Композитор кој на тангото му даде нов музички контекст

Астор Пјацола, аргентинскиот композитор и мајстор на бандонеонот е исклучителна фигура во музичката историја – тоа е човекот кој на тангото му даде сосема нов концепт, форма и звук. Или како што најголемиот дел музички историчари сакаат да кажат „од танц подиумите, го донесе тангото на концертната сцена“.

Музиката на овој аргентински подиум ретко се изведува кај нас – затоа одлична беше можноста да се чуе ремек делото – „Аконкагва“, неговиот Прв концерт за бандонеон и оркестар, кој заедно со оркестарот на Филхармонија, во четвртокот (28 јануари) го изведе руската солистка Анна Коловска. Познат како „Аконкагва“ (така го насловил неговиот издавач Алдо Пагани, како асоцијација за врв во неговото творештво, аналогно на највисокиот врв во Јужна Америка) овој концерт е исклучително музичко дело во кое на површина излегуваат основните постулати, тенденции и индивидуалност типични за опусот на Пјацола. Концертот има три става кои имаат класична брза-бавна-брза диспозиција. Солистот ја започнува својата делница веднаш, бестрашно фокусиран на тангото. Вториот лирски став почнува со бандонеонот, на кој му се придружува харфата во елетантен дует. Овој став завршува со меко заокружување на почетната тема. Третиот став има многу голема сличност со „La muerte del ángel“ – движењата во басот, ритамот и влезот на бандонеонот. Финалето е танцувачко танго. „Не знаев како да го завршам. И си реков себеси: Ќе им дадам танго, да им покажам на ерудитите дека знам да пишувам како нив, но, исто така, и дека пишувам како што јас сакам“, вели Пјацола за завршниот работен процес. На крајот додава дел насловен „Меланхолично финале“, нежно танго, кое се развива во фуриозно финале со чист, култивиран ритам. Меланхолијата и постојаното менување на мол и дур, екстремната артикулација, експресивните соло-делници и специфичното рубато го прават овој концерт еден од најатрактивните во опусот на Пјацола. Солистката Ана Коловска, заедно со оркестарот на Филхармонија и диригентот Борјан Цанев феноменално музички го обликуваа ова ремек-дело. Автентично ја пренесоа суштината на музиката на Пјацола која претставува сублимат на страст и емоции.

фото:Маја Аргакијева

„Мојата музика го поседува примитивното, автентично танго. Тоа може да се слушне во мојата музика. Тоа е всушност подлога. Над него е музиката која јас ја создавам, онаа која тече во моите вени. Јас сум човек на тангото“, изјави Пјацола во едно интервју непосредно пред неговата смрт во 1985 година.

Точно тоа е вистинското вербално обликување на музиката која ја создава овој аргентиски композитор – тангото е база на која Пјацола ја гради новата звучност, инспирирана од класичната музика и џезот. Тоа е начинот на кој го создава „танго нуево“ или „ново танго“ по кое ќе остане запаментен во светската историја на музиката.

Поради неговата желба да го приближи тангото поблиску до другите музички форми, тој беше отфрлен од своите сограѓани, на кои не им се допаѓаше начинот на кој го трансформира класичното танго. Неговата музика денеска е дел од глобалниот музички репертоар, го реинтепретираат Гидон Кремер, Јо Јо-Ма, Даниел Баренбојм, Ришар Галијано, Јоана МекГрегор, „Кронос квартет“, „Готан проџект“. Иако музиката на Пјацола денеска ужива глобална популарност, тој пред педесетина години ја делеше истата судбина како Чарли Паркер, Дизи Гилеспи и Телониус Монк кога беа обвинети за бибап ерес во џезот.

„Ако сакате да го смените тангото, требаше да научите да боксувате“, одговараше Пјацола кога го прашуваа како се справуваше со пуританците во Аргентина кои го обвинуваа дека го сквернави тангото.

Роден е 1921 година во Мар дел Плата во Аргентина, но израснал на Менхетен во Њујорк. Кога имал девет години, неговиот татко дошол дома со бандонеон, верзија на хармоника, од средината на 19 век, инструмент кој го направил Германецот Хајнрих Банд, за потребите на една црква која не можела да си дозволи да купи оргули или хармониум. Инструментот стигнал во Аргентина од германските морепловци и станал примарен инструментариум во танго музиката. Тоа е инструментот на кој откако неговото семејство ќе се врати во Аргентина во 1937 година, Пјацола ќе стане врвен мајстор. Неговата професионална кариера започнува на 18 години кога ќе се приклучи кон танго оркестарот на Анибла Троило, кој прв ќе го препознае неговиот неортодоксен начин на изведба.

„Те молам, немој да додаваш други ноти во мојата музика. На луѓето тоа не им се допаѓа и нема да сакаат да танцуваат“, му рекол Троило на Пјацола.

Но, амбициите на Пјацола уште тогаш биле поинакви – во 1954 година тој заминува со својата сопруга и двете деца во Париз, каде се запишува на студии по композиција кај Надја Буланже, легендарната професорка која прва ја согледала неговата музичка судбина, уште пред самиот тој да стане свесен за неа.

„Кога ја анализираше мојата музика,“, се сеќава Пјацола, „таа секогаш ги наоѓаше Равел, Стравински, Барток, Хиндемит во мојата музика. Никогаш не го наоѓаше Астор Пјацола. Таа сакаше да знае што правам. Бев засрамен. На крајот и реков: „Слушај Надја, јас свирам танго“. Таа ми рече: „Јас обожавам танго“. И тогаш и отсвирев танго. Таа ми рече: „Ти си идиот. Зарем не ти е јасно? Ова е твојата музика. Другото можеш да го фрлиш во канта за отпадоци!“.

Пјацола го создава квинтетот „Танго нуево“ кој претставува совршено балансиран музички механизам. Дел од албумите кои ги сними со овој состав имаат безвременски карактер – како „Live in Wien (1985) и „La Camorra“. Секој од музичарите кои свиреа во овој квинтет беа пасионирани изведувачи – пијанистот Пабло Зиглер, гитаристот Хорацио Малвикино, басистот Хектор Консоле и виолинистот Фернандо Суарез Паз.

Иако најголем дел од неговите композиции (околу 750) се напишани за овој квинтет, Пјацола создаде и дела за оркестар, биг бенд, за бандонеон, за виолончело. Неговиот иновативен пристап и третман на тангото, специфичниот контрапункт, ритам и хармонски структури на музиката ѝ дадоа препознатлив печат на музиката. Таа е единствена според емоцијата која ја носи со себе. Највпечатливи се токму тие делата кои емотивно се врзани со моменти од неговиот живот, како „Adiós Nonino“ која ја напиша по смртта на неговиот татко или „Обливион“ која ја создаде во периодот кога се бореше со депресијата.

Астор Пјацола до крајот на својот живот остана доследен на својот музички стил, создавајќи дела кои ѝ пркосат на традицијата, полни со страст, емотивност и музичка меланхолија.

Автор: Ангелина Димоска