Таму сум каде што сакам да бидам – Одблиску со Драгана Костадиновска, актерка во Македонскиот народен театар

За детството, младоста, соништата (желбите), за промените, за поразите…

Можеби затоа што најмногу си го сакам возрасниот живот, детството и младоста не ми се систематизирани по периоди или приказни во меморијата, па не ми оди од рака да зборувам за нив. Кога бев помлада бев многу похрабра, но и малку арогантна и понекогаш дрска. :))) Драго ми е што зрелоста ме направи многу поемпатична и сталожена, но мора да признам дека одвреме-навреме ми недостасува да си дозволам малку неодговорна младешка своеволност и храброст. :)))

Оваа година донесе толку многу промени поради кои малку потешко ми беше да продолжам да сонувам, но решив да си ги послушам душата и телото и сѐ да ставам на пауза. Одговор на три потпрашања во една реченица. :)))

Што научив од мојот професор…

Може да кажам дека сѐ уште учам од него. Иако физички не се присутни, има неколкумина личности во мојот живот чиј вредносен систем и начин на размислување останале како призма низ која знам да си ги проверам моите животни и професионални размислувања и одлуки. Мојот професор, Кирил Ристоски, е еден од нив.

Созревањето како актер ми се случи кога…

Немам одговор на ова прашање. Тоа е како да знам да одговорам на тоа „кога порасна?“ или „кога стана возрасна?“. Обично откако ќе се справиме со некој голем животен предизвик, загуба или болка, имаме чувство дека сме созреале, но зад аголот чека нешто уште посериозно и посложено.

Што значи да се биде жена актер (предности и мани)?

Без разлика дали станува збор за жена или маж, како некој се однесува кон својот позив, односно какво значење му дава е индивидуален пристап. Повеќе сакам да зборувам за потребата од професионалност, меѓусебна почит и поддршка меѓу колегите воопшто, отколку за разликите помеѓу жени и мажи уметници.

Реалноста е дека сѐ уште живееме во општество во кое доминира машкиот принцип. Ако ние жените си дадеме поголема предност, значење и поддршка една на друга, сметам дека тоа значително ќе придонесе за балансирање на таа состојба.

Актерството за тебе е: игра, професија или живот?

Никогаш не сум се идентификувала со професијата во смисла „театарот е мојот живот“, но многу ми било важно да работам и да се развивам во правец што ми бил по вкус и на начин на кој сум си го замислила. Се радувам што така се случи тоа и таму сум каде што сакам да бидам. Кога бев помлада бев категорична дека професионалниот и приватниот живот немаат никаква врска и не си влијаат, но излезе дека не е баш така. Понекогаш размислувам за тоа дали мојата потсвест знае дека репликите што ги повторувам од проба на проба, од претстава на претстава не се мои, дека тоа не сум јас, и тогаш ме фаќа страв. Сѐ си мислам дека е можно ликовите да ни остануваат во потсвеста, но не како одиграни улоги, туку како одживеани искуства, спомени, нѐ бележат.

Кога започнуваме еден креативен процес, претстава, на пример, во еден момент како да се отвора едно мало порталче низ кое се пренесуваме во друга реалност. Потресно и жестоко се бориме за ставовите, потребите и чувствата на некој лик таму. Во текот на пробите, порталчето (во моментов го замислувам како огледална маса што се отвора во флуоресцентен вртлог) станува сѐ пошироко и поголемо и сѐ повеќе нѐ голта. Ликот повеќе не е некој таму, туку е сеприсутен и реален. Кога повеќепати ќе поминеш ваму-таму низ некоја таква порта, не може повеќе да се правиш дека таа не постои. Постои и понекогаш ти е покомотно и ослободувачки да влезеш таму и да си поседиш подолго. :)))

фото: Трајче Галевски

Талент или среќа?

Конзистентност, истрајност и среќа, многу среќа.

Каде е театарот денес?

Го фаќа с’клет. :))) Знам дека не е литературен зборот, но го употребив. Можеби така се чувствува ларвата кога поминува низ метаморфозите до возрасна единка. Театарот е асоцијација за слободна мисла, слобода на изразување, чувствување, движење, поврзување – сѐ спротивно на ограничувањата наметнати од кризата и од протоколите. Важно е сѐ низ што тој поминува периодов за да биде метаморфоза, а не чекање.

Кое е твоето оружје за да се избориш за својот свет и идентитет како актер?

Доследност кон себе и мојот вредносен систем. Во професијата и надвор од неа.

Гласноста на актерот кон општеството за тебе е…

Уметноста мора да го отсликува и да го коментира времето во кое се создава. Затоа и не е опција да биде ставена на пауза за време на пандемијата. Уметникот, секако, треба да има однос и став кон општествените случувања и на нему својствен начин да рефлектира на нив. Некој можеби тоа ќе го прави гласно, некој преку своето дејствување, отпор или поддршка.

Како ѝ пристапуваш на секоја нова улога?

Со радост, почит и со малку страв.

Што би им порачала на режисерите?

Режисерите се тие што треба да го задаваат правецот. „Directing“. Така што, би им порачала почесто да нѐ водат во непознатото, а поретко да тргаме по пат што е веќе разгазен и сигурен.

Три книги:

„Сестрата на Зигмунд Фројд“ – Гоце Смилевски

„Балтазар и Блимунда“ – Жозе Сарамаго

„Краткиот чудесен живот на Оскар Вао“ – Џуно Диаз

Три филма:

„Queen Margot“ (1994)

„José and Pilar“ (2010)

„Invisible Life“ (2019)

Три серии:

„My Brilliant Friend“ (2018)

„Normal People“ (2020)

„Rome“ (2005)

Еден албум:

„No More Shall We Part“ – Nick Cave

видеo: Трајче Галевски