Мој идентитет

За академските денови…

Потекнувам од Куманово, од едно многу среќно семејство. Уште од мал по природа бев и сум интроверт. Бев многу тивко дете. Не бев од оние деца што уште од мали знаат што сакаат да станат во животот. Сакав многу работи. Прво сакав да станам пилот зашто сакав да летам, па потоа сакав да станам возач на автобус. Живеев покрај фабрика за чевли и нонстоп гледав автобуси што ги превезуваа работниците до фабриката. И јас сакав да го правам тоа. Потоа сакав да станам магионичар зашто многу сакав да имам натприродни моќи, ама потоа пораснав и сфатив дека мојот концепт за магија и магионичар и професијата магионичар се тотално различни, се разочарав и се откажав. Еден ден моите ме однесоа да ја гледам детската претстава „Штурецот и мравките“. Првото нешто што го забележав беа раскошните шарени костими, огромната сценографија, големиот штурец и чувството што никогаш нема да го заборавам. Во текот на тој час јас не бев таму, бев на некое друго магично место. Така го открив театарот, местото каде што е насобрана целата магија на светот. Тогаш сè уште не ми беше јасно што точно претставува театарот и како во тие шеесетина минути успеа толку незабележливо да ме катапултира во тотално друга димензија.

Како што растев, така љубопитноста за тоа што претставува театарот стануваше сè поголема. Тогаш веќе почнав почесто да одам на претстави. Се сеќавам, братучетка ми еден ден ме однесе на претстава што ја подготвиле нејзините другари. Претставата се викаше „Огнено лице“ и се играше на мала сцена. Тогаш првпат дознав дека претстава може да се игра и на мала сцена, бевме на сцената заедно со актерите. Дишевме заедно со нив. Толку многу им се восхитував, играа со толкава леснотија што веднаш им поверував и се препуштив да ме водат низ претставата. Бев маѓепсан. Во тој момент сфатив дека сакам да станам актер.

Во средно многу истражував. Имав среќа што до мене имав уште неколкумина другари и другарки (сега веќе мои многу добри колеги) со кои заедно се трудевме да направиме театар. Тоа ни стана опсесија. Правевме аматерски претстави, испробувавме различни жанрови, си имавме своја трупа, одевме на работилници, фестивали, заедно истражувавме. Го направивме првиот аматерски мјузикл во Куманово, „Клетници“ од Виктор Иго, кој воопшто не беше мал залак, посебно не за 16-годишни дечишта. Со таа претстава се натпреварувавме на ДАФ (Драмски аматерски фестивал). Од шесте награди што се доделуваат на фестивалот, ние освоивме четири. Едната од нив ја освоив јас, наградата за најдобра споредна машка улога. Бевме на седмо небо, не ни беше верно. Чувството беше незаменливо. Не знаевме „како“, ама правевме театар од љубов.

Потоа ги запознавме професионалните актери од Кумановскиот театар и тоа за сите нас беше од огромно значење. Многу ни помогнаа и нè воведоа во светот на професионалниот театарот. Тогаш првпат се запознав со Станиславски, Чехов, Достоевски, Шекспир. Бев цврсто решен дека ова е тоа што сакам да го работам, немаше нешто што можеше да ме разубеди.

По цело лето напорна работа и труд, конечно се запишав на Факултетот за драмски уметности. Не ми се веруваше дека конечно ми се оствари целта. Бев полн со ентузијазам, амбиција и огромна желба за работа и знаење. На почетокот мислев дека некој треба да ни каже „како“, но потоа сфатив дека тоа не постои, во уметноста не постои „како“. Почнав многу да работам на себе, си ги откривав силните страни, слабостите, се предизвикував себеси со секој нов испит, со секоја нова одиграна улога. Имав две одлични професорки од кои научив дека како во животот, така и во уметноста, пред сè, треба да бидеш човек. Ме научија на еден брутално искрен пристап кон актерскиот занает и многу сум им благодарен за тоа. Тука беше и мојата класа, 12 „џезери“ што многу ги сакам и ги почитувам. Со нив ги поминав најдобрите и најлошите моменти во тој период. Светот беше наш. Запознав еден куп други креативни и талентирани колеги и професори од кои научив многу. По четири луди и незаборавни години, дипломиравме. Тоа е едно многу чудно чувство, истовремено си и најсреќниот и најтажниот човек на светот. Не знаеш што следува. Порано или подоцна, сите дознаваме. Нè удира реалноста. Сфаќаме дека светот сепак не е толку розов и „наш“ каков што сме мислеле дека е. Се случува една тишина, едно бунило од кое за да се разбудиш треба многу поголема борбеност, работа, мотивација и љубов, а тие нешта најтешко се одржуваат.

Кое е твоето главно оружје да се избориш за својот свет како млад актер?

Истрајноста, дефинитивно. Талентот е темелот. За да изградиме што било на тој темел, потребна ни е макотрпна работа, труд, а најмногу љубов и истрајност.

Дали како млад актер имаш храброст да се потпреш на својата интуиција и гласно да го кажеш својот став или своето незадоволство?

Да. Како што растам и се стекнувам со искуство, сфаќам дека тоа е единствениот начин успешно да се одржи здрав театар што ни е и повеќе од потребен. Но има разлика кога таа храброст ќе почне да наликува на фрустрација. Тоа е најлошиот мотив за изразување незадоволство. Во тој момент, „бунтот“ повеќе не е бунт, туку помодарство и ја губи својата вредност.

Дали им се дава доволно простор на младите актери?

Не. Со оглед на тоа колку студенти дипломираат на годишно ниво и колку театри имаме и по колку проекти се прават на ниво на целата држава, дефинитивно не. И тука е проблемот. Тука, имено, се гледа и се тестира нашата истрајност, која некогаш, за жал, знае да биде погубна за еден актер. Но, тоа никако не значи дека треба да се откажеме. Треба самите да се бориме за своето место. Не смееме да му се препуштиме на „комфорот“ и да чекаме нешто да ни падне од небо.

Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Уживам и во двете затоа што во процесот создаваме цели светови, многу истражуваме, имаме простор за игра, а во репризите ѝ се дава „живот“ на претставата. Ама, ако мора да изберам, би го избрал процесот, сакам да истражувам.

Која е твојата прва професионална улога?

Принцот Леонс од „Леонс и Лена“ на Г. Бихнер во режија на Драгана Таневска. Ова ми беше првата професионална претстава по дипломирањето. Процес што ми е многу драг и во кој многу се забавував. Леонс ми е еден од омилените одиграни ликови на кои сум горд. Тој е еден палав принц што сака да го живее животот без одговорност и на тој начин да ја пронајде смислата на животот. Тука имав многу простор за креирање и за градење. Одев од крајност во крајност. Со колегите имавме многу простор за играње и тоа го искористивме максимално. На крајот успеавме да направиме една многу квалитетна претстава.

Во која театарска форма би сакал да се видиш во иднина?

Многу сакам апсурд, тоа ми е една од помалку истражените форми во која би сакал да се пробам. И би сакал овој пат да бидам во улога на антагонист. Обожавам да играм негативци.

Што е она што недостасува на театарската сцена?

Со оглед на моменталната ситуација, пред сè, недостасува театарската сцена воопшто. Инаку, според моето мислење, недостасуваат храброст и многу поголема креативност и искреност.

Зошто се важни алтернативните сцени и што претставуваат тие за тебе?

За мене, алтернативна сцена е синоним за храброст, креативност и искреност. Затоа е важно нејзиното постоење. Важно е и за младите актери, режисери, драматурзи, кои допрва треба да творат или, пак, веќе твореле, зашто тие се крикот што ни е потребен. Исто така, важно е и поради балансот помеѓу националната и алтернативната театарска сцена, кој мора да се одржува. За жал, кај нас поимот „алтернативна претстава“ некогаш знае да се злоупотреби и тука веќе паѓа во вода еден мошне силен концепт врз кој се базира алтернативната сцена.

Кој е твојот идол?

Моите херои. Мајка ми, татко ми и брат ми. Човечишта. Луѓе што константно ме поддржуваат и ме мотивираат да се борам во животот. Им благодарам.

Од неодамна стана член на ансамблот на Театарот за деца и младинци. Какво е чувството кога играш пред најискрената публика? Што значи тоа за тебе?

Не само што децата се најискрената публика, туку тие се идната публика, тука им се всадува љубовта кон театарот. Тоа е многу важно. Самиот концепт на детска претстава се базира врз магија. Вие треба да ги воведете децата во еден тотално друг, волшебен свет и тие да ви веруваат, а тоа воопшто не е лесно. Премногу ми значи, затоа што ме потсетува на периодот кога јас бев дете и кога првпат се вљубив во театарот. Одговорноста е голема. Ама затоа, задоволството и еланот за работа се уште поголеми. А најголемата награда се нивните насмевки и џагорот на крајот на секоја претстава.

За мјузиклите и за твоето искуство во нив?

Играв во мјузиклот „Мама Миа“ во улогата на Скај во режија на Наташа Поплавска. Искуството беше неверојатно. Мјузиклот сам по себе е прилично комплицирана форма. Тоа е огромен проект, кој покрај актерска игра, од актерот бара и физичка спремност, танц и добри вокални способности. Кога видов дека има аудиција за мјузиклот, решив да се пријавам мислејќи дека воопшто нема да влезам. Ама решив да си ја пробам среќата. Аудицијата се состоеше од неколку круга. Секој круг беше сè понапорен. И на крајот, кога ми се јавија за да ме известат дека сум дел од официјалниот каст на „Мама Миа“, не ми се веруваше, бев пресреќен. На почетокот имав премногу трема, не бев доволно опуштен, но со текот на пробите само се препуштив на процесот и си играв. Буквално. Таму запознав неверојатни луѓе, премногу талентирани танчари, пејачи, имав можност да ја делам сцената со Тања Кочовска, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Арна Шијак и други колеги што многу ги почитувам. Многу научив од сите. Целиот тим работеше како едно. Покрај актерска, музичка и танчарска спремност, ваков голем проект исто така бара и голем продукциски ангажман. Од тоа зависи опстојувањето и создавањето на ваквите големи проекти. Тоа би било здраво и за театарот и за публиката.

 Како е Никола сега?

Добро сум. Штотуку завршив со еден прекрасен проект во продукција на Театарот за деца и младинци, кој се нарекува „Некој нека ми каже колку сум важен“ во режија на Слаѓана Килибарда. Планирам празничниов период да го поминам со моето семејство и да полнам батерии за следниот проект со кој треба да започнам во скоро време.

Што би им порачал на режисерите?

Пред сè, би им посакал многу проекти, а би им порачал да бидат похрабри во работата. Тоа ни го посакувам на сите нам.

Три филма:

„Parasite“ – Bong Joon Ho

„Jojo Rabbit“ – Taika Waititi

„David Attenborough: A Life On Our Planet“ – Alastair Fothergill, Jonathan Hughes

Три книги:

„Ричард III“ – В. Шекспир

„Калигула“ – А. Ками

„Малиот принц“ – Антоан де Сент Егзипери


Три претстави:

„Фауст“, во режија на Томаж Пандур

„Електра“, во режија на Андриј Жолдак

„Некој нека ми каже колку сум важен“, во режија на Слаѓана Килибарда