Копнеж и носталгија по едно минато, поинакво време

Ангелина Димоска

„Тафталиџе шафл“, новиот албум на Влатко Стефановски во издание на „Croatia Records“ е музичка кутија од која извира слатка носталгија, и се наѕира деликатен копнеж по едно минато, поинакво време во кое растеа и живееа генерациите родени во шеесеттите и седумдесетите години од минатиот век. Ова е музички различен албум на Стефановски, тој претставува своевидно навраќање кон тоа време, како поглед во старо огледало – „три века преживеало, да знае да раскажува што се видело, романи би напишало, филмови би снимило … Кога гледаш тесно, тоа гледа широко …“ („Огледало“) … Токму такви музички приказни слушаме во новиот албум на Стефановски.

Во овој албум гитарата на Влатко не везе гоблени, туку раскажува емотивни скопски, градски приказни, напишани во време на карантин, кога светот е окован, заробен, затворен … Создаден во духот и звукот на албумите од 1970-тите на „Леб и сол“, со типичен рокенрол вајб, со љубовни и меланхолични песни кои имаат ретро звук, звучат како да се создадени одамна, а не минатата пролет во Тафталиџе.

Стефановски во „Тафталиџе шафл“ создава искрена музика, а овој албум го допира слушателот токму со таа своја доблест. Во овој албум авторот е раскажувач, наратор на музичките приказни снимени во „црно-бела“ техника, пожолтени како лисја во есен … Носталгијата, чудната емотивност која се јавува додека го слушате овој албум претпоставувам дека е резултат на времето во кое живееме речиси една година – затворени како птици во кафез, постојано копнеејќи по минатото, кое не асоцира на убаво, со надеж дека ќе ги живееме истите мигови и во идните денови кои допрва доаѓаат. Можеби, ова не е најдобриот албум на Влатко Стефановски, но дефинитивно е еден од најискрените.

На новиот албум Влатко Стефановски свири со млади музичари – басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија. Албумот содржи девет инструментални и вокални теми – Тафталиџе шафл, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора. Насловната тема е инструментална, создадена во типичен гитарски саунд, таа е совршено интро кон останатите песни во албумот, „Фанки џанки“ не носи во типична атмосфера од 1970-тите, – „Игранка“ е во целосно ретро фазон и музички и како текст, како што всушност сугерира и самиот наслов, во „Гаража“ Стефановски бара смисла во „хаосот“ во гаражата, каде што ја започна својата музичка приказна. Во „Огледало“, која мене ми е омилена, гитарата на Стефановски звучи како гитарата на Ерик Клептон … Сите песни се создадени во ист стил, имаат различна приказна и текст, но ги обединува едноставноста, и секако гитарата на Стефановски која „зборува“ во прво лице еднина.

Влатко Стефановски за мене отсекогаш бил Влатко од „Леб и сол“ … Енергичниот гитарист со мек вокал – раскажувач на музички приказни … Во овој албум најмногу успева се доближи до тоа време, она од 1970-тите кога „Леб и сол“ ги создаде своите најдобри албуми. И тоа повеќе како естетика и музички јазик, отколку како изведба и аранжман. Повеќе како одраз на тој дух, но не како копија и реинтерпретација. Можеби да го слушав овој албум во некое друго време, не така чудно како ова денешново, кога постојано сум со мислите во минатото, немаше да ја почувствувам толку силно носталгијата, која понекогаш дури и преку наивно обраќање знае да те тресне неочекувано силно … Можеби го слушав во „вонредна“ состојба на умот, но албумот дефинитивно е непретенциозен, искрен и токму тоа е најголемата негова вредност.

автор: Ангелина Димоска