Кон „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Можете ли да ми кажете која е вашата приказна?

– Молам?

– Вашата приказна. Во неколку реченици. Не повеќе од десет.

Вака накратко можам да го опишам романот на Владимир Јанковски, „Скриени желби, немирни патувања“. Мало книгиче, а исполнето со толку многу човечки приказни. А сè започнува на еден аеродром. Место каде што поминуваат илјадници луѓе од целиот свет, секој носи нешто свое, секој остава нешто свое. Меѓу мноштвото ликови се извојуваат Бистра и Мартин, Давид и Павел. Бистра и Мартин се во брак, модерен брак, па Мартин, и покрај тоа што има сопруга дома, има потреба да флертува со други жени на друштвените мрежи, а Бистра има потреба да се затвори сама во хотелска соба што подалеку од сопругот и да биде, едноставно, сама. Павел е млад лик што трага по возбуда во животот. Него ништо не го усреќува, ништо не го задоволува комплетно. Во обидот да се пронајде себеси, тој донесува некои навидум чудни и незамисливи одлуки. Давид е музичар што целиот свој живот го посветува на музиката за во еден момент да сфати дека таа не го прави среќен.

Ликовите во приказната се одраз на денешнината. Сите се незадоволни од својот живот, но ретко кој има храброст да промени нешто. И покрај тоа што имаме сè, и сè ни е на дофат на рака, нам ни е досадно, не се чувствуваме исполнети, па трагаме по некоја дополнителна возбуда што ќе направи барем за момент да се почувствуваме живи. Надвор имаме едно лице, а дома, во четирите ѕида, пред огледалото, ликот се менува и на површина излегуваат скриените желби. И ретко кому му дозволуваме да ни го види тоа вистинско лице и да допре до вистинското „јас“.

А сите сме поврзани во овој бескраен универзум. Додека ја отвораме вратата од фрижидерот, на другиот крај на светот некој посегнува по пивото во својот фрижидер, за некој трет да погледне во своето бонсаи додека го пие пивото, а некој четврти да добие желба да гушне дрво.

Овој краток роман има навистина многу да понуди. Уникатен стил на пишување, многу моќни мисли, плејада од ликови, огледало на денешнината. Може да не ви се допаднат ликовите, да ве налутат нивните постапки, да се воодушевите од некои одлуки. Ама, дефинитивно, нема да останете рамнодушни.

Романот е македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика 2020“.

автор: Марина Стевковска