Том Ваитс – Белото грло зад рапавиот глас

Партнерство на поетот и музата

Во педесетгодишната уметничка кариера, и покрај многуте музички стилови низ кои се трансформираше од фолк преку блуз и џез, полка и танго, американа, хип-хоп, карневалска музика, брехтовско кабаре и многу други креативни егзибиции – Том Ваитс секогаш звучеше како Том Ваитс. Можеби тоа се должи на фактот што поетот Том Ваитс остана доследен на Том Ваитс истражувачот на љубовта и убавината, дури и кога пишува за сиромаштијата и смртта во Cold Cold Ground или кога е жеден поет кој ја наоѓа својата муза на дното на шишето во Small change или пак е поет кој уметноста ја става во функција на своите политички и општествени ставови, како што е Soldier’s Things – елегична сатира за распродавањето на личните работи на ветераните за ситни пари или Georgia Lee – тажна балада посветена на дванаесетгодишно девојче, убиено во близина на неговиот дом, а за кое воопшто не информираат медиумите (најверојатно поради темната боја на кожата) …, тука се надоврзува и Chocolate Jesus со итрата и скриена, а сепак провокативна алузија на сексуалноста и црквата.

Широко и длабоко е скршеното срце на „мазгата“ (за љубителите и почитувачите на творештвото на Том Ваитс, алузијата на Mule Variations е повеќе од очигледна), а пошарени и повеќеслојни се варијациите и метаморфозите на неговата музика, која не е суверен ентитет сам по себе, туку дел вткаен во сè што постои во неговиот универзум – од сините очи зад очилата за сонце, до лежерниот костум со вратоврска и шеширот се разбира, до ирското виски и димот од недопушената цигара: сите се дел од едно исто-музиката, сите го имаат музичкиот квалитет и карактерот на Том Ваитс.

Тој го објави својот прв албум Closing Time во 1973 година, но парадоксално со насловот на неговиот првенец, оттогаш не ги има затворено ниту полнокрвните ноти, ниту винските стихови.

Closing Time е блуз нарација за животот кој го живеел и сведочел – валкани зачадени барови, осамени луѓе, инкарнации на пропаднати романтичари, алкохол и тажни судбини. На овој ран музички запис, препознатливиот рапав вокал како сè уште да не ја достигнал својата полна сила, но сепак албумот е одличен баланс на пијано и гитара, интелигентен запис за длабоката тага.

Истата тематска нишка се провлекува и во вториот албум The heart of Saturday nights, исполнет со музика оформена под влијание на Џек Керуак и Чарлс Буковски. Овде е очигледен полниот баритон на Ваитс, кој не дозволува да биде заведен од музичката подлога, туку зрело и суверено ја пренесува приказната за луѓето кои живеат во моментот, ден за ден во валканиот смог на Лос Анџелес.

Боемскиот трубадур, кој со сугестивниот вокал црташе разочараност, грч, ранливост, а истовремено мистична загадочност во џез, блуз, поп и авангардната рок-музика во 1980 ја запознава Кетлин Бренан. Таа станува негова љубов за цел живот, онаа на која и верува најмногу и подеднакво во музиката и во животот. Најзначајните метаморфози коишто ги поминал музички и како личност започнале со неа. Таа е мерата за сè. Таа е партнерот со кого би одел на авантури. Таа не сака да биде во центарот на вниманието, но сепак е блескаво присуство во сè што работат заедно – има бестрашна фантазија. Пишува текстови што се како соништа и става печат со срцето на сите нешта. Тој е ловецот, а таа готвачката: ќе зготви сè што тој ќе донесе дома. Се острат еден со друг како ножеви.

Том Ваитс и Кетлин Бренан соработуваат заедно уште од 1983. Иако во едно интервју од 1985 година, Ваитс изјави дека „Swordfishtrombones“, е нивна прва, но и последна соработка, наведувајќи го фактот дека е тешко да се биде критичен кон некој кој ти е многу близок, сепак подоцнежната дискографија сведочи беспрекорни соработки на Frank’s Wild Years, Mule Variations, Foreign Affairs, Rain Dogs, Bone Machine, The Black Rider, Blood Money и др.

Кетлин, која работела како сценарист во холивудските студија му ги отворила очите за драмата, театралноста и сценската шминка, а ушите за опера, Рахмањинов, Прокофјев, МекКормак, Кептан Бифхарт, руската воена музика и други естетски форми кои како зачини го збогатуваат вкусот на неговата уметност. Неговата врска со инспирацијата е секојдневна и постојана. „Едноставно треба да бидете подготвени“- вели тој. „Тоа е како фотографија од природа. Треба да бидете спремни со фотоапаратот во бункер и да седите таму три дена. Треба да гледате. И тоа ќе се случи.

Не може, а да не се забележи како сините очи на Вејтс светнуваат додека се присетува на неговата разиграна интеракција со Бренан. „Значи, ја имавме оваа мала размена, како мала литија. Понекогаш, песните излегуваат од други песни. Јајцата се внатре во други песни, кои чекаат да бидат скршени или оплодени, или да се испилат во соодветни временски услови. Кој знае зошто? Тоа е мистерија и јас сум исполнет со чудење.“

Неговото чудење создава приказни, светови и беседи, убави, а не груби и грди, затоа што, како што беседи Платон во Гозба или за љубовта, Федар или за убавината: ” … секое дејствување само по себе не е ни убаво, ни грдо … дали пиеме, или пееме или љубиме, само по себе не е убаво, туку станува такво во зависност од тоа на кој начин го извршуваме истото. Ако се врши праведно, тогаш станува убаво, а ако се врши неправедно тогаш станува грдо.“

Какво е беседењето на Том Ваитс, Ви оставам вам, драги читатели да одлучите, да ги откриете насетените вредности и значења на неговиот стих и нота, а јас за крај ќе завршам со стиховите од песната Watched her disappear:

Last night I dreamed that I was dreaming of you

And from a window across the lawn I watched you undress

Wearing your sunset of purple tightly woven around your hair

That rose in strangled ebony curls

Moving in a yellow bedroom light

The air is wet with sound

автор: МАНА