште мислам дека единствено со работа може да докажеш кој си и што си. И секогаш мора да бидеш искрен во тоа што го работиш и навистина да го сакаш тоа што го правиш. Секое фолирање излегува на виделина. И секогаш е така. Не смееш да лажеш, не смееш да се фолираш, да се преправаш… Секогаш се гледа кога лажеш, а со тоа лажење ја потценуваш публиката и публиката го забележува тоа. А никој не сака да гледа како некој го лаже.

Дали постои конкурентност на театарската сцена?

Се разбира дека постои и секогаш треба да постои. Само така може да стремиме кон создавање подобри претстави. Замислете да нема конкурентност… тогаш би гледале само едни исти претстави постојано и сè би било досадно и еднолично. Нас нè придвижува желбата да сакаме да направиме нешто подобро од претходното. И само на тој начин може да добиеме квалитет.

Гласноста на актерот кон општеството за тебе е…?

Привилегија што многумина ја немаат. Ние ја имаме можноста јавно да го коментираме сето она што се случува околу нас. И секогаш мора да ја искористиме таа можност, без оглед дали на еден или на друг начин, за лошо или за добро, да го кажеме тоа што ни се случува или тоа што би сакале да ни се случува.

Дали досега си се сретнал со некој непредвидлив момент на сцената и што се случило по тој момент?

Секогаш сакаме да може да предвидиме сè на сцената и да може да контролираме сè. Но не е секогаш така. Ми се случиле неколку непредвидливи нешта, но би ја издвоил случката со Игор Стојчевски, кога на крајот на претставата „Чолак“ требаше да се ослободиме од лисиците со кои бевме врзани за радијатор повеќе од половина претстава и да заминеме од сцената, но клучот со кој ги отклучувавме лисиците овој пат не функционираше, па останавме врзани уште едно добри десетина минути на сцената. Се разбира, тие десетина минути беа цела вечност за нас, но некако издржавме. Сè беше симпатично, самата претстава дозволуваше и импровизација, но публиката забележа што се случува, па последните пет минути сите заедно се смеевме. На крајот, сепак, успеавме да се ослободиме од лисиците и да излеземе од сцената и, згора на сè, добивме и убав аплауз од публиката.

Што би им кажал на режисерите?

Би им кажал дека им се радувам на сите наши досегашни и идни соработки.

Три книги:

„Мајсторот и Маргарита“

„Eye of the world“

Расказите на Чехов

Три филма:

„The royal tenenbaums“

„Fight club“

 „The lord of the rings“

Три серии:

„Office“

„Fargo“

„Breaking bad“

Музички албум:

The Clash – „Combat rock“