Social Distance – интимна видео исповед од карантин

Осум приказни од карантин за време на КОВИД пандемијата и осум различни начини на справување со осаменоста и изолацијата. Social Distance е едноставниот наслов под кој може да ги погледнете последиците и ефектот на самоизолацијата во САД за време на клучните месеци од пролетта 2020 кога корона вирусот го имаше својот најголем замав. Иако приказните може да ви звучат познато, иако можеби и вие сте ги доживеале на ист или сличен начин, сепак навистина вреди да се погледне дека секој пат, силата на човечкиот дух, непокорливоста и способноста да се приспособиме на сите промени.

Минисеријата се состои од осум епизоди кои земаат различни агли на животот во карантин, совршено прикажувајќи ги сите предизвици со кои луѓето насекаде низ светот се соочуваат за време на најтешките месеци од пандемијата.

Првата епизода е посветена на Ајк, средовечен бербер кој поради коронавирусот мора да ја затвори својата берберница. Ајк живее во карантин и единствен контакт со светот му се социјалните медиуми и онлајн групата за поддршка. Девојката го напушта за време на карантинот и тој останува сосема сам да се бори со сопствените демони. Во еден момент тој е толку осамен што започнува да постира видеа и фотографии на неговиот инстаграм профил во кои разговара со растение, преправајќи се на шега дека тие се во романтична врска. Првите коментари за видеата и слики се охрабрувачки и тој продолжува со постирање, но колку повеќе го прави тоа, толку повеќе наидува на навредливи коментари. Во еден момент демоните ќе го совладаат и тој се враќа на алкохолот од кој дотогаш успешно бега. Се буди еден ден и наоѓа огромен број непрочитани пораки од негови пријатели кои го прашуваат дали е сè во ред. Не знаејќи што се случува, тој го отвора својот инстаграм профил и гледа видео кое го снимил за време на своето пијанство. Во тој момент решава дека е време да се бори за својот живот, а спасот го наоѓа во онлајн групата за поддршка на алкохоличари и полека се обидува да го врати својот живот во нормала …

Смртта на близок е тежок момент да се надмине во која било ситуација, но да се прави тоа за време на изолација и за време на најголемата пандемија во поновата историја … тоа е скоро невозможно. Но не и за Мигел. Тој е самопрогласен јоги кој се обидува да го собере семејството на едно место, виртуелно место, организирајќи онлајн бдеење за нивниот починат татко. Никој не ја одобрува идејата. Сите сакаат да бидат заедно на исто место и да му оддадат почит на својот татко, љубовник, дедо и чичко, но сите летови се суспендирани на неопределено време и онлајн бдеењето е единствената опција. Истото е постојано прекинувано од Дин, вработен во погребниот дом, а состанокот ќе биде нападнат и од онлајн „бомбардери“ што всушност се шегаџии кои неовластено се приклучуваат на онлајн „Zoom“ состаноци. Кога изгледа дека ова онлајн бдеење ќе биде целосно уништено, неколку мудри зборови од чичко Тони ќе покажат дека најважно од се е сите да се сетат на животот додека нивниот „папи“ бил сè уште тука. Мало потсетување дека љубовта кон саканите живее во срцата и сеќавањата, не само во физичкиот свет.

Самохрана мајка го остава своето малолетно дете само во нивната куќа за да може да продолжи да заработува за живот додека пандемијата беснее. Таа работи во дом за стари лица, додека нејзиното девојче се снаоѓа само во нивната куќа. Обидувајќи се да врзе крај со крај, мајката ја следи својата ќерка со камери поставени во нејзината куќа поврзани со апликација на нејзиниот телефон. Таа воедно се грижи за Ернестин во старечкиот дом, една од нејзините пациентки, но кога се случува националниот карантин, жената мора да бара алтернативни начини да се грижи за својата малечка ќерка. Стапува во контакт со ќерката на Ернестин прашувајќи дали ќе може таа да се грижи за неа, но Мерион и самата има свои предизвици, обидувајќи се да транзитира кон онлајн настава, иако тоа малку тешко и оди со нејзините ученици. Сите подаваат рака, и успеваат да се справат со сложената ситуација.

Млада геј двојка се соочува со криза во својата врска. Едниот е вработен и работи од дома, додека другиот е невработен. Марко е тој кој е претерано педантен и сака работите да бидат на свое место, додека Шејн е малку послободен дух. Имаат расправија додека Марко е на работен онлајн состанок, мислејќи дека звукот е исклучен, но колешката на Марко го слуша целиот разговор. После ова, разговараат за вклучување на трета личност во нивната врска. Бараат на Грајндер и откако нивниот пријател од теретана ќе им се приклучи, всушност сфаќаат дека ниту едниот, ниту другиот не го сакаат тоа, туку дека всушност се доволни еден на друг.

Петтата приказна е веројатно една од оние кои најмногу ја доловуваат корона кризата. Млад брачен пар со малолетно дете. Сопругата има ковид и е изолирана во една од собите. Детенцето постојано ја бара и сака да ја види својата мајка, но не му дозволуваат. Таткото е очаен, се плаши за животот на својата сопруга која секој ден е во се полоша состојба. Во исто време мора да се снаоѓа со многубројните прашања од нивното мало дете и се обидува да му даде одговори кои се соодветни за неговите години. Тој е во лоша ментална состојба, му текнува дека заборавил да назначи старатели за нивното дете во случај да им се случи нешто нему и на неговата сопруга. И покрај тешкотиите, таткото конечно го совладува јазикот на своето дете и успева да објасни на својот син што значи корона вирусот и зошто не смее да ја види својата мајка.

Постар брачен пар се бори со пандемијата на свој начин. Сопругата е инфектолог во болница и секој ден се бори со пандемијата. Се враќа од пензија за да им помогне на своите поранешни колеги. Ова не наидува на одобрување кај сопругот, пензиониран радиолог. Тој смета дека тие треба да уживаат во пензијата, додека сопругата му вели дека никогаш не се чувствувала подобро отколку сега, давајќи го својот придонес во борбата со пандемијата. Сопругот е малку попретпазлив, а таа е малку поневнимателна иако врвен инфектолог. Низ секојдневните расправии и двајцата разбираат дека најдобро се чувствуваат помагајќи си еден на друг.

Седмата епизода ги опфаќа животите на оние кои во теорија најмалку би им било потребно да се приспособат на онлајн животот, генерацијата на милениумци. Неколку другари кои секојдневно играат видеоигри преку Discord, сепак се соочуваат со сопствени предизвици живеејќи во физичка изолација. Миа е потајно заљубена во еден од соиграчите во нивниот е-спорт тим и откако дознава дека Џејк е веќе сингл, таа му праќа порака на Инстаграм. Двајцата почнуваат да комуницираат, но во моментот кога Миа помислува дека нешто ќе се случи помеѓу нив, таа ги проверува неговите профили на социјалните мрежи и сфаќа дека Џејк не е баш таков каков што изгледа. Сите негови постови се расистички и омаловажувачки, и таа одлучува дека тоа е крајот.

Последната сторија го прикажува генерацискиот јаз помеѓу двајца афро-американци кои имаат видео-продукциска куќа која треба да ја снима матурата на група богати белци. Сето ова се случува по одвратните настани и убиството на Џорџ Флојд кога бројни американци од сите националности масовно излегоа на анти-расистички протести. Приказната говори за внатрешните пориви на младиот афро-Американец да се приклучи на Black Lives Matter протестите заедно со својата девојка, но Џон, постариот од двајцата, сопственик на видео-продукциската куќа не му дозволува да замине порано од нивната видео „тезга“. Едниот мисли дека борбата за црните животи треба да се води на улиците, додека другиот мисли дека вистинската борба е во економското зајакнување на афро-американците, отворањето на бизниси, гласање на избори. Несогласувањата остануваат.

Сите осум приказни вклучуваат внатрешни и надворешни конфликти, внатрешни и надворешни борби, осум различни начини на справување со стресот, со стравот, со психолошкото измачување и прегладнување на индивидуата растргната помеѓу борбата за врзување крај со крај и борбата за зачувување на здравјето, физичко но пред сè менталното здравје. Сигурно сте го почувствувале или знаете некој кој ги доживеал или сè уште доживува истите борби. Ако е така, погледнете го Social Distance, видете дека не сме сами во нашите борби.

автор: Мишел Наумоски